(ВИДЕО) Орце Ѓорѓиевски: Нема да дозволам приватизација на Јавните претпријатија

➡ Скопје е генерално руинирано изминатиов период. Дополнително во сето тоа влијаеше ангажманот на Арсовска, не за да ги подобри состојбите туку за да го доуништи градот. ➡ Говорејќи за тоа дали се точни одредени информации дека доколку стане градоначалник на Скопје веќе има договор дека најголемиот дел од јавните претпријатија ќе припаднат на луѓе од ВЛЕН и ЗНАМ, Ѓорѓиевски вели дека таков договор ниту има ниту пак некој разговарал за такво нешто.

„Една од причините за да се кандидирам за градоначалник и да станам градоначалник е дека Скопје во моментов не е метропола, односно ние сме многу далеку од оние стандарди и услови кои што треба да ги исполнуваме и создаваме како град, за граѓаните за нормално функционирање.

-Скопје е генерално руинирано изминатиов период. Дополнително во сето тоа влијаеше ангажманот на Арсовска, не за да ги подобри состојбите туку за да го доуништи градот, изјави за магазинот „Трилинг“, кандидатот за градоначалник на главниот град, Орце Ѓорѓиевски за тоа дали после повеќе три децении државотворност може да говориме за Скопје како за метропола.

Ѓорѓиевски вели дека тој бил првиот којшто влегол во конфликт со Арсовска и прв и се извинил на јавноста што дал поддршка за неа на минатите локални избори.

„Де факто таа е кардинална грешка и јас сум тука да ги поправам состојбите.

-Но кога говориме за немање на основни елементарни услови за живот тоа не е само изминативе четири години. Ние 30 години наназад немаме систем на функционирање во главниот град и затоа сме се довеле денес во ваков крах. Јас на моите настапи во изминатиов период не говорам за Луна паркот којшто планирам до јуни 2027 да е готов или не говорам за нов крак жичарница до средно Водно, не говорам за Универзална сала или некои други поголеми проекти. Јас говорам за тоа дека граѓаните немаат основни хумани услови за живот, а тоа е – недоволно и нередовно собирање на смет, микро депонии буквално на секој ќош, немањето на доволен број автобуси и тие што ги има доцнат, што значи дека ние од малите проблеми коишто го гушат нашиот народ во Скопје, не можеме да разговараме денес за поголемата слика, односно за проекти од поголемо значење за сите Скопјани. Не доволно на скопјани само да им организирате културни настани. Треба првенствено да им ги обезбедите основните хумани услови за живот, да имаат нормално, пристојно живеење во 21 век“, вели Ѓорѓиевски“.

Орце Ѓорѓиевски

За едно од неговите ветувања дека ќе го исчисти Скопје за 72 часа, Ѓорѓиевски вели дека за тоа е потребно добро менаџирање и организација..

„Јас сметам дека добро знам да ги организирам и решам проблемите, така што, како што најавив, во првите 72 часа, јас одговорно тврдам дека градот ќе биде исчистен и ќе се направи една голема генералка која што нема да ја направи само градот туку тука ќе помогнат сите општини. Тоа е организација. Ние изминативе четири години не сме имале координативен состанок со градот Скопје. Тоа е недопустливо без разлика кој на која политичка партија и припаѓа. Јас како претседател на ЗЕЛС мислам дека покажав изминативе години како треба да функционираме сите заедно кога станува збор за интересот на граѓаните. Јас во тие 72 часа освен што целосно ќе ја пуштам на располагање целата механизација на градот Скопје и јавните претпријатија, ќе ги повикам да се вклучат и сите општини, но и да се вклучат општествено одговорните компании. Сите ќе излеземе. И граѓаните ќе излезат“, вели Ѓорѓиевски.

За тоа како планира да се справи со урбаната мафија и со градежната експанзија која создава сериозен проблем во Скопје, Ѓорѓиевски вели дека тој како градоначалник на Кисела вода веќе покажал како тоа се прави.

„Јас мислам дека покажав како тоа се прави во Кисела вода. Прв што ќе го спомнам е меѓународниот конкурс за Расадник каде што требаше да има 99 згради, а сега нема згради. Во Црниче и Пржино откако јас сум градоначалник нема издадено одобрение за градба со повеќе од четири станбени единици. Во минатото на одобрение за градба на куќа по 28, 32, 40 станбени единици се издаваа. Истата пракса ќе биде и во градот Скопје, вели Ѓорѓиевски и додава дека за евентуален мораториум на одреден период за изградба на згради ќе одлучи заедно со неговиот тим од урбанисти, експерти кои ќе работат со него, потенцирајќи дека неговиот концепт е градот да се шири, но во периферија.

Прашан дали доколку има ингеренции за уривање дали ќе урива дивоградби, вклучувајќи го и Чаир и други општини Ѓорѓиевски дециден – Да.

„Има објекти во коишто живеат граѓани. Тие објекти треба да бидат безбедни и таму треба да се направат строги контроли. Јас не знам зошто досега државниот инспекторат не постапил. Тие дивоградби, најголемиот дел од нив, не се од вчера или завчера. Тие таму постојат по 15, 20 години, но треба да се провери каква е состојбата на истите. За делот на отпочнување на дивоградби, јас би бил поригорозен од било кој во минатото. Јас велам или нека се централизира целиот процес или нека да се дозволи Градот Скопје во наредните години да има своја градежна инспекција којашто ќе може да постапува, па во пракса ќе видите како изгледа тоа“, вели Ѓорѓиевски.

Тој вели дека пред се во градот ќе создаде систем, кој систем предвидува целосна функционалност на јавните претпријатија и без притоа, момент на слабост да предизвика да влеземе неподготвени за пожари, неподготвени за комуналните проблеми или да се доведеме во ситуација да не можеме да стигнеме од точка А до точка Б во движењето во главниот град.

Орце Ѓорѓиевски

Прашан за текот на предизборната кампања, каде што се навлага во прашања за тоа кој е патриот, кој предавник, кој е криминалец, кој е корумпиран, и дали смета дека обичниот граѓанин од Центар или Карпош на пример го интересира тоа во овој момент, Ѓорѓиевски вели дека тој во неговите настапи никогаш нема спомнато некој од противкандидатите, дури и во ситуација кога некои од неговите опоненти постојано на нивните настапи го прозиваат токму него.

-Ако Мицкоски е прозван од Филипче за нешто, и ако претседателот на партијата смета дека треба да биде одговорено на одредена теза или прашање тогаш тој одговара и тоа така треба да биде.

„Филипче нема кредибилитет во оваа држава за било што да говори, а најмалку за подобрување на социјалниот стандард на граѓаните, за предавства и се останато, кога знаеме од каде доаѓа и кој е негов главен ментор“, вели Ѓорѓиевски.

Говорејќи за тоа дали се точни одредени информации дека доколку стане градоначалник на Скопје веќе има договор дека најголемиот дел од јавните претпријатија ќе припаднат на луѓе од ВЛЕН и ЗНАМ, Ѓорѓиевски вели дека таков договор ниту има ниту пак некој разговарал за такво нешто.

„Во неумешноста да понудат решение, одредени политички партии измислуваат одредени состојби и визии за во перспектива. Сакам да кажам дека јавно претпријатие нема да биде приватизирано од моја страна. Ова одговорно го тврдам. Прв противник за тоа сум јас. Одговорно тврдам дека до сега се нема разговарано за евентуални директорски места, затоа што сите сме силно фокусирани да на што поголем број на наши сограѓани им ја презентираме нашата програма и визија за главниот град. После изборите ќе следи период кога ќе треба да се делува брзо во однос на кадровата политика, но на сите позиции ќе има лица коишто ќе бидат приближно спремни на она сум јас, да дадат се од себе за да нормализираме процесите и да ги подобриме условите во Градот Скопје. Јас нема да си дозволам луксуз да јас работам по 18, 19 часа во денот, а некој друг поради одредени коалициски договори да биде на позиција затоа што мора да биде. На градот Скопје му требаат работници. Јас сум работник и ќе дадам се од себе“, вели Ѓорѓиевски.

Целото интервју со кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, погледнете го во видеото.