(Видео) Огњаноска Ставровска: Не е мудро да се отвора фронтот со Атина

„Односите на релација Скопје – Софија веќе подолго време имаат призвук на затегнатост, ја доведуваат во прашање европската интеграција на државата. Секогаш мора да сме трагично оптимистични, но треба големо ниво на политичка мудрост особено во односите со соседите“ вели Лепосава Огњаноска Ставровска – докторанд на право на ЕУ во најновото издание на Трилинг.

За бугарската страна, вели дека изјавите се дадени во специфичен политички контекст, бугарските политички елити се во фаза на обид за формирање Влада. Смета дека „Договорот за добрососедство предвидува бугарската страна да го поддржува европскиот пат, ама реално се соочивме со блокирање. Таквиот договор е прекршен, последиците се почувствуваа на нашата страна. Овојпат мислам дека ја доведоа целата политика на проширување во регионот“.

За тоа дали отворањето на фронт и кон Бугарија и кон Грција ќе се одрази на македонскиот интегративен пат, Огњаноска Ставровска со став „Да, ќе се одрази. Преспанскиот договор е поразличен. И односите со Атина беа пријателски, стабилни. Не е мудро да се отвора фронтот со Атина, станува збор за политичка реалност. Постои освестување дека реотварањето на такви прашања нема да доведе поповолна положба“.

„Секоја изјава дадена од лица кои се носители на јавна функција се смета за официјална изјава. Договорот има член со кој двете старни може да ја користат именката Македонија и придавката македонски. Провокациите настанаа како последица на изборната кампања. Треба да усвоиме некоја стратегија“ вели таа.

Европа, според неа, „последните години страда од политичко лидерство и визионерство. И ЕУ последните години поминува низ процес на редефинирање. Проширувањето на ЕУ не беше особен приоритет ниту во изминатиот период. Сега со порастот на крајно десничарските партии во Европа, целиот геополитички императив ќе биде предмет на дискусија“.

„Мислам дека не треба да размислуваме за тоа дали треба да ја следиме надворешната политика на Франција или било која друга држава, туку треба да покажеме мудрост и визионерство за формирање на една наша надворешна политика која ќе ги оствари стратешките цели. За да се има таков пристап, треба да се има верба во државата“ вели Огњаноска Ставровска.