„Неформалната економија е продолжение на посттранзицискиот период на македонското општество. Тука пред се зборувам за високата невработеност која постоеше, сивата економија и емиграцијата се јавија како облици на алтернативно прилагодување на пазарот на труд. Неформалниот сектор вклучува цел спектрум на лица кои се инволвирани“ – вели проф. д-р Димитар Николоски од Економски факултет – Прилеп во најновото издание на Трилинг.
На прашање зошто се толерира високата стапка на сивата економија вели „Даночниот морал е на ниско ниво, животниот стандард е на ниско ниво и треба да се надоврзе да се најде пристојно вработување во неформалниот сектор. Би требало да се влијае на намалување на сивата економија. Таа е поврзана и со степенот на економски развој“.
„Дигиталната трансформација која се случува во глобални рамки доаѓа и кај нас, тоа беше поттикнато и од пандемиската криза. Веќе не претставува чудно работењето од дома, новите форми како фриленсингот, тие и во светски рамки не се целосно регулирани. Тоа е феномен кој дополнително треба да се регулира“ вели Николоски.
На прашање дали повисоките плати ќе го зголемат дефицитот на државниот долг, професорот вели „Платите пред се во администрацијата влијаат на државниот долг, но треба да зборуваме за поврзаноста на платите со продуктивноста на трудот. Секако платите треба да ја следат продуктивноста на работниците, и порастот на платите влијае врз самата продуктивност, може да ги мотивира работниците да вложуваат труд. Денеска продуктивноста на трудот е централна тема, затоа што ја определува конкурентноста на компаниите“.
„Продуктивноста на трудот е важна променлива величина која влијае врз амортизирање на порастот на платите да не се прелее во сегментот на порастот на цените на производите и услугите“ вели Николоски.
За иселувањето на младите, на прашање што е потребно за младата полулација да не се иселува од земјата ако платите не се пресуден елемент, вели „Емиграцијата е горлив проблем за цел Западен Балкан. Младите не гледаат голема перспектива во регионот, разликите во плати кај нас и во земјите кои се традиционална дестинација на младите се фактор, но целокупниот амбиент на живеење и бизнис климата треба да се подобрат. Слабата функционалност на институциите во државата треба да се подобри, корупцијата исто така. Тоа се примарни фактори кои влијаат на мотивацијата на младите. Порака до сите идни влади – да се работи во овие сегменти“.