(Видео) Николоски: Пендаровски призна дека се среќавал со консултантот Асаф Исеин, да одговори од која сметка го плаќа?

Стево Пендаровски вчера призна дека користи консултантски услуги од контроверзниот консултант Асаф Исеин. Прашањето е дали тие консултантски услуги е само во делот на стратегии или можеби влегуваат и во изборни активности кои што се работ на законот, рече денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој вели дека „Стево Пендаровски вчера пред целата македонска јавност призна дека Асаф Исеин е ангажиран од СДСМ, политичката партија која го кандидира Стево Пендаровски за претседател во 2019тата и 2014тата година и која што ќе го поддржи на овие претседателски избори кои што тој ќе ги изгуби“.

Според Николоски, се поставуваат неколку прашања:

„Првото прашање е на кој начин е овој контроверзен консултант ангажиран? Уште колку лица заедно со него се ангажирани? Колку чини неговиот ангажман и кој го плаќа неговиот ангажман? Од која сметка се плаќа неговиот ангажман? Дали се плаќа од сметката на СДСМ, и ако е така зошто го нема во ревизорските извештаи на СДСМ?

Доколку пак е ангажиран за изборната кампања на СДСМ, дали се свесни во СДСМ дека прават кривично дело, имајќи во предвид дека изборните сметки се уште не се отворени и не можат да се преземаат финансиски активности поврзани со изборите.

Понатаму, се поставува прашањето дали можеби има договор со некоја државна институција и на тој начин е ангажиран, или можеби најлошото дали е можеби платен од некоја странска држава која што сака да направи услуга на СДСМ и на Стево Пендаровски“.

“Според нашите сознанија во последните 20 дена 3 пати Асаф Исеин престојувал во Македонија на по неколку дена, што значи дека последните 20 дена најмалку 10-тина дена бил присутен во Македонија“ рече Николоски.