(Видео) На Харвард се изучува грчки, албански, српски, хрватски, бугарски, а македонскиот никаде го нема
На престижниот Харвард студира Лука Павичевиќ. За тоа што значи да си македонски студент на еден од најреномираните светски универзитети, тој вели „Не забележувам дека сум различно третиран од професорите или колегите, сите сме подеднакви. Ова за мене е чест да ја промовирам Македонија, културата, науката. Дефинитивно моите професори би ги издвоил, врвни стручњаци се во своите области, експерти, а толку приземни и отворени да помогнат на студентите. Ресурсите што ги нуди универзитетот, библиотеките се беспрекорни“.
Студира историја, па ако се направи компарација меѓу македонскиот и американскиот образовен систем вели „Апсолутно, делиме голем дел на проблемите, што е ефективно учење, колку знаењето е применливо, како да се овозможи малцинските заедници да имаат образование според потребите. Нешто што ме изненади, мојот професор зборуваше со загриженост за тамошното образование, Американците го поставуваат прашањето зошто ние не сме први. Ние пак во Македонија, секој наш резултат беше далеку под просекот, а ние колективно се однесуваме со таква смиреност како да сме на првото место“.
За тоа до кога нашите универзитети ќе се на дното на Шангајската листа вели можеме да ги подобриме резултатите, но вели не се инвестира доволно кај нас во високото образование.
Павичевиќ со став за опаѓањето на интересот за изучување на хуманистичките науки, вели доколку во Македонија има вакви срамно мали бројки студенти заинтересирани за изучување на македонски јазик, ќе судриме со недостаток на кадри кои ќе треба да ги учат следните генерации.
„Има страшна негрижа. На Харвард се изучува грчки, албански, српски, хрватски, а македонскиот никаде го нема. На Харвард постоел славист кој ја напишал првата македонска граматика на англиски јазик, соработувал со Блаже Конески. Државата покажала негрижа и не го промовира сопствениот јазик и култура“ вели Павичевиќ.
Александар Николовски, претседателот на Националното студентско тело во најновото издание на Трилинг вели дека „Она што е тренд е дека има намалување на број на студенти, нема огромна бројка на намалување. Има промена во структурите, повеќе студенти одат во приватните универзитети“.
За тоа дека има тенденција студентите се повеќе да се запишуваат на техничките науки, на сметка на хуманистичките ќе рече „Не е баш така. Најголем дел од бруцошите ја следат толпата. Пред 20 години тренд било да се запишат на англиски, сега тренд е да се запишеш на ФИНКИ. Има промени во однос на природноматематичките науки. Има надолен тренд“.