(Видео) На Ердоган му се слоши за време на интервју

Турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган (69) одржа три предизборни говори пред парламентарните и претседателските избори на 14 мај, но му се слоши за време на интервјуто.

Вечерта требаше да ја заврши со интервју во живо за Улке ТВ и Канал 7. Но, неговото телевизиско појавување доцнеше повеќе од 90 минути, а потоа беше прекинато за време на интервјуто.

Камерата се затресе, а новинарот кој го поставуваше прашањето стана од столот, па преносот беше прекинат, јавува Дневник.хр.

Од зад камерата се слушнал неидентификуван глас како воздивнува. Ердоган се врати околу 15 минути подоцна и се извини, објаснувајќи дека му е лошо.

„Вчера и денес беа напорни денови. Добив стомачен вирус. Во еден момент се запрашав дали би било погрешно ако го откажеме интервјуто. Но, ветивме. Барам прошка од вас и од нашата публика“, рече Ердоган.

Неговото лице изгледаше уморно, а очите му се стеснија додека зборуваше. Турскиот лидер потоа одговори на уште неколку прашања пред да заврши.

Ердоган и неговата партија доминираа со турската политика во последните 20 години. Сепак, оваа изборна кампања претставува еден од најтешките предизвици на Ердоган за време на неговото долго владеење.