(Видео) Најголема размена на заробеници меѓу Русија и Украина од почетокот на војната

Руското Министерство за одбрана објави дека Русија и Украина размениле стотици затвореници во најголемата размена од почетокот на војната.

Руското Министерство за одбрана објави дека Русија и Украина размениле стотици затвореници во најголемата размена од почетокот на војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека како дел од размената, со посредство на Обединетите Арапски Емирати, Украина вратила дома 277 воени заробеници. Во објавата тој напиша:

„Севкупно, од почетокот на сеопфатната војна, ние успешно донесовме дома 4.552 луѓе – и борци и цивили – од руско заробеништво. Се сеќаваме на сите оние кои се уште се во заробеништво. Ги бараме сите што би можеле да бидат таму. Мораме да ги вратиме сите дома“.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска прогласи едностран велигденски прекин на огнот во Украина, наредувајќи им на своите сили да ги прекинат сите непријателства во сабота и недела, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски потегот го нарече „игра со човечки животи“. Путин нареди прекин на сите непријателства од 18 часот. Московско време во сабота до крајот на денот во недела.

„Врз основа на хуманитарни причини…руската страна објавува Велигденски прекин на огнот. Наредувам прекин на сите воени активности во овој период“, му рекол Путин на својот воен началник Валери Герасимов на состанокот во Кремљ.

„Претпоставуваме дека Украина ќе го следи нашиот пример. Во исто време, нашите војници мора да бидат подготвени да ги одбијат можните прекршувања и провокации на непријателскиот прекин на огнот, како и какви било агресивни дејства“, додаде Путин.

Според шефот на руската држава, украинскиот одговор „ќе ја покаже искреноста на режимот во Киев, неговата волја и способност да ги почитува договорите, да учествува во процесот на мировни преговори насочени кон елиминирање на основните причини за украинската криза“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди „обидот на Путин да си игра со човечки животи“.

„Нов обид на Путин да си игра со животите на луѓето“, напиша Зеленски на Телеграм, нагласувајќи дека руските дронови откриени на украинското небо го покажуваат вистинскиот однос на Москва кон Велигден и животот на луѓето. Но, тој не го формулираше јасно одговорот на Киев на предлогот за прекин на огнот.

Американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио во петокот изјавија дека Соединетите Држави ќе ги напуштат напорите за постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина доколку наскоро нема јасни знаци за напредок.