
(ВИДЕО) Над еден милион луѓе на протести низ француските градови против мерките за штедење, тврди синдикатот
Синдикатите што повикаа на штрајк се залагаат за напуштање на предложените намалувања на буџетот, замрзнување на социјалните бенефиции и други мерки за штедење. Тие веруваат дека овие мерки дополнително ќе ги погодат џебовите на ниско платените работници и луѓето од средната класа, а поради тоа веќе паднаа две влади.
Над еден милион луѓе низ цела Франција учествуваа денеска на демонстрациите организирани од осум француски синдикати во обид да влијаат врз новиот премиер и неговите буџетски одлуки, соопшти синдиокатот Се-Же-Те (CGT), еден од двата главни синдикати.
Овој број е поголем од оние што излегоа за време на последните големи демонстрации против пензиската реформа во јуни 2023 година, кога, според истиот синдикат, се собраа 900.000 луѓе.
GRÈVE / 18 SEPTEMBRE : La tension monte à #Rennes où les forces de l’ordre encerclent la gare ferroviaire qui a été fermée par les autorités. Des grenades lacrymogènes sont tirées et un hélicoptère survole la zone.#greve18septembre pic.twitter.com/Q8OKxUxfg2
— Infos Françaises (@InfosFrancaises) September 18, 2025
Властите сè уште не објавија информации за бројот на луѓе на демонстрациите.
Американските медиуми наведуваат дека во текот на денот беа организирани штрајкови во сообраќајот, што влијаеја на работата на метрото во Париз, забавување на сообраќајот и блокади во знак на протест против владата на претседателот Емануел Макрон и нејзиниот предлог за намалување на финансирањето на јавните услуги, кои го поддржуваат францускиот начин на живот.
Првиот солзавец се слушна уште пред зори, во судирите меѓу полицијата во опрема за немири и демонстрантите во Париз.
Низ цела Франција, за денеска беа најавени 250 собири како дел од граѓанската акција „Блокирај сè“ започната на социјалните мрежи, додека синдикатите најавија „црн ден“ со штрајкови, нарушена работа во училиштата и во сообраќајот.
Се очекуваше стотици илјади луѓе да бидат мобилизирани за да го изразат гневот поради растечката сиромаштија, проширувањето на нееднаквоста и тешкотиите на работниците со ниски плати да врзат крај со крај.
Ова е втор ден мобилизација во последните осум дена, по демонстрациите „Блокирај сè“ на 10 септември. Осум синдикати повикаа на протести и денеска.
Синдикатите што повикаа на штрајк се залагаат за напуштање на предложените намалувања на буџетот, замрзнување на социјалните бенефиции и други мерки за штедење.
Тие веруваат дека овие мерки дополнително ќе ги погодат џебовите на ниско платените работници и луѓето од средната класа, а поради тоа веќе паднаа две влади.
Штрајковите имаат за цел да го зголемат притисокот врз новиот премиер Себастијан Лекорни, кој беше назначен од Макрон минатата недела. Макрон го задолжи да обезбеди парламентарна поддршка за мерките за штедење што ги соборија неговите претходници.
Железничарите во штрајк накратко го нападнаа седиштето на Министерството за економија во Париз, оставајќи зад себе чад во воздухот.
Владата соопшти дека распоредува исклучително голем број полицајци, околу 80.000, за одржување на редот. На полицијата ѝ беше наредено да ги расчисти сообраќајните блокади и други обиди да ги спречи оние кои не протестираа да си ја вршат работата.
Париската полиција употреби солзавец за да ја прекине блокадата на автобуската станица рано утрово.
Француската телевизија објави спорадични судири во градот Нант, на запад, и во Лион, на југоисток, каде беше употребен солзавец, а демонстрантите фрлаа разни предмети кон полицијата.
Според најновиот извештај на француското Министерство за внатрешни работи, низ целата земја се уапсени 140 лица, од кои 75 се во полициски притвор, вклучувајќи 16 во Париз. Во немирите се повредени и осум полицајци, пренесе „Ла Паризиен“.