Пред натпреварот меѓу Шкупи и Левски Софија во Скопје имаше неколку инциденти. УЕФА истиот го прогласи за меч од висок ризик и со право. Голема група фанови од Бугарија допатуваа да го бодрат својот миленик на Арената „Тодор Проески“.
Дел со организиран превоз, дел со сопствени возила, голем број навивачи на Левски допатуваа во Скопје. Дефинитивно најлошо мина една група која со својот автомобил мина низ населбата Чаир. Министерството за внатрешни работи на Македонија потврди дека четворица Бугари биле физички нападнати на улицата „Цветан Димов“ во Чаир, а еден од нив бил прободен со нож и заврши во болница.
„На 27.07.2023 во 18.38 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ физички биле нападнати Д.А. (29), Д.Ј.(28), Ф.Д.(31) и М.С.(30), сите од Република Бугарија, при што бил употребен и остар предмет, со кој бил повреден Д.А. Тој бил пренесен во ГОБ „Св.Наум Охридски“, каде му биле констатирани тешки телесни повреди, но според пријавеното од болницата, лицето е во стабилна состојба. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во извештајот на МВР.
Нереди имаше и при влегувањето на бугарските навивачи на стадионот, по што реагираше полицијата и мораше да апси дел од хулиганите.