
(Видео) Муртезани: И со договор со Бугарија може да бидеме блокирани, но за тоа самите ќе бидеме криви
Говорејќи за податокот дека до пред неколку месеци немањето политичка Влада во Бугарија се користеше како алиби за неможност да се релаксираат односите со Софија, а сега кога во Бугарија има редовна Влада, и за тоа кој ја спречува македонската страна да влезе во директен дијалог со бугарските колеги и да го деблокира проблемот, разликите кои постојат помеѓу двете соседни држави, Муртезани вели дека најголемата пречка е недостигот на доверба.
„Ако ги гледаме напорите од новата администрација на чело со претседателот Трамп, мислам дека се спрема теренот за примирје, односно за трајно решение кое ќе воспостави мир во тој дел од светот. Ние како Северна Македонија нашата позиција ја градиме во тесна комуникација со нашите евроатлантски партнери. Само да посочам дека нашиот став во однос на руската инвазија врз Украина е дека е инвазија, агресија на суверена држава и ние во неколку наврати сме пружиле не само дипломатска, туку и воена и хуманитарна помош“, вели министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, одговарајќи на прашањето дали на сцена е примирје во руско-ункраинскиот конфликт или имајќи предвид сликите што ги видовме со Путин во воена униформа може да следува разгорување на војната.
Муртезани смета дека сите иницијативи од претседателот на САД, Доналд Трамп, се позитивни знаци коишто треба и може целиот овој конфликт да го завршат со договор којшто ќе воспостави мир.
„Нормално дека никој нема волшебно стапче. Ние видовме како почна и како се движи процесот во моментов, но со секој изминат ден, како што се вклучуваат различните страни, мислам дека изгледите се големи брзо да имаме мирно решение во Украина, додава Муртезани.
Говорејќи за македонското коспонзорство на резолуцијата на САД во ОН поврзана со Украина и како тоа би се одразило на аспирациите на Северна Македонија во однос на проширувањето на ЕУ, Муртезани вели дека ние во однос на таквите прашања треба и во иднина околу таквите прашања да стоиме како што стоел целиот регион.
„Ние имаме стратешка цел да станеме членка на ЕУ и имаме стратешки договор со САД. Тие процеси не се спротивни едни на други туку се поврзани и ние можеме истите процеси да ги тераме напред заедно, особено поради фактот што позициите на ЕУ и на САД во однос на стабилноста, мирот, просперитетот на Западниот Балкан не се косат, туку малтене се исти.
-Во ваква политичка консталација нас како држава и регион ни се овозможува простор со заедничка координација со нашата стратешка цел – ЕУ и нашиот стратешки партнер САД да најдеме заеднички став, притоа носејќи ги напред двете стратешки цели, вели Муртезани.
Муртезани вели дека верува во скората остварливост на процесот на проширување на ЕУ и додава дека има еден факт кој што ги побива сите тези на евроскептицизмот, дека Европа не не сака и дека ние не сме заинтересирани.
„Тука е Планот за раст за земјите од Западен Балкан и конкретно Северна Македонија. Европската унија за три години доделува шест милијарди евра за регионот – стриктно со иницијативи и чекори коишто го зајакнуваат и поврзуваат регионалниот пазар со единствениот пазар – ЕУ. Пред неколку дена ние станавме членка на СЕПА (единствената област за плаќање во евра) без да станеме членка на ЕУ и без да го одблокираме процесот на преговори. Има многу други вакви иницијативи коишто градуално нас не вклучуваат де факто да функционираме во склоп на механизмите и институциите на Европа без да станаме членка.
-После инвазијата на Русија врз Украина, Европа има геополитички интерес целиот Западен Балкан да го интегрира и тоа го прават не само со декларативни заложби, туку и со вакви круцијални финансиски проекти коишто без ние формално-правно да станеме членка на ЕУ ќе ги користиме сите бенефити кои ги користат земјите членки“, смета Муртезани.

Министерот за европски прашања смета дека Северна Македонија сѐ уште останува помеѓу најподготвените држави за пристапување кон Европската унија.
„Мое лично убедување, а тоа го гледам и од моите секојдневни контакти со Брисел е дека ние ако во скоро време го решиме проблемот со Бугарија, јас сум многу убеден дека во склоп на 2030-та ние потенцијално би помежеле да станеме полноправна членка на ЕУ“, вели Муртезани и додава дека „трампизмот“ не ги менува приоритетите на надворешната политика на Македонија, заради тоа што ние сме многу мала држава и како таква ние мора да одиме и стратешки и билатрално како со земјите од регионот така и со други земји.
„Продлабочувањето на билатералните односи со САД не се косат со стратешките приоритети на нашата држава и сите идни потенцијални продлабочувања на билатералните односи ние треба да ги гледаме низ призмата на стратешката определба на државата“, вели Муртезани.
Говорејќи за податокот дека до пред неколку месеци немањето политичка Влада во Бугарија се користеше како алиби за неможност да се релаксираат односите со Софија, а сега кога во Бугарија има редовна Влада, и за тоа кој ја спречува македонската страна да влезе во директен дијалог со бугарските колеги и да го деблокира проблемот, разликите кои постојат помеѓу двете соседни држави, Муртезани вели дека најголемата пречка е недостигот на доверба.
„Ние го направивме првиот чекор. На маргините на Конференцијата во Минхен имаше прва средба помеѓу министрите за надворешни работи. Има комуникација која што треба да се спушта и на институционално ниво и да се прошири. Јас сѐ уште сметам дека со соседна Бугарија имаме безброј теми на кои може да соработуваме и да работиме заедно без притоа да збориме за уставните измени. Според мое мислење, првиот чекор е воспоставувањето на довербата којашто ќе создава фундамент за градење на идно решение. Без ваков пристап мислам дека секој ќе седи во својата позиција и на тој начин ќе оневозможиме наоѓање на заедничко решение“, вели Муртезани.
За тоа дали во македонската влада има волја да се изгласаат уставните промени за внесување на Бугарите во Уставот, Муртезани вели дека формално-правно таков чекор ќе се покрене кога во Собранието ќе има двотретинско мнозинство.
„Но тоа за коешто ние со дипломатски напори се залагаме е процесот на проширување да го направивме попредвидлив, бидејќи ние имаме повеќекратно искуство со редовни блокади во нашиот процес на пристапување во ЕУ и тоа искуство и тие фрустрации не прават многу повнимателни во однос на проекциите за иднината. Сите информации, можности кои би значеле предвидливост на процесот на преговори и завршување на пристапувањето мислам дека би било добредојдено. Се што ќе значи дека процесот на преговори ќе заврши без притоа да биде блокиран за нас е добредојдено, без притоа да застанем во конкретна формулација или конкретна гаранција.
-Овој процес на блокирање на проширувањето на ЕУ веќе не е само проблем за Македонија. Станува проблем и за кредибилитетот на самото проширување и за кредибилитетот на ЕУ. Во сите инситуции на сите нивоа во Брисел има многу луѓе коишто ги делат нашите грижи и аргументи и коишто сметаат дека овој процес веќе станува редовна пракса во Брисел, вели Муртезани и додава дека исто така многу важно е и успешното спроведување на реформите, бидејќи и да се најде решение со Бугарија нашиот процес повторно ќе биде блокиран, но за тоа самите ќе бидеме криви.“
„Сите блокади до сега не биле предизвикани од нас, затоа ние сакаме тоа што во Брисел е како преамбула – Стриктно, но коректно, спремни сме тоа да го тераме и се што е поврзано со зајакнување на здравјето на демократијата, на правната држава, на зајакнувањето на економијата, спремни сме да го изодиме, но не со блокади коишто не се предизвикани од нас и уште помалку коишто не се поврзани со процесот на преговори“, потенцира Муртезани.
Говорејќи за тоа дали постои временска рамка кога би можеле да се изгласаат уставните измени, Муртезани вели дека и тој и премиерот во неколку наврати кажале дека се спремни да го потегнат тоа прашање, доколку се добие сигнал дека процесот на преговори нема понатака да биде блокиран.
„Вие знаете дека постојат уставни и законски рокови колку време е потребно за тоа, но во однос на суштината на уставните измени никој нема дилема, како и во однос на преговарачката рамка. Се тоа што е дефинирано ние сме спремни да го тераме напред, само да бидеме сигурни дека понатаму нема да бидеме блокирани за причини и теми коишто не се поврзани со текот на реформите“, изјави министерот за Европски прашања Орхан Муртезани.

ВРЕДИ пред да влезе со Владата испорачуваа барања дека со очекуваат со влез во Извршната власт, во времеска рамка од шест месеци да бидат спроведени уставните измени.
„Сите ние знаме дека ВРЕДИ нема доволен број на пратенци во Собранието за да можеме самите да потегнеме промена на Уставот. И претходната владина гарнитура проба во Собранието да потегне промена на Уставот, но без ВМРО-ДПМНЕ ни тогаш, ни сега тоа политички не може да успее. Бидејќи без ВМРО-ДПМНЕ не може да успее, ние сме должни да најдеме решение со консензус коешто ќе ги вклучи сите. Се додека не наоѓаме решение коешто ќе биде прифатливо за сите и коешто ќе ја гарантира, бидејќи тука е поентата, европска иднина на државата, се тоа што порано се правеше на крај заврши со вето. И сега доколку го смениме Уставот и тоа пак заврши со вето, евроскептицизмот и фрустрациите во тој момент ќе растат толку што се плашам дека политичарите нема да можат отворено да зборат за европската перспектива на државата“, вели Муртезани.
Говорејќи за тоа дека освен Унгарија и Словачка, сите премиери и најмоќни членки на ЕУ имаат критичка дистанца кон новата американска политика, дека пречесто сме во прегратките на Орбан и има блискост со политиките на Вучиќ и дали ние имаме конзистентна надворешна политика, Муртезани вели дека Северна Македонија има надворешна политика која се базира на стратешките определби и интереси на државата.
„Не би се согласил особено за делот околу Србија, бидејќи да беше така ние првата меѓувладина конференција надвор од земјата ќе ја држевме во Белград а не во Приштина. Ние сме мала земја опкружена со соседи и како таква мала земја мора да држиме подеднакво добри односи со сите наши соседи во Западен Балкан. Што се однесува до Унгарија, поддршката што доаѓа од било која земја членка на ЕУ е добродојдена особено од страна на Унгарија која што подолг период не поддржува во нашата аспирација да станеме членка на ЕУ. За тоа кои земји се критични кон новата админстрација на Трамп, јас нема да навлегувам дали нивните интереси се загрозени или не, ние нашата надворешна политика ја темелиме на нашите заеднички заложби за мир, демократски вредности и заеднички просперитет.
-Во овие точки каде што се наоѓаме со нашите стратешки партнери секако дека делуваме заеднички, вели Муртезани.
Осврнувајќи се за тоа колку интерпелациите за членовите на Судскиот совет изгласани во Собранието е во насока на доброто владеење, Муртезани вели доколку има некој тема за која Брисел има нула толеранција тоа е владеењето на правото и правосудниот систем.
„Колку што ќе градиме поефикасен и подобар систем којшто ќе се рефлектира со владеењето на правото и правната држава, толку нас ќе ни биде полесно откако ќе ги отвориме преговорите. Оваа тема не е битна само заради нашата економија, нашите граѓани, туку процесот на пристапувањето во ЕУ нема да може да се заврши ако ние не се нафатиме да направиме сериозни реформи во правосудниот систем. Доверба од само два отсто во очите на граѓаните значи очајна потреба од ургентни реформи. Сите сигнали коишто доаѓаат од Брисел се дека се неопходни реформски зафати, но тоа што Брисел сака да го види е одредено политичко влијание во институциите, конкретно во правосудството, да не се заменува со друго политичко влијание. Мислам дека тука сета таа загриженост ние треба сериозно да ја слушнеме и да ја имаме предвид во нашите настојувања за регорми во правосудството“, потенцира Муртезани
На прашањето дали мисли дека со разрешувањето на Републичкиот јавен обвинител Коцевски и со разрешувањето на дел од членовите на Судскиот совет ќе се врати довербата во македонското правосудство, Муртезани вели дека не сака да ја коментира законската рамка околу иницијативата, но она за кое е сигурен е дека ако оваа реформа се поставува на правилни нозе и правилно се искористат препораките на Брисел во однос на реформите што не чекаат, тоа ќе биде солидна основа за градење на доверба во правосудниот систем.
Целото интервју дадено за магазинот „Трилинг“ на министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, погледнете го во видеото.