„Не е важно колку, туку за што се задолжуваме. Тоа е главната тема на дискусија. Доколку се употребат за капитални инвестиции, сето тоа би имало ефект. Од друга страна не се согласувам со трошење средства, позајмување за повисоки плати и пензиии и за социјални транфери“ вели Никица Мојсовска-Блажевски – извршна директорка на „Македонија 2025“.
Смета дека „Задолженоста расте, а имаме потреба од големи инвестиции. Има потреба од структура на расходите. Новата влада ќе има голем предизвик со јавните финансии. Има џебови во економијата, каде има можност за дополнителни приходи. Ни недостасува визија и имплементација. Не сме имале силни државници со силна визија. Не можеме да излеземе од сегашноста. За мене решението е во тоа како да помогнеме на компаниите кои се успешни да извезуваат повеќе. Мора да извезуваме“.
Мојсовска-Блажевски за тоа колкав економски раст ни е потребен за да имаме добар економски развој вели „Морам да го споменам периодот од 2006 до 2009 година. Тогаш имаше јасна визија дека требаше да привлечеме странски инвестиции. Се зголеми БДП-то. Потоа во рамки на финансиската криза мерките беа позитивни. Сега веројатно треба да работиме на привлекување на инвестиции, но моделот треба да е различен“.
„Мора на домашните компании да им се помогне да станат конкурентни. Треба да има инвестиции. Би предложила голема стимулација на иновативноста и продуктивноста кај бизнисите и субвенции од државата во таа насока, евтини кредитни линии“ вели извршната директорка на „Македонија 2025“.
Таа смета дека кај нас бројот на вработени луѓе е околу 700.000, а исто толку луѓе се неактивни, работоспособно население неактивно на пазарот на труд.
За тоа како да се задржат луѓето во Македонија кога не е само платата проблем за напуштање на државата, туку и амбиентот во кој се наоѓаме, Никица Мојсовска-Блажевски вели „Квалитетот на живот е проблем. Ова е период во кој се одлучува каков ќе биде нашиот развоен пат понатаму. Доколку видиме сериозна политика од новата Влада, можеме да растеме многу побрзо како земја и да се спречи, барем делумно, емиграцијата. Да го подобриме тука животот за да не емигрираат младите“.
Смета дека „дигитализацијата ќе се случи и таа е моќна алатка за борба против корупцијата“.
Што би било мотив за странските инвеститори да влезат на македонскиот пазар – на ова прашање вели дека „имаме субвенции, има и задоволни странски инвеститори, некои реинвестираат, не треба да биде тоа стихиен процес. Треба да знаеме какви инвестиции сакаме. Не знаеме што сакаме да привлечеме. Јас сум за секторски пристап, да бидеме свесни дека тоа е процес на кој треба да се работи“.