(ВИДЕО) Младиот правник Кофиловски со порака: Законите се добри, но не и нивната примена

➡Случајот со мојата мајка не само што беше доволен, туку беше и централен мотив зошто јас се запишав на Правниот факултет. Вашата мајка да биде незаконски разрешена, па подоцна да и биде даден отказ од нејзиното работно место и во текот на тој период постојано да и биде вршен мобинг, притисоци, закани не само спрема неа, туку и спрема целото семејство и нејзините блиски е нешто коешто за дете коешто е беспомошно и не може никако да и помогне е тешко за поднесување. Токму затоа од тој ден се одлучив за овој пат, патот до правосудството, за утре, за било кое дете да се најде во таа моја положба да му биде пружена помош, вели Кофиловски.

„Да се биде денес дипломиран правник, само по себе си носи и голема гордост и благодарност кон оние што ни помогнале да станеме правници, но истовремено носи и голема одговорност спрема самото општество. Во нашата држава правото е болна точка. Болна точка за овој народ, за овие јавни институции. Да се биде дипломиран правник не значи само обврска да се придонесе кон создавање на нови или подобри закони. Токму спротивното. Јас сметам дека законите се соодветни. Да се биде добар правник значи да се тргне од себе си. Самите наши постапки и дејствија коишто ги правиме да бидат усогласени со идејата на законодавецот, но и со она што општеството го смета како правично и праведно“, изјави за магазинот „Трилинг“ Стефан Кофиловски – првенец на генерацијата 2023-2024 и најдобар студент на правниот факултет „Јустинијан Први“ на прашањето што значи денес да се биде дипломиран правник во време кога правдата изостанува и многу луѓе велат дека се обесправени.

На прашањето каде потфрламе и во кој дел, доколку веќе велиме дека законите се добри, Кофиловски смета дека самото спроведување на законите е она што во овој момент суштински и недостасува на нашата држава.

„Самата идеја и концепција на законите како што сега е востановена е прилично добра и компаративна со европските правни системи. Затоа сметам дека правилното извршување на законите, онака како што се замислени, а и не секогаш како што се напишани е најважно во нашата држава.

-Правдата е бавна кај нас поради повеќе причини. Главна причина се самите неразумно долги судски судења и одлуки кои што ги носат самите судии. Исто така сметам дека кај нас правдата е бавна поради општиот менталитет на самиот народ. Се разбира, Македонија е држава како и секоја друга, но кај нас недостасува малку поголема колективна свест во исполнување на правните норми. Треба граѓанинот не да биде поттикнат од самиот закон или пак од казната за да ја исполни правната норма, туку и сам одвнатре да има нешто коешто го мотивира и истовремено го прави задоволен да постапи онака како што треба“, вели Кофиловски.

Говорејќи за мотивите да се запише на правниот факултет Кофиловски го спомна и случајот со неговата мајка.

„Случајот со мојата мајка не само што беше доволен, туку беше и централен мотив зошто јас се запишав на Правниот факултет. Вашата мајка да биде незаконски разрешена, па подоцна да и биде даден отказ од нејзиното работно место и во текот на тој период постојано да и биде вршен мобинг, притисоци, закани не само спрема неа, туку и спрема целото семејство и нејзините блиски е нешто коешто за дете коешто е беспомошно и не може никако да и помогне е тешко за поднесување. Токму затоа од тој ден се одлучив за овој пат, патот до правосудството, за утре, за било кое дете да се најде во таа моја положба да му биде пружена помош“.

-Мојата мајка беше вратена на работното место наставник, но не на првичното коешто незаконски и беше одземено“, вели Кофиловски.

Целото интервју погледнете го во видеото