(Видео) Мираковски: Главниот загадувач на воздухот во Македонија е горењето на дрва за затоплување

„Ние како универзитет, но и другите универзитети не ги исполнуваме квотите за запишување на нови студенти. Нашиот универзитет е стабилен во бројките, има драстични демографски промени во државата. УГД нуди нови комуникации со студентите, го задржуваме бројот, околу 1.500 студенти, за нас тоа е успех“ вели проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во најновото издание на Трилинг.

За тоа дека има рапиден интерес за купување станови во Штип, Мираковски вели дека во земјава има солидно високо образование, па не е чудо што странски студенти сакаат да студираат во универзитетот „Гоце Делчев“.

„Нашата држава им е интересна на странците за студирање, УГД има целосно електронски индекс, но и како интегриран полесно се организираме кон потребите на студентите“ вели Мираковски.

За тоа дали се намали квалитетот на високото образование во земјава затоа што во минатото речиси во секој град се отвори факултет, Мираковски со став „Најдобрите универзитети не се во главните градови, преголемата експанзија на студиски програми го намали квалитетот. Универзитетите што не нудат соодветно ниво, не треба да се универзитети. Нелојалната конкуренција треба да се елиминира“.

Професор Мираковски е национален експерт за аерозагадување. За тоа дека следуваат траумите од маглите и пи-ем честичките, го прашавме како изгледа еколошката мапа на државата.

„И оваа зима ќе биде како претходните, споро ги менуваме навиките. Последните 7 години просечните концентрации во повеќето градови се намалуваат, во Скопје вклучително, но сепак сме над дозволените норми што ги пропишува ЕК. Цела Европа има повисоки концентрации од она што го препорачува СЗО“ вели Мираковски.

Иако во летните месеци има нормална, просечна концентрација на воздухот прифатлива од сите аспекти, проблем се зимските месеци.

„Има две причини, метеоролошките услови, се намалува природното струење на воздухот, а другата причина – изворите кои доминираат во нашата средина. Се уште голем дел од домаќинствата користат нечисти горива. Главниот загадувач е горењето на дрва за затоплување. Имаме и неквалитетни дрва, но и неквалитетни системи за согорување. Согорувањето на течните горива – мазутот, тие се главните загадувачи“ смета професор Мираковски.

Ако може да се утврди главниот аерозагадувач, за тоа зошто се толерираат загадувачите ќе каже „Поголем проблем е неодговорноста на луѓето. Енергетската сиромаштија е една од причините. Факт е дека индустријата, тие се должни да ги елиминираат емисиите“.