(ВИДЕО) Мираковски: Автономијата на универзитетите значи слободна мисла, но јавните пари бараат отчетност

➡Во рамки на Универзитетот се води дебата. На факултетите им беше пратен нацрт законот за високото образование. Се направија специјални работни групи во кои учествуваат буквално сите професори. Секој факултет дава забелешки. ➡Како и сите други закони, посебно овој сензитивен закон, секогаш имате повеќе мислења. Едни го поздравуваат, други сметаат дека не е соодветно решение. ➡Структурата на вработените кај нас е таква да имаме многу повисок процент на редовни професори, односно доживотни звања, така што секој гледа од свој аспект. ➡Државата и јавна сфера во крајна инстанца ги финансира универзитетите и треба да знае што добива за тие финансии. Таа дискусија е прилично присутна во последно време насекаде во светот. Од друга страна мора да ја задржиме академската слобода, универзитетите да останат центар на слободна мисла, критичко размислување. ➡Веројатно поефикасно би било со подолгорочни буџети на финансирање, појасна политика. Сега тука има и одредени работи кои до сега ги немаше, можност за ангажирање на млади соработници како соработници на проекти и тн., директно финансирање од универзитетите или од проекти, што до сега како можност беше многу нејасна или многу тешко изводлива. ➡Финансиите, јавните универзитети мора да ги почитуваат и ги почитуваат. Имаат целосна следливост, бидејќи државата е финансиер во голема мера. Дури и приходите кои ние ги викаме сопствени приходи, приходи од проекти, апликации и слично, дури и тие се дел од системот кое што е во рамки на трезорското работење, вели за „Трилинг“ Дејан Мираковски.

„Во рамки на Универзитетот се води дебата. На факултетите им беше пратен нацрт законот за високото образование. Се направија специјални работни групи во кои учествуваат буквално сите професори. Секој факултет дава забелешки. Тие забелешки се сумираат за да не се повторуваат. Во текот на наредната недела ќе имаме јавна расправа најпрво со Министерството за образование, потоа имаме Сенат на којшто ќе се сумираат сите забелешки и во одредена форма ќе бидат дадени во Министерството.

-Како и сите други закони, посебно овој сензитивен закон, секогаш имате повеќе мислења. Едни го поздравуваат, други сметаат дека не е соодветно решение. Генерално за мене е важно што, барем на нашиот Универзитет, се прифаќа потребата за донесување на нови законски решенија кои ќе овозможат малку појасна регулатива и ќе го насочат високото образование повеќе кон развој и ориентирано кон општеството, односно реалните услови околу нас. За жал дискусиите најчесто се сведуваат околу изборите во научно-наставни звања, бидејќи тие најчесто ги засегаат луѓето. Структурата на вработените кај нас е таква да имаме многу повисок процент на редовни професори, односно доживотни звања, така што секој гледа од свој аспект. Јадрото од дискусиите кои до сега се искристализираа не се негативни за воведување на соодветни услови, такви какви што има и во другите држави, за да избере квалитетен научно-наставен кадар и за навистина да се овозможи правилна селекција на идните колеги, професори и тн.“, изјави во „Трилинг“, Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, говорејќи околу предлог законот за високото образование.

Фото: Трилинг / Дејан Мираковски

Прашан колку се издржани тврдењата на дел од колегите, дека со овој предлог закон всушност се прави упад во автономијата на универзитетите, Мираковски вели дека тоа е стара тема и долго се дискутира.

„Државата и јавна сфера во крајна инстанца ги финансира универзитетите и треба да знае што добива за тие финансии. Таа дискусија е прилично присутна во последно време насекаде во светот. Од друга страна мора да ја задржиме академската слобода, универзитетите да останат центар на слободна мисла, критичко размислување, така што навистина треба да се направи добар баланс за да се задржи таа културна, таа научна автономија, слободната мисла, критичкото размислување да останат јадрото на функционирање на универзитетите, а од друга страна да ги направиме јавните универзитети и потранспарентни и поотворени“, смета Мираковски.

Осврнувајќи се на самостојноста на универзитетите наспроти финансиската зависност од државата и првата теза во одбрана на новиот закон е дека државата, владата дава пари и треба да се знае како и за што се трошат средствата, а од друга страна пак има забелешка дека сепак со ова на некој начин се става капа врз автономијата, односно слободата на професорите и генерално врз факултетите, Мираковски вели дека како универзитети треба да бидат поотворени и потранспарентни, но и мора да се задржи високиот степен на слободна мисла на професорите и општо на целата академска средина, за да можат да се изразат и критичките мислења и начинот на којшто секоја прогресивна мисла функционира.

Фото: Трилинг / Дејан Мираковски

Околу тоа дали со овие законски решенија се отвора пат кон непотизам и централизација на моќта, особено од страна на извршната власт, Мираковски вели дека и до сега универзитетите се зависни од финансирањето на државата.

„Веројатно поефикасно би било со подолгорочни буџети на финансирање, појасна политика. Сега тука има и одредени работи кои до сега ги немаше, можност за ангажирање на млади соработници како соработници на проекти и тн., директно финансирање од универзитетите или од проекти, што до сега како можност беше многу нејасна или многу тешко изводлива. Во моментов ги немам фактите околу можното директно учество, влијание на државата врз управувањето на универзитетите, коешто и до сега не беше случај. Значи универзитетите се самостојни во донесувањето на одлуките поврзани со академските работи и тн. Но финансиите, јавните универзитети мора да ги почитуваат и ги почитуваат. Имаат целосна следливост, бидејќи државата е финансиер во голема мера. Дури и приходите кои ние ги викаме сопствени приходи, приходи од проекти, апликации и слично, дури и тие се дел од системот кое што е во рамки на трезорското работење. Така што тоа и до сега беше фактичка состојба. Како е регулирано сега не знам“, вели Мираковски.

Целото интервју погледнете го во видеото.