
(Видео) Миовски со гол и асистенција против Рос Каунти!
Македонскиот центарфор, Бојан Миовски, одново ја одушеви јавноста во Шкотска и со еден гол и една асистенција придонесе за убедливата победа за неговиот Абердин на гостувањето кај Рос Каунти (0-3).
Абердин водеше со 0-2 уште по првите 45 минути, а двоен стрелец беше Џејми Мекграт. Нашиот Миовски асистираше при првиот гол на неговиот соиграч, а во 80. минута од натпреварот стави точка на убедливиот триумф и ги постави конечните 0-3.
Bojan Miovski pic.twitter.com/9bC0O9QL8M
— Rop Ted (@roptedmin) January 2, 2024
Ова за шкотскиот великан беше само шеста победа досега, а Миовски го постигна деветтиот првенствен гол сезонава. Нашиот репрезентативец има уште два гола во Купот, а кога ќе се додадат и двата погодока од летните евро-квалификации, оваа сезона веќе стигна до бројката од тринаесет голови. Миовски покажува дека е во убиствена форма, се наметнува како прва ѕвезда во тимот и сега сигурно уште повеќе ќе се зголеми интересот за него.
Медиумите на Островот на големо шпекулираат дека Миовски е голема желба на Саутемптон, но ништо чудно наскоро во оваа трка да се вклучат и други поголеми клубови од Англија и Шкотска. Македонскиот репрезентативец се покажа како одлично засилување за Абердин и досега вкупно постигна 31 гол во сите конкунреции. Бојан Миовски се пресели во Шкотска минатото лето од МТК Будимпешта за сума од 615.000 евра.