(ВИДЕО) Мециновиќ: Ако победи ВМРО-ДПМНЕ, тогаш урбаната мафија ќе владее со Скопје

➡Со сета почит кон мојата против кандидатка г-ѓа Каја Шукова сметам дека мојата платформа резонира со оние луѓе кои го дадоа својот глас за неа. Така што јас отворено ги повикувам во вториот круг да го дадат својот глас за мене и генерално да се гласа опозициски во случајот на Град Скопје затоа што тоа е потребно на Македонија. ➡ВМРО-ДПМНЕ го има блокирано секој обид за нормално функционирање на Град Скопје преку Советот, но и преку надзорните, управните одбори на јавните претпријатија. ➡Треба да одбереме политичка опција која не е во спрега со овие приватни интереси. Јас отворено ќе кажам, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е урбаната мафија, тогаш урбаната мафија ќе ни го изготви ГУПО-от. ➡Дивоградбите се еден феномен кој ретко каде го има на континентот. Мислам дека ние сме некако ендемски. Дивоградбите не смеат да постојат. Јас како градоначалник сметам дека градот не треба да дава амин на никаква дивоградба, на тоа сето треба да се работи во комбинација со МВР. ➡На 10-ти септември премиерот Мицкоски ни обелодени кој е големиот план зад ова што се случува четири години, а тоа е приватизирање на комуналните претпријатија, вели за „Трилинг“ кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ.

„Јас во оваа ситуација сум не како нешто што мораше да се случи, туку се случи заради нашата позитивна кампања, затоа што допревме до многу скопјани со нашата кампања, така што веќе кога сме овде околностите се сменети. Сега не разговараме за политички околности од пред првиот круг, сега ова се нови околности кои претпоставуваат дека може да се оди и во нови насоки кои досега не сме ги сметале за можни.

-Сакам да му честитам на мојот против кандидат Орце Ѓорѓиевски за освоениот контингент гласови кој е навистина добар и тие гласачи веруваат во таа платформа која тој ја нуди. Но сега околностите се такви што, за првпат во историјата на Република Македонија, ние во трка за главниот град имаме кандидат кој не е поддржан од ВМРО и СДСМ. Мислам дека возбудата помеѓу скопјани е се поголема и мислам дека ќе се охрабрат многу луѓе кои беа на работ да гласаат во првиот круг, сега да гласаат и на крилјата на тој ентузијазам ние одиме кон победа, вели за магазинот „Трилинг“, кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ.

Тој вели дека како кандидат и како партија сѐ уште немаат разговарано за поддршка од останатите опозициски партии.

„Со сета почит кон мојата против кандидатка г-ѓа Каја Шукова сметам дека мојата платформа резонира со оние луѓе кои го дадоа својот глас за неа. Така што јас отворено ги повикувам во вториот круг да го дадат својот глас за мене и генерално да се гласа опозициски во случајот на Град Скопје затоа што тоа е потребно на Македонија, дури и од една побуда за демократизација на целите процеси, затоа што апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ гледаме дека во изминатава година дена не става во некоја ситуација на подјарменост на сите интереси под интересот на ВМРО-ДПМНЕ. Така што здраво е за општеството ВМРО-ДПМНЕ да нема апсолутна власт“, вели Мециновиќ.

Мециновиќ смета дека младите како никогаш досега излегоа на изборите и го дадоа својот глас.

„Младите веќе не се апатични во оваа држава. Напротив, младите се вклучени во политиката преку Левица и тие ја препознаваат Левица како своја опција. Јас секогаш внимавам какви констатации давам, но за прв пат ќе кажам нешто за коешто сум апсолутно сигурен – откако ќе поминат изборите, кога ќе дојдат пресметките по демографски групи како се гласало, јас сум сугурен дека младите се со нас. Тие се разбудени како никогаш досега. По мои претпоставки апстинирале партиски гласачи“, вели Мециновиќ.

Прашан за податокот дека доколку се направи компарација со претходните локални избори, но и со последните парламентарни, ќе се забележи пад кај речиси сите партии во однос на освоените гласови и на што се должи оваа апатичност, Мециновиќ смета дека една од причините лежи во тоа што демократијата во Македонија никогаш не созреа.

„Демократијата на Македонија созреа во сликата на партиите. Нашето општество многу споро се демократизира и нашите граѓани гледаат дека при трансфер на власт одново и одново нема никакви реални промени. Животот на 9-ти мај 2024 година беше ист како на 8-ми мај, па и како сега, година ипол дена откако имаме нова власт. Така што јас директно би посочил дека владејачките структури ја креираат апатијата, затоа што нашите граѓани гледаат дека нивната политичка активација и гласањето на изборите не носи реални промени. Јас тоа сосема го разбирам. Јас ја разбирам резигнацијата на многу наши граѓани кон демократскиот процес, затоа што очигледно не веруваат. Тоа треба да не посочи нас како политички чинители и општествени чинители генерално да го лоцираме проблемот каде лежи таа апатичност.

Говорејќи за состојбата со сметот, нечистотијата во главниот град, Мециновиќ вели дека Скопје е градот кој многу го сака, но околностите не тераат да се буди анимозитет кај сите нас заради приликите во кои се наоѓаме.

„Дебатата се постави, мислам дека мојот противкандидат ја постави така, затоа што тој настапува во оваа трка како најпаметниот и најдобриот скопјанец на светот кој некогаш постоел и се однесува како дека тој треба и само тој може да го среди сметот во рок од 72 часа. Јас ќе ви кажам не е така. Градоначалникот нема да излезе со метли на улица. Работниците на „Комунална хигиена“ – Скопје треба да излезат на улица и логиката е проста – четири години се уништува тоа претпријатие да се оправда неговото приватизирање. Јас сметам дека логиката е спротивна. Тие луѓе во комуналното претпријатие треба да добијат подобри услови за работа, да се откочи работата на комуналното претпријатие, да не се третираат ЈП како банкомат-карти за раководствата на градот и при окрупнување и нормализирање на условите за работа ние никогаш нема да видиме вакви сцени“, смета Мециновиќ.

За тоа кој е виновен за ова што ни се случува последниве неколку години, Данела Арсовска или ВМРО-ДПМНЕ, Мециновиќ вели исклучиво ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас како поранешен советник во градот Скопје сум присуствувал на стотина седници кадешто сум видел експлицитно каква е политичката волја на ВМРО-ДПМНЕ во поглед на главниот град. Така што ВМРО-ДПМНЕ го има блокирано секој обид за нормално функционирање на Град Скопје преку Советот, но и преку надзорните, управните одбори на јавните претпријатија. Јас сум присуствувал и на седници каде што и по девет месеци не се гласале планови за работа на претпријатијата, каде што не се гласале програмите на претпријатијата, каде што не се гласале вработувања таму кадешто требало, така што имаше целосна блокада и хендикепирање на претпријатијата. Но, мора да се посочи дека во изминатите неколку години буџетот и завршната сметка на Град Скопје ја гласаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно. Така што треба да се запрашаме зошто овие партии го гласаат буџетот и сакаа голготата да помине, ако после цела година не гласаа ништо што е продуктивно за градот“, вели Мециновиќ.

Тој смета дека за Скопје да биде чисто, зелено, без смет, отпад потребни се силни комунални претпријатија.

„Јас ќе посочам дека ништо од ова не се случува туку така. Сето ова има умисла позади. На 10-ти септември премиерот Мицкоски ни обелодени кој е големиот план зад ова што се случува четири години, а тоа е приватизирање на комуналните претпријатија. Значи со години се работи на будење на резигнација кај скопјани кон комуналните претпријатија, на градење на перцепција дека тоа се нефункционални претпријатија за да се оправда нивното приватизирање. Ние сметаме дека тоа не смее да се дозволи затоа што тоа ќе значи дека фирмите кои ќе стопанисуваат со тие дејности повторно ќе бидат во политичка и семејна спрега со политичарите“, вели Мециновиќ.

Кандидатот на Левица за прв човек на Скопје смета дека комбиниран јавен превоз му е потребен на главниот град.

„Јавниот превоз е најглавното прашање за Скопје. Јас како советник го третирав така до ден денес сметам дека е најбитно прашање. Тоа пред сѐ е социјално прашање и прашање на зачувување на животната средина. Јас во мојата кампања не ветував се и сешто. Не ветува сите можни проекти коишто можете да ги замислите, ама јас сметам дека градските власти треба да започнат со една конкретна цел, а тоа е во рок од еден до два мандати Скопје потполно да го смени ликот за јавниот превоз. Јас сум поборник на железничкиот превоз. Тоа е долгорочно многу поисплатливо отколку купување на нови автобуси на 5 до 10 години. Со железничкиот превоз долгорочно се исплати сево ова и сакам да потенцирам за граѓаните на Скопје дека ова не е научна фантастика. Над 100 години има железнички решенија низ градовите. Но зошто Скопје никогаш не разговара за железнички превоз? Затоа што само Македонија железници поставува пруги, а сите партиски фирми знаат да бетонираат. Така што никогаш на политиките партии тоа не им е опција, но на нас ни е. Сметаме дека долгорочно треба да размислуваме и да го средиме јавниот превоз во Скопје за следните 100 години, вели Мециновиќ.

Амар Мециновиќ

Тој е дециден дека на Скопје му е потребен нов ГУП.

„Тој ГУП треба да сфатиме дека треба да го изготват градски власти, научна фела и нашите граѓани ослободени од приватните интереси и интересите на инвеститорите, на урбаната мафија која веќе ни го има креирано хаосот во којшто живееме. Тоа значи дека треба да одбереме политичка опција која не е во спрега со овие приватни интереси. Јас отворено ќе кажам, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е урбаната мафија, тогаш урбаната мафија ќе ни го изготви ГУПО-от. Јас сметам дека во Скопје постои многу научен, човечки потенцијал кој преку еден инклузивен процес кој ќе биде комплементарен од една страна преку научни студии и ослободена научна фела од политички притисоци, и од друга страна непосреден контакт со нашите граѓани. Тоа значи дека ГУП-от ќе мора да се прави во еден инклузивен процес, така што сите маала и општини ќе бидат прашани теренски, затоа што никој не може подобро да ни каже што му е потребно во неговиот непосреден простор од самите граѓани коишто живеат во тој простор“, смета Мециновиќ.

Прашан за тоа дали доколку стане градоначалник ќе донесе одлука за мораториум за градби, и дали дивоградбите ќе ги урива или легализира, Мециновиќ со одговор:

„Дивоградбите се еден феномен кој ретко каде го има на континентот. Мислам дека ние сме некако ендемски. Дивоградбите не смеат да постојат. Јас како градоначалник сметам дека градот не треба да дава амин на никаква дивоградба, на тоа сето треба да се работи во комбинација со МВР. Така да МВР треба да биде тој кој ќе постапува проактивно заедно со обвинителството по однос на тие дивоградби во координација со градот. За дивоградбите сметам дека треба да се поделат во две категории, а тоа се таму каде живеат луѓе и таму каде што се прават пари т.е комерцијални објекти. Треба веднаш да почнеме да ги уриваме комерцијалните објекти кои се дивоградби, а понатаму да разговараме за таму каде што луѓето живеат“, вели Мециновиќ.

Тој смета дека не смее да се дозволи „Дрисла“ да се приватизира затоа што тоа е едно од ретките претпријатија на Скопје кое генерира профит за градот.

„Тоа ВМРО-ДПМНЕ го гледа како можност за профит и за погребување на финансиската независност на Град Скопје. Така што „Дрисла“ треба да се осовременува со нова технологија. Постои технологија која не е многу скапа и може долгорочно да помогне, а тоа е технологијата на претворањето на комуналниот отпад во деривати на гориво. Сметаме дека во таа насока треба да тргнеме. На пример, конкретно имаме разгледувано проекти дека „Вардариште“ и сето тоа што таму е депонирано, дури и под земја што е контаминирано, може со една централа од 720 метри квадратни која ја има оваа технологија на претворање на комунален отпад во гориво, тоа би чинело некои 6 милиони евра да една таква централа го преработи сиот тој отпад, а додека за „Дрисла“ тоа би било нешто поголем капацитет“, вели Мециновиќ.

Целото интервју со кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, погледнете го во видеото.