(Видео) Мемов: Граѓаните да не се секираат, засега редовни пензии ќе има
Околу тоа дали ја подржува идејата на Фискалниот Совет за продолжување на работниот век, Мемов вели дека ФПИОМ е инструмент на Владата за имплементација на политиките. Ставот на Владата е јасен дека во овој момент не размислува за покачување на страросната граница и не размислува за покачување на процентот за придонес за пензиско-инвалидско осигурување.
Пензиите и пензионерите секогаш се во фокусот на вниманието на јавноста. Не поминаа речиси два месеци по линеарното зголемување од 2.500 денари за месец септември и уште 2.500 за месец март. Но сега нов шок. Имено, Фискалниот Совет сугерира зголемување на старосната граница за намалување на притисокот врз Пензискиот фонд. Пензискиот дефицит секоја година се алиментира со 850 милиони евра од буџетот.
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговаравме со директорот на ПИОМ, Никола Мемов.
„Фискалниот Совет даде многу сериозни препораки до Владата, всушност тоа е и нивната улога и Владата секогаш треба да ги земе со огромна сериозност овие препораки, затоа што Фискалниот Совет ги дава можните фискални импликации и се грижи за фискалната стабилност на целиот буџет“, на прашањето околу тоа какви се ризиците доколку старосната граница за пензионирање се зголеми за уште две години.
Според Мемов овие препораки се дел од нашиот јавен живот, но треба да се нагласи дека не се состваен дел и не се прифатени во овој момент во фискалната стратегија која е усвоена од страна на Владата до 2029 година.
-Ние како ПИОМ имаме наши размислувања, наши ставови, но јавноста треба да знае дека ние сме само инструмент за имплементација на владините политики. Секако Владата е таа која ги предлага, ги носи овие стратегии, Собранието ги усвојува, вели Мемов.
Околу перманентниот дефицит на Фондот, каде што сумата се движи околу 800 милиони евра и за тоа како да се стабилизира финансиската каса на ПИОМ, Мемов вели дека Фондот за ПИОМ обезбедува две основни функционалности према граѓаните.
„Првата функционалност е редовна исплата на пензиите и оваа редовна исплата на пензии ја гарантира Владата. Втората функционалност е обезбедување на правото на пензија којашто исто така е услуга на граѓаните за остварување на нивните права во делот на пензиите. Првата функционалност ако зависи и ја гарантира Владата, тука можам да потенцирам дека пензискиот систем е стабилен во оваа смисла, граѓаните не треба да имаат никаква загриженост околу редовната исплата на пензиите. Тоа го гарантира Фондот на ПИОМ, тоа го гарантира Владата.
– Во вториот дел каде што се обезбедуваат правата на идните пензионери, добивање решенија за старосна пензија, семејна, инвалидска пензија итн. за овој дел одговорни се службите на Фондот за пензиско и тука имаме огромни потешкотии во делот на дисбаланс на бројот на вработени, распоредени низ државата со филијали итн., комплесност во информатичкиот систем, давање електронски услуги. Сите овие предвидени и увидени аномалии се предмет на наши анализи и ќе бидат дел од структурните реформи што новиот менаџмент на ПИОМ ќе ги прави во следниот период.
-Во делот на дефицитот и трансферите на Владата што ги прави преку Министерството за социјална политика до ФПИОМ, точен е податокот дека близу 800 милиони евра се планирани како трансфери или околу 50 милијарди денари за следната година, но сакам да нагласам дека овие трансфери не се само за исплата на пензиите. Во овие трансфери влегуваат трансферите за здравствено осигурување на пензионерите кои што се во висина од 13% од нето пензијата и трансфери кон вториот столб. Само како илустрација, граѓаните да знаат дека трошоците за здравствено осигурување на пензионерите се во висина од 200 милиони евра годишно, а трансферите кон вториот столб се во вредност од 250 милиони годишно, за следната 2025.
Во однос на процентот за придонеси за пензиско-инвалидско осигурување, првиот човек на ПИОМ вели дека основни извори на финансирање се придонесите за пензиското осигурување.
„Во моментот тој процент е 18,8%. Мора да се знае дека дел од тие 18,8% се користат за исплата на пензии, а дел одат за вториот столб. Што значи тоа? 12,8%, согласно законската регулатива, од овие придонеси одат за исплата на пензии, додека 6% или од овие 18,8 одат како трансфери во вториот столб. Во проценти, во апсолутен износ тоа значи дека 32% од вкупните приходи по основ на придонеси одат во вториот столб“, вели Мемов.
Како директен одговор на прашањето дали зголемувањето на процентот на придонес дали би влијаело за зголемувањето на приходите, според Мемов, логично е дека ако се зголемува процентот на придонес би требало да се зголеми и приходот по тој основ.
„Но јас имам едно поинакво размислување. Немора да значи дека ако ја зголемиме стапката на придонес дека приходите по дефиниција ќе се зголемат. Ова зголемување мора да биде во корелација со бизнис заедницата. Што значи ова? Владата може да донесе Х мерки за полнење на буџетот, дали на Фондот дали на генералниот буџет, но тие мерки мора да бидат во корелација со бизнис заедницата и бизнисот да биде одржлив на стопанствениците. Доколку стопанствениците односно бизнис заедницата, преку Стопанските комори, почуствуваат несигурност и загрозување на нивниот бизнис, во делот на зголемување на давачките, тие по автоматизам ќе си направат сопствен одбранбен механизам и тука не е исклучено да отпочне спиралата за сивата економија, затоа што економските закономерности се јасни – Мора да се обезбеди плата којашто е достојна за секој работник, социјалн сигурност на работникот за да ни остане дома.
-Второ, мора да се остварат услови за бизнис клима каде што сопственикот ќе мора да има приход од својот бизнис. Тие на тој начин ќе си го заштитат самите бизнисот“, потенцира Мемов.
Околу податокот дека на запад тројца вработени издржуваат еден пензионер, а кај нас на секој пензионер има двајца вработени и дилемата дали првичната идеја што ја лансираше Фискалниот Совет е всушност е во насока на тоа дека имаме недостиг на работна сила, па луѓето ќе се држат во работна кондиција уште дополнителни години, Никола Мемов вели дека е точна констатацијата дека на еден пензионер имаме двајца вработени.
„Но јас имам малку поширока дефиниција и работите ги гледам како целосна слика поинаку. Значи не се само пензионерите во оваа категорија во која што се корисници на буџетот. Тука треба да се додаде целата администрација, социјалните случаеви, студенти, ученици. Тој сооднос ќе биде на еден вработен во бизнис секторот иаме еден корисник. Дури и еден спрема еден. Не еден спрема два, затоа што во реалниот сектор, во реалниот буџет, буџетот го полнат вработените во реалниот сектор, така што оваа слика кога ќе се прошири сега е еден спрема еден, вели Мемов.
За податокот дека просечниот живот во Македонија е околу 73 години, наспроти 83 години во западно-европските држави, а со тоа и околноста дека човекот по завршувањето на работната кариера нема да има моожност да се израдува на пензионерските денови, првиот човек на ПИОМ вели дека статистиките се неминовни.
„Тоа е точно. Просечните години за користење на пензија е околу 11 години, така што сегашното законско решение – 64 години старост овозможува користење на пензија 11 години, бидејќи просекот е 75 години. Тоа е тоа“, заклучува Мемов.
Околу тоа дали ја подржува идејата на Фискалниот Совет за продолжување на работниот век, Мемов вели дека ФПИОМ е инструмент на Владата за имплементација на политиките. Ставот на Владата е јасен дека во овој момент не размислува за покачување на страросната граница и не размислува за покачување на процентот за придонес за пензиско-инвалидско осигурување.
Според првиот човек на ПИОМ, пензиската реформа е конзервативна тема во било кое општество и тешко е да се прават компарации за пензиски системи од една во друга држава затоа што условите на функционирање се различни.
„Само како податок, буџетскиот дефицит на ФПИОМ не е од вчера направен, тоа се прави во изминативе 25 години, можеби и повеќе. На почетокот на формирањето на независна Македонија, тогашните лидери во државата и претставници на Владата и на Фондот, предвиделе и утврдиле дека Фондот за пензиско во иднина може да има потешкотии во работењето, па со Законот за приватизација беше овозможено 10% удели, акции, практично од сите компании што се приватизираа во тоа време.
-Можете ли да замислите денеска, ако ФПИОМ поседуваше акции од 10% во еден „Алкалоид“, во „Европа“, во „Пивара“, „Цементара“, „Телеком“ итн. дел во сите успешни компании во Македонија. Но со разни економски и социјални мерки од Владата овие акции се продадени, дел од дефицитот е направен врз основа на т.н Бранков закон, каде што таа една социјална мерка, со 30% уплатени средства се сметаат како 100% уплатени придонеси. Еве го и даночното ослободување од придонеси со проектот „Македонија вработува“, каде што државата ги плаќаше придонесите на вработените во технолошко-развојните зони, па дури и последната мерка за зголемувањето на пензиите од 5.000 денари. Ова првово зголемување од 2.500 денари значи нови 862 милиони денари на месечно ниво повеќе пари во буџетот.
-Зголемувањето на пензиите, во просек од семтември до денеска значи 11,2% зголемување. Во март месец ќе имаме дополнително покачување од 2.500 денари и тоа се нови 14 милиони евра месечно, значи двете 28 милиони евра поголема ставка во буџетот. Но ова се смислени мерки на Владата, коишто придонесуваат за зголемување на животниот стандард на пензионерите, а линераното покачување значи намалување на социјалните разлики помеѓу минималната и максималната пензија, вели Мемов.
Целото интервју со првиот човек на ФПИОМ, Никола Мемов, погледнете го во видеото.