
(ВИДЕО) Марковски: Урбаниот хаос ни се осветува како опасен бумеранг, се пресликува и во животот
➡ Кај нас повеќепартизмот се подразбра на малку поинаков начин, дека треба сите раководни места во градските структури, јавните и комунални претпријатија да бидат запоседнати од партиски членови, кое за жал беше единствен критериум за избор на раководители и оттаму сме дојдени во оваа состојба во која што сме. ➡ Треба да разбереме дека подобрување на состојбите, некакво ресетирање на состојбите без да почувствуваме сите ние жители на овој град одредена болка, кој повеќе, кој помалку е тешко остварливо. Еве ќе почнам со сметот. Се додека не почнеме да вршиме селекција на сметот почнувајќи од дома, со тоа да ги растеретиме службите коишто се задолжени да го одведат сметот од нашиот најблизок контејнер до Дрисла ќе имаме проблеми со сметот. И тоа треба да ни биде јасно на сите и треба да започнеме како и во сите други држави претежно од Европа, со селекција на сметот, вели Марковски.
„Далеку е Скопје од метропола. После сето ова што се случува во последниве години, Скопје ќе треба многу работи да смени за да го фати патот кон метропола“, изјави во магазинот „Трилинг“, независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје од Коалицијата „Независни заедно“, Горан Марковски.
Запрашан за тоа од кога почна падот, невкусот и кичот на Скопје, Марковски вели дека со почетокот на повеќепартизмот се навлезе во нова ера и стратегија на развој на градот.
„Кај нас повеќепартизмот се подразбра на малку поинаков начин, дека треба сите раководни места во градските структури, јавните и комунални претпријатија да бидат запоседнати од партиски членови, кое за жал беше единствен критериум за избор на раководители и оттаму сме дојдени во оваа состојба во која што сме“, смета Марковски.

Говорејќи за тоа дали наместо зеленило се се сведува на градежна механизација бетонизација и валканиот кеш, Марковски вели дека Скопје мораше и можеше да поведе сметка за својот стратегиски развој.
„Мислам дека е пренаселен, пренатрупан со градби, без никаква стратегија и оттаму ни се случува овој хаос. Урбаниот хаос се пресликува и во хаос на животот. Не може да очекуваме дека во една сфера на нашето живеење ќе имаме среден систем, а притоа сите да живееме во урбан хаос. Тоа сега ни се осветува. Значи таа негрижа што ја имавме три и повеќе децении кон градот сега ни се враќа назад како еден многу опсен бумеранг кој се заканува да остави сериозни последици зад себе.
-Затоа е потребна визија за Скопје, односно документ за визија на Скопје – како Скопје понатаму ќе се движи и како ќе се разрешуваат проблемите со урбаниот хаос, сметот.
-Треба да разбереме дека подобрување на состојбите, некакво ресетирање на состојбите без да почувствуваме сите ние жители на овој град одредена болка, кој повеќе, кој помалку е тешко остварливо. Еве ќе почнам со сметот. Се додека не почнеме да вршиме селекција на сметот почнувајќи од дома, со тоа да ги растеретиме службите коишто се задолжени да го одведат сметот од нашиот најблизок контејнер до Дрисла ќе имаме проблеми со сметот. И тоа треба да ни биде јасно на сите и треба да започнеме како и во сите други држави претежно од Европа, со селекција на сметот.
-Во однос на сообраќајот – Скопје треба да презема мерки кои ќе го дестимулираат градскиот сообраќај, односно сообраќајот во градот со приватни возила, а не обратно. Значи наместо да градиме широки булевари, да градиме паркинг гаражи и тн. и со тоа да го уништуваме и она зеленило што ни преостана, многу подобро според мене е да одиме кон дестимулација, односно паркирањето да биде отежнато и премногу скапо во централното градско подрачје, да улиците оневозможуваат брзо движење на возилата, а ние да му дадеме предност на градскиот сообраќај, кој под итно треба да се модернизира, и да им дадеме предност на велосипедистите и на пешаците, вели Марковски и додава дека искуствата од развиените земји мора да ги пресликаме дома, колку и тоа да боли.
„Алтернативата на тоа е да се труеме секоја година се повеќе и повеќе. Сега ние треба да одбереме дали ќе сакаме да живееме во град со почист воздух во кој ќе има нормално живеење и нема да ни страдаат дишните патишта од загаденоста, а притоа ќе се движиме повеќе пеш, ќе користиме велосипеди, ќе користиме исклучиво електричен градски сообраќај, исклучиво електрични такси возила или ќе станеме робови на возилата па ќе им дадеме предност на нашите возила, ќе им овозможиме широки булевари, катни гаражи, а притоа ќе си го загрозуваме здравјето. Изборот е наш“, вели Марковски.
-Кај нас се гради само во интерес на станбени единици. Кај нас квалитетот на урбанизмот се мери во метри квадратни станбен простор, не на квалитетот на просторот. Само квадратите се битни. Колку повеќе квадрати толку повеќе профит и тука завршува целата приказна.
Говорејќи за македонскиот феномен каде што се купуваат станови каде што на никој никому не му пречи да се гледаат од кујна во тоалет, Марковски вели дека тука улога игра нашата традиција и мислењето дека најсигурни ни се парите ако ги врземе за некаква недвижност, било таа потребна или не.
„Тука се и даноците кои практично тоа и го поттикнуваат. Колку станови и да имате данокот е ист, што во принцип не би требало да биде така, и тука има малце и од сивата економија влијание, односно дека во градежништвото црните пари, односно оние сиви пари лесно можат да се канализираат и да добијат своја вредност без притоа да се прикаже какво е нивното движење. Мислам дека се тоа неколку елементи коишто придонесуваат да имаме ваква експанзија на станови. Нема друга логика. Кога ќе размислиме, чуму толку станови ако стојат празни. Тоа е врзан капитал којшто можеби ќе порасне, но можеби и нема да порасне“, истакна Марковски.

Прашан за решение околу загаденоста Марковски вели дека 30 години зборуваме за тоа а не е преземена ниту една мерка, освен ако го исклучиме она со субвенционираните инвертери.
„Вардариште и Дрисла ќе бидат проблем за Скопје се додека не почнеме стручно да го решаваме тој проблем. И за тоа треба време и треба средства. на пример за Вардариште мора да се направи отстранување на целиот тој отпад со негово селектирање. За тоа треба специјални линии. Проценка е дека би требале некаде околу 20 милиони евра за тоа да се направи. Каде е тука математиката? Откако ќе се исчисти оној смет што е распослан во Вардариште без никаква стручност, тоа земјиште може да се деконтаминира и да се претвори во градежно земјиште и на тој начин градот или оној кој ќе ги вложи тие дваесеттина милиони евра, еден голем дел од нив, ако не и повеќе да го врати преку давање на земјиштето како градежно.
-За Дрисла треба нова технологија. Како што претходно кажав, колку порано го селектираме отпадот, толку помалку проблеми и работи за Дрисла или слична депонија која треба да биде по европски терк“, вели Марковски.
Прашан за негово мислење за тоа за колку денови, недели, месеци може Скопје да се спастри да заличи на европски град, Марковски вели дека за тоа се потребни години, но за да почне да заличува, граѓаните да почувствуваат дека е сменет правецот, насоката на движење, потребна е една година добро организирана работа, добра стратегија и визија.
„На Скопје и скопјани не им треба ни којзнае што за да почувствуваат дека е подобро. Доста е ѓубрето да не го гледаат по улиците, веднаш ќе се почувствува разлика. Доста е да почувствуваат дека воздухот е помалку загаден, веднаш ќе се почувствуваат подобро и ќе веруваат дека работите можат да бидат подобри. Мојата мисија е да видат граѓаните дека може поинаку, дека ова што досега го трпевме не е закон. Дека ако вистински луѓе дојдат на вистинско место, оние коишто сакаат зад себе да остават нешто добро, тогаш и граѓаните ќе почнат да се однесуваат поинаку, вели независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Горан Марковски.
Целиот разговор погледнете го во видеото