„Ако зборуваме за анкети, рејтинзи, главната анкета е на 24 април и на 8 мај. Сум била сведок многупати – анкетите не соодетствувале со реалноста“ – вели Сања Лукаревска – заменик претседателка на СДСМ во најновото издание на Трилинг.
На прашање дали СДСМ можеби ги прокоцка шансите во делот на битката со корупција, криминалот, состојбите во правосудството, вели „Горда сум што ја вративме слободата. Таа не треба да е ничиј плен. Слободата е мајка на сите човекови права. Не треба да заборавиме како ни ја перцепираа слободата. Бевме сведоци на прислушувања, закани. За сите сегменти кои сме ги спровеле како владејачка структура, одредени процеси оделе бавно, но имало соодветна одлучност за спроведување. Граѓаните замеруваат во принципот на владеење на правото. Бевме премногу посветени на европската агенда, владеевме во период на многу кризи, но тоа не е оправдување. Имавме порано заробено судство во заробена држава“.
„За застарувањето на делата бевме сведоци какви игри се правеа, зарем сметате дека оние кои беа чувари на тие бомби за граѓаните да ја чујат вистината, да имаат оправданост за нивното застарување. Почитувањето на законите за кое се боревме мора да оди доста одлучно и силно, но и заради други причини одат доста бавно“ вели Лукаревска.
На прашање дали е хендикеп или предност што СДСМ не оди заедно со ДУИ и Али Ахмети на изборите, со заеднички листи, таа ќе каже „Никогаш не сме утврдиле дека ќе одиме на заеднички листи. Имаме заедничка агенда, европската. Не чувствувам дека е хендикеп тоа што не сме заедно со ДУИ. Традиционално гласачко тело си има секоја партија“.
„Доблесно би било сите кои се за европскиот фронт, за европската иднина, во втор круг да ги дадат гласовите за Стево Пендаровски“ посочува Лукаревска.
На прашање зошто СДСМ не успеа да ги валоризира, според нив, успешните политики, а се слуша негодување кај граѓаните, Лукаревска вели „бевме прескромни и малку се фалевме. Бевме навикнати на друго време, имавме периоди кога можевме да рекламираме владини проекти, но не го правевме тоа“.
„Имаме многу направено, менаџиравме енергетска и корона – криза, но ако се споредат резултатите од претходните две програми, имаме реализација плус. Сведоци се граѓаните и меѓународниот фактор. Никој не може да каже дека не сработивме. Бараме шанса да го продолжиме континуитетот“ смета Лукаревска.
На изјавата на Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ дека „Лукаревска е покровител на рекетот и криминалот“ потпретседателката во СДСМ со став:
„Многу е лесно денеска да се дисквалификува и клевети. Кога ја прифатив одговорноста да бидам носител во ИЕ3 се обврзав да водам фер кампања. Граѓаните сакаат да слушнат што ќе понуди СДСМ во делот на повисокиот стандард, за младите. Не би дозволила никој да манипулира со дисквалификации. Никој не сака политичари кои по секоја цена омаловажуваат противник. Јас би се борела со него само со факти и бројки, за тоа што ќе понудиме како партија“.
„Граѓаните се премногу поделени, ние како политичари сме виновни. На граѓаните им е доволно да не гледаат како се навредуваме. Се борам никогаш да не го напаѓам политичкиот противник по секоја цена“ заклучува Лукаревска.