
(Видео) Лозановска за СП: Печатите од училиштето се во метален сеф – на боледување сум, а градоначалникот незаконски и предизборно брза да ме разреши
Адвокатот на Лозановска, Жарко Стевановски вели дека основот по кој се разрешува директорката е апсолутно незаконски, и од страна на државните просветни инспектори е извршена злоупотреба во постапката за инспекциски надзор. сето тоа ќе биде предмет на кривична пријава против градоначалникот овластените просветни инспектори и од вчера познатиот полициски началник на Демир Хисар.
Полициската драмата во вечерните часови во Демир Хисар во домот на директорката на средното училиште СОУ Крсте Петков Мисирков по барање на градоначалникот Никола Најдовски по трет пат незаконски да ја разреши директорката на училиштето Маја Лозановска ноќеска продолжила со претрес во кабинетот на директорката во училиштето.
Полициските инспектори биле во потрага по печатот на училиштето за да може да го користи новата директорка која спротивно од законот била назначена од градоначалникот а не како што налага законот од МОН. Од 2022 на градоначалникот Најдовски ова му е трет обид да ја разреши Лозановска, претходните два пати обидите му биле спречени од страна на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, со укажување за незаконитото одлучување во постапката за разрешување. Директор на средно училиште поставува и разрешува МОН а не градоначалник.
Според објаснување од Лозановска градоначалникот сега на ден пред распишување на локалните избори „тргнал“ по трет пат да ја разрешува за да успее директорката која тој ја поставил да потпише решенија за прием на тројца наставници по избор на партијата. Во целата рашомонијада ги вклучил и обвинителството кое дало налог на полицијата да направи претрес и да и ги одземе печатите. Била викната и брза помош во домот на Лозановска која е на боледување и лекарката констатирала дека има притисок 160 со 100 и не е во состојба да оди во полицијата на информативен разговор а инспекторот се заканил или да дојде сама или ќе биде приведена и однесена во полиција.
Директорката Лозановска за „Слободен печат“ изјави дека во моментов во училиштето сите користат колективен одмор, а во меѓувреме таа извадила и боледување поради здравствени проблеми со грбот.
-Пред 3 дена бев во амбуланта. Ме барале од општината да ми врачат писмо. Јас не знаев за што е писмото и в.д. директорката што ја назначиле ми пиша дека добила писмо за назначување а јас сум разрешена. Тоа беше во средата. Назначена е за в.д. директор без никаква законска постапка за разрешување. Ова е трети пат градоначалникот да прави вака. Во 2022 ме разреши незаконски па двапати го добив предметот на второстепена и мораше да ме врати за директор. Потоа бидејќи незаконски ме разрешил, му беа одземени ингеренциите и мене за директор ме назначи министерот за образование. Од 2023 година продолжувам да сум директор со континуирани силни притисоци, се ми пречешлаа, сите инспекции ми ги пратија, ништо не најдоа. Работам чесно и не можеа дамка да ми најдат, изјави за „Слободен печат“ Лозановска.
Таа додаде дека пред изборите требало да има вработувања и имала распишано оглас за вработување но и тој бил опструиран.
-Така, од в.д. директорката дознав дека сум разрешена. Земав лекарства, дома сум и не можат да ме добијат да ми го врачат писмото. И бидејќи сум на боледување не отидов на примопредавањето. Во училиштето немаме секретар бидејќи тој во февруари замина во пензија и градоначалникот не ми даде согласност да се вработи друг. Печатите се кај мене. Кога заминувам си ги оставам во метален шкаф во архива и не може било кој да ги земе. Ги барале печатите и покрај тоа што не сум примила решение за разрешување, а додека не примам решение јас сум според законот уште директор. Сакаат надвор од постапката да ги земат печатите и целата постапка да се заврши во Централниот регистар и таа да биде директорка од понеделник. Целиот циркуз вчера беше за да ги дадам печатите, зашто јас го имам клучот. Брзаа вчера зашто денес ќе ги распишат изборите. Не знам што ќе правеа со печатите синоќа во 20 часот и како ќе извадеа од Централен регистар? Дојдоа вчера, викнав адвокат имам и болна мајка. Без пардон, велат да дојдеш во станица и каде се печатите? Мислеа да ме притиснат да кажам каде се печатите. Викнаа екипа да ме носи во станица со притисок 160 со 100. После тоа заминале во училиштето полицајците, ги барале ноќеска печатите, в.д. директорката им отворила, благајникот пошол и двајца служители. Претходно ја обиле мојата канцеларија. Професор сум одамна, имам 57 години и сум правилна, професионална и работам, не можат да ми најдат маана па мора вака да се прави – изјави за „Слободен печат“ Лозановска.
Адвокатот на Лозановска, Жарко Стевановски вели дека основот по кој се разрешува директорката е апсолутно незаконски, и од страна на државните просветни инспектори е извршена злоупотреба во постапката за инспекциски надзор. сето тоа ќе биде предмет на кривична пријава против градоначалникот овластените просветни инспектори и од вчера познатиот полициски началник на Демир Хисар.
Повеќе на Слободен печат.мк