(Видео) Лефков: Целиот систем е девастиран – главната одговорност е во МВР

„Сите шевови многу добро ги нотиравте коишто доведоа до катастрофата. Ние како истражувачки новинари сме фокусирани во делот на борба против корупцијата и таму знаеме дека за да ти се случи еден коруптивен настан, мора целиот круг да биде затворен како струјно коло. Една институција да профункционирала во тој момент немаше да се случи ова. Да не се лажеме, највиновна е полицијата. Да имаше доблест, да имаше морал министерот, требаше веднаш да си поднесе оставка, за да остави простор целата истрага да се одвива независно. Тоа не го видовме. Не видовме одговорност кај највисоките чинители на власта, бидејќи тие се тие коишто го водат системот. Ден претходно да направеле една контрола тоа немаше да се случи“, вели Лефков.

„Не би му го посакал ова ниту на најголемиот душман. Вакви трауми, каде што еден цел град ти е настрадан, една цела генерација каде што е настрадана е стражно жално и болно“, изјави новинарот Горан Лефков за тоа каков е животот во Кочани после несреќата во која загинаа 59 млади луѓе и дали е воопшто лесно да се живее после трагичниот настан во овој град.

За тоа дали оваа катастрофа е последица на наталожените проблеми, заташкувањето, прогледувањето низ прсти, нефункционалноста на институциите, Лефков со категорично ДА!“.

„Сите шевови многу добро ги нотиравте коишто доведоа до катастрофата. Ние како истражувачки новинари сме фокусирани во делот на борба против корупцијата и таму знаеме дека за да ти се случи еден коруптивен настан, мора целиот круг да биде затворен како струјно коло. Една институција да профункционирала во тој момент немаше да се случи ова. Да не се лажеме, највиновна е полицијата. Да имаше доблест, да имаше морал министерот, требаше веднаш да си поднесе оставка, за да остави простор целата истрага да се одвива независно. Тоа не го видовме. Не видовме одговорност кај највисоките чинители на власта, бидејќи тие се тие коишто го водат системот. Ден претходно да направеле една контрола тоа немаше да се случи.

-И не само тие. Тука се и инспектори за противпожарна, Дирекција за заштита и спасување, финансиски институции. Како можела да работи таа дискотека со блокирана сметка, на црно набавувала пијалоци. Се збори за сума од 1.500.000 денари кои се потрошени за набавка на пијалоци само за таа вечер. Тоа е на црно, тоа е затајување на данок, перење на пари. Ние гледаме дека луѓе одат во затвор за ќебапи, а овде овие не изреагирале. Ако ја пломбирале како може да отпломбираш објект кој е затворен од државна институција“, вели Лефков.

„Ние во гроб живи немаше да влеземе. Децата си ги изгубивме, секој по некого изгуби. Но треба да се вратиме назад, бидејќи има некој за кого треба да живееме“, вели Лефков и додава дека сите ние сме сега со обврска да направиме подобар систем барем за децата што останаа и за децата коишто доаѓаат.

„Во Кочани, по статистиките со коишто сум запознаен, во Кочанската болница годишно се раѓаат околу 150 до 200 деца годишно, а ние толку имаме починати и повредени во несреќата. Тоа е една цела генерација“, потенцира Лефков.

Фото: Трилинг / Горан Лефков

Говорејќи за тоа дека Кочани се спомнува и е поврзуван со „Франкфуртската мафија“, случајот „Детонатор“ кој никогаш не се расветли, Лефков вели дека тоа е една екипа, една група од двете партии која се шалтала како уценувачи и рекетари.

„Тоа е една цела структура што правеше многу кривични дела. Тоа е екипа на која цело време и е прогледувано низ прсти. Знаеме дека едно од тие лица беше обезбедување на Никола Груевски. Имаше и друга група со која се конфонтираа. И нив и полицијата и сите други служби многу добро ги знаат, но сите замижуваа. Деведесетите години тие групи беа создавани во Кочани, потоа ги кренаа на ниво на цела Македонија.

Околу гласините дека во Кочани има две-три семејства кои имаат се под контрола и кои се тие, Лефков вели дека е точно дека има семејства кои контролираат одредени процеси.

„Тие биле политички активни ликови во СДСМ. Тука е едно семејство на поранешен пратеник на СДСМ, Ванчо, стопанственик од Кочани, а од страната на ВМРО-ДПМНЕ ако се извлече како моќен лик е поранешниот градоначалник Ратко Димитровски. Сегашниот градоначалник, Љупчо Папазов беше директор на Комуналното претпријатие и беше лицето кое беше контакт со централата во Скопје“, вели Лефков.

За тоа како гледа на акцијата која сега се спроведува, Лефков смета дека ова најверојатно ќе биде првиот случај кој ќе заврши со судски пресуди.

„Друго е прашањето дали некој ќе ми ја врати внуката ако ги осудат сите. Никој нема да ми ја врати. Работата е што ние како општество мора да изградиме многу повисока свест, да пријавуваме и да се следат и контролираат институциите“, изјави Лефков.

Говорејќи за двојните аршини каде што на домашните медиуми им беа поставувани стандарди што и до каде смее да се снима, да се фотографира, за да се дојде до ситуација нашите медиуми да преземаат фотографии па и цели текстови од странските новински агенции, Лефков вели дека Владата на Мицкоски е премногу исплашена од луѓето.

„Со овие барања тие гледаа да направат нешто за да се најдат, пикнат некаде во целата оваа приказна таму кај што не им е место. Затоа и носеа такви глупости и барања. Зошто да не снимаат медиумите? Па тоа им е работа. Тука препознавам обид за релативизирање, обид за цензура на овој гнев кај граѓаните. Прво пробаа со разноразни излегувања на прес конференции, како од времето на Груевски. Ќе се случи некоја несреќа тој ќе оди ќе се слика со сите. Работев како локален новинар кога се преполни браната „Калиманци“ и се поплавија неколку села (Облешево, влезе вода во стадионот во Штип). Претходната година пукна една друга брана кај Пишица затоа што за петстотини евра не ја исчистија вратата на браната и кога требаше да ја отворат за да истече водата, таа не истече, туку се прели браната и се уништи. Велеа дека тоа е природна катастрофа, па Груевски се сликаше, велеа демек дождот не можел да се запре, а всушност тоа беше катастрофа која требаше да се запре“, вели Лефков.

Фото: Трилинг / Горан Лефков

Околу тоа дека јавноста е сведок на обидите за лично оцрнување на независни медиуми, новинари, па и закани кон нив поради нивната критичка обсервација и откривањето на корупција, Лефков вели дека тоа било присутно, го има и ќе го има.

„Тоа што ние како општество и новинари треба да се бориме е да зборуваме за тие права. Тоа е начинот на којшто се чуваат правата и новинарското право за известување не е еднаш за секогаш дадено и за тоа треба да се избориме. Тие не не гледаат нас како пријатели. Ако можат да не искористат за нивни ПР тогаш е ОК, а ако не можат да не искористат тогаш ние сме нивни непријатели. И така ќе не гледаат и така ќе не третираат. Искрено не верувам дека тие имаат поголема општествена свест. Огромен дел од нив се влезени за да решат приватни финансиски проблеми, да се обезбедат за 5-6 генерации и тоа е. Не можеме од нив да очекуваме да придонесат за развојот на општеството, за развојот на граѓанните, за развојот на државата. 40 години не убија со оваа корупција. Кога ќе се споредиме до каде отиде една Словенија може да констатираме дека не убија со таа корупција“, смета Лефков.

Говорејќи за тоа колку реално може да се очекува рестартирање на системот за проблеми кои со години се наталожувани, Лефков смета дека несреќата во Кочани преставува едно будење и отрезнување.

„Катастрофите се едно будење и отрезнување. Ако ништо не се промени нивниот број ќе се зголемува затоа што видовме дека системот не функционира. Не функционираше во Модуларната болница во Тетово, не функционираше системот за „Беса транс“ кога живи изгореа луѓе кои патуваа, не функционираше и во случајот со „Дурмо турс“ и така кататрофите се редат. Затоа што некој со „Дурмо турс“ не си ја завршил работата на техничкиот преглед, затоа што полицаец не го сопрал „Дурмо турс“ да го изнесе на техничка контрила, цариниците во Бугарија не го исконтролирале добро автобусот на „Беса транс“ за да видат дека има запаливи материи… Целиот систем на контрола е девастиран. Имаме инспектори, полициски инспектори, за животна средина инспектори што се лесно поткупливи, за едно кафе се продаваат“, вели Лефков и додава дека митоманијата стана стил на живот затоа што ние како граѓани тоа го толерираме.

„Ако ние тоа го пријавиме каде што треба да го пријавиме, и ако тој орган го следиме во постапувањето со тоа дело, тие нема да се осудат да го прават тоа. Има голема вистина во тоа дека во моментот кога ќе го пријавиш ти си спасил државни ресурси. Милијарди годишно ние губиме поради корупција. Кога се тоа тоа ќе го поделиш на денови и часови и секундата кога тоа ќе го пријавиш ти си спасил нешто. Системот е како автомобил, ако го оставиш сам да се движи без да го управуваш, тој ќе заврши во ендек. Ние така завршивме сега со катастрофата во Кочани. Корупцијата не убива секој ден“, вели новинарот Горан Лефков.

Целото интервју со истражувачкиот новинар Горан Лефков погледнете го во видеото.