„Судскиот совет со години наназад беше посочуван како најважен сегмент од правосудниот систем, кој треба да е гарантор на независноста на судовите. Од декември 2022 година самиот Судски совет како да почна да се самораспушта. Заедно со Советот на јавните обвинители тоа се тела кои влијаат и на угледот на судството. Кај нас проблемите се во законската рамка, таа мора да се смени, но се упатува и кон посуштински реформи, тие упатуваат и на уставни амандмани“ вели врховната судијка Мирјана Лазарова Трајковска во Трилинг.
За идејата на мандатарот за распуштање на овие две тела судијката смета дека „не може да се изврши лесно преку закон. Мандатот на СС како модел е уставно утврдена. Изборот на мандатот на судиите е предмет на регулативи, директиви, и не се работи за доживотен мандат туку се работи за мандат со работен век регулиран. Селекцијата на судиите го детерминира составот на судството, важна е првата селекција при приемот на Академијата за обука. Во неколку пати таа потфрли при изборот на кандидатите. Преку Академијата се гради или не се гради угледот на судството. Нашиот концепт на Академијата кога се формираше пред повеќе од 20 години беше поврзан со концепт на Академија на судии и обвинители во Франција. Но за жал филтерот на новите кандидати потфрли. Тоа беше слика која не оставаше објективност“.
За тоа каде е изворот на ниската доверба на граѓаните во правосудството, врховната судијка вели „Повеќе од 20 години вината се бара во судството и за грешки на извршната власт и за системски грешки. Падот на интегритетот на судството е системска работа и градењето на интегритетот е и работа на самите судии. Во добар дел судиите и судовите зависат што ќе работи јавниот обвинител во истрагата. За жал многу малку се прави анализа на структурата на предметите“.
Во делот на корупцијата и неказнивоста имаше предмети кои долго време се држеа во фиока за да застарат.
Лазарова Трајковска вели дека во извештаите на ЕК и Стејт департментот се препознава спрегата меѓу законодавната и извршната власт.
„Прашање е како да се скрати тој синџир, тој е многу подолг и секоја алка е цврсто зграбена кон другата алка. Мора да покажеме капацитет за справување, пресекување на најжилавите алки“ смета судијката.
За поврзаноста на судиите со адвокати и јавни обвинители преку роднински врски вели, „ние сме мала земја, но ова се појавува и во другите земји. Одиме по моделот на кариерен системот во Франција, по завршување на Академијата, ако синот или ќерката на судијата влегуваат во таа професија, никако не треба да се распоредени во истото апелационо подрачје. Во Франција не можете да работите во градот од каде што потекнувате. Кај нас има обратен систем, или се сите концентрирани на едно место, или сакаат сите да се во Скопје“.
За најавите на новиот претседател на Уставен суд за длабински реформи Лазарова Трајковска, која своевремено беше дел и од овој суд, вели „важни се, силно ги поддржувам, недостасува закон за Уставен суд. Овој суд е некако настрана од редовното судство“.
„Кога друга власт ќе упадне во работата на судската власт се што сработил судот ќе отиде низ вода. Упадот со измените на КЗ во постапки кои беа пред судовите нанесе голема штета и не може да кажеме кои последици ќе ги гледаме. Измената на КЗ не ја врзувам само за кривичните постапки, генерално за една политика на неказнивост на една категорија граѓани која креира незадоволство на обичниот граѓанин кон судството. Краткорочните упади нанесуваат штета, а последиците паѓаат на грбот на судството“ вели судијката.