(Видео) Лабудовиќ: „Чебрен“ ни е најстратешки објект, РЕК „Битола“ мора да остане во државна сопственост

„РЕК „Битола“ е нашиот прозводител на базна енергија. Тие капацитети мора да бидат во државна сопственост. „Чебрен“ е еден од стратешките проекти на државата не само од енергетска гледна точка туку и како резервоар на вода и развој на туризам“, вели Лабудовиќ.

Фотоволтаични електрани, појаси за ветерници, достапност за гас на големите потрошувачи. Се почнато, но не е целовито. Во овие предизвици на енергетска зелена транзиција има и една непознаница – како и кога ќе се затворат трите блока на РЕК Битола. РЕК „Битола“ е всушност прашање кое долго време тлее. Кои се предизвиците пред новата администрација во секторот рударство и енергетика? Македонија и по три децении самостојна држава и натаму е енергетско зависна. До кога и како?

„Ние сме мала држава, меѓутоа географски имаме одличен потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори. Имаме годишно во просек над 280 сончеви денови, имаме на некои места поволен ветар за производство на електрична енергија од ветро-електрани и имаме сериозен хидро потенцијал кој веќе го искористуваме и имаме планови да продолжиме да го искористуваме.

– Државата сериозно пристапи кон решавање на овие проблеми и побрзо трасирање на патот према зелената енергија со отворање на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Законот е финализиран. Всушност измените и дополнувањата на овој закон не се само малку, туку ги имплементираме сите препораки и директиви на ЕУ и всушност ова ќе претставува една реформа во енергетиката што за многу брзо ќе ја осетиме и после Нова година. Работната група во моментов работи на основниот текст на законот за обновливи извори кој прв пат ќе биде донесен во Македонија и се регулираат сериозни работи во тој дел. После тоа, работната група ќе пристапи кон измените и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност и овој пакет на закони всушност ни го трасира патот кон чистата енергија, изјави за „Трилинг“ заменик министерот за енергетика рударство и минерали суровини, Мирослав Лабудовиќ, одговорајќи околу најновиот извештај на ЕК каде е констатирано дека административниот капацитет за развој и инвестиции е недоволен и дали тоа значи дека не знаеме како системски да ја планираме и да ја користиме зелената енергија.

За „МЕПСО“ и дали е оспособен за идниот прилив и редистрибуција на струјата од обновливи извори и напливот на фотоволтаици, Лабудовиќ смета дека во моментов од „МЕПСО“ се оспособени, но „МЕПСО“ си има своја инвестициона програма и сега ја доразвива.

„Има нов потпишан договор во јули оваа година со поддршка од Европската банка за обнова и развој. Мислам дека се во прашање околу 36 милиони евра за изградба на нова трафостаница – 400 киловолтна, во Милетково во близина на Валандово и реконструкиција или обновување на сите тие далекуводи што гравитираат во тој регион и со тоа се зголемува капацитетот за прифаќање на нови капацитети од обновливи извори на енергија.

Фото: Трилинг / Мирослав Лабудовиќ

-Планот на „МЕПСО“ е долгорочен и ќе се работи на обновување на скоро сите 110 киловолтни далноводи. Исто така се прават напори да се откочи изградбата на делекуводот Битола – Охрид до албанска граница, што е исто приоритет на државата, бидејќи во тој случај ќе бидеме со 400 киловолтни делкуводи поврзани со сите соседни држави и исто да се продолжи изградбата на трафостаницата во Охрид. Во моментов исто така се разгледува опцијата за почнување , за дизајнирање, проектирање на нова трафостаница во близина на Куманово, бидејќи има голем број на проекти од обновливи извори во тој регион од државата, вели Лабудовиќ и додава дека планот за балансирање на енергија Министерството го зема како приоритет.

„Ние веќе имаме вишоци со производство на електрична енергија од обновливи извори и мора таа енергија преку денот да ја складираме и да се искористи во ноќните часови каде што имаме недостаток“, потенцира Лабудовиќ.

Околу забелешките од Брисел за недостаток на систем за евалуација и проценка на енергетските политики и перформански, како пример еуфоријата за гас, но конекторот од Грција допрва ќе се гради и за тоа како ќе се користи ТЕЦ „Неготино“, Лабудовиќ вели дека ТЕЦ „Неготино“ уште кога е изградена има можност со мали модификации да се приклучи на гас.

„Нашата транзиција од јаглен према обновливи извори мора да помине преку користење на гас. Интерконекторот се прават напори и мислам дека набрзо треба да се отвори тендерската документација, за да се заврши конекцијата со Грција и мораме да не бидеме зависни како држава од една приклучна точка за гас. Гасот ќе ни биде приоритет, да се поврземе и со Србија и со Грција и час поскоро да ги поврземе и другите електрани на гас. Со поагресивен пристап кон решавање на проблемите мислам дека за некој нормален број на години ќе ги задоволиме нашите потреби, бидејќи на не толку долг рок планираме првиот блок на РЕК „Битола“ да се пренамени во гас, бидејќи во моментот и тоа е патот во овој процес на декарбонизација, кадешто сме обврзани да ја намалиме емисијата на јаглен“, рече Лабудовиќ.

„РЕК „Битола“ е нашиот прозводител на базна енергија. Тие капацитети мора да бидат во државна сопственост. Можеби имало преговори во минатото, но ние како држава таков капацитет за прозиводство на базна електрична енергија, не гледам простор како би можело да му ги отстапиме на некој во јавно-приватно партнерство. Зошто? Најголем број од државите за таков тип на базна енергија, производителите се во државна сопственост, не се оставаат на партнери. Можеби доколку имаме нови инвестиции како „Чебрен и Галиште“ да разговараме дали да влеземе во стратешко партнерство или да ги изградиме сами. Но за РЕК „Битола“ пренамената во гас не гледам причина зошто би одело со јавно-приватно партнерство.

„РЕК „Битола“ се уште претставува еколошка бомба затоа што електричната енергија се произведува од јаглен и тоа е факт од 1980 година. Тој факт не може да се скрие. Но имаме план да ставиме филтри за намалување на емисијата и исто така има одредени технологии на база на хидроген коишто можат да помогнат во намалување на емисијата на Co2.

– Морам да кажам дека РЕК „Битола“ го има отслужено своето, но јас доаѓам од автомобилската индустрија и колку и да е стара машината доколку редовно ја оддржувате, правите ремонти, таа ќе трае со години. Имам информација дека во март требало да биде направен ремонт на Блок 1 и не е направен. Не знам од кои причини и зошто, бидејќи инвестицијата во превентивното, тековното оддржување е многу помала доколку ви се случат дефекти. Значи мора раководствата на компаниите и верувам дека новото раководство тоа ќе го прави, да ги стави под контрола оддржувањата и ремонтите, зошто само така можеме да добиеме доверливост на системот и долгорочност, смета Лабудовиќ.

Говорејќи за „Чебрен“, заменик министерот вели дека треба да се направи уште студија за да видиме каде сакаме да одиме.

„„Чебрен“ е еден од стратешките проекти на државата не само од енергетска гледна точка туку и како резервоар на вода и развој на туризам. Тоа е хидро систем, енергетски систем на реката Црна. Проектот е започнат уште 1950 година и низ годините се има развивано. Насоките и плановите на државата и наши како Министерство за енергетика се тој проект да се реализира, но не со брзање. Дали како инвеститори би оделе сами или би оделе во некакво стратешко партнерство, треба да се види моменталната економска состојба на државата и како тоа некој нас би ни помогнал од финансиерите – банките. Тука можам да го цитирам премиерот каде што кажа дека се разговара како опција одреден американски капитал да влезе како стратешки партнер, но тоа не е затворено прашање, бидејќи во моментот кога ќе одлучиме да ја градиме централата, а сметам дека тоа нема да биде некоја далечна иднина, туку напротив ќе биде брзо, ќе процениме ние како држава дали можеме да одиме сами, да го носиме тој товар или ќе влеземе со стратешко партнерство. Тука би додал уште нешто. Мој личен став е дека како држава мора да ги искористиме сите оние повозрасни инженери, што работеле на Св. „Петка“ и на „Козјак“, што ги изградиле браните и го проектирале тој објект, да ги вклучиме во новиот проект на „Чебрен и Галиште“, да го пренесат своето знаење на помладите инженери, зошто само така со пренесување на знаењето ќе имаме одржлив систем“, вели Лабудовиќ.

Целото интервју со заменик министерот за енергетика рударство и минерали суровини, Мирослав Лабудовиќ, погледнете го во видеото.