
За измените на Кривичниот законик и кој – кого сака да спаси со овој спорен закон разговараме со Вера Коцо – поранешна судијка во Врховниот суд.
Преписките меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговиот претходник Никола Груевски беа почетна тема и во ова интервју. Коцо вели дека не е политичар за да го оцени ова, не може да види како ова би влијаело на правосудниот систем.
Состојбите можам да ги разгледувам и евентуално да оценувам врз правосудниот систем. Веќе имам кажано дека правосудниот систем е ставен на тапет што е многу страшно во однос на она што значи судска власт во нашата држава. Препукувањето меѓу партиските лидери, независно за која политичка партија станува збор, е помалку важно за судството. Судството треба да биде ослободено од она што е атак на него. Не смее да има присилба за носење законски решенија, да не се удира по нивната самостојност. Судиите мора да бидат самостојни, започнува судијката Вера Коцо.
Околу измените на Кривичниот законик таа вели дека бадијала е промена на Устав ако не докажеме дека Македонија е правна држава.
Јас како долгогодишен судија кој ги поминал сите судски дистанци тргнувајќи од Основниот, па до Врховниот суд можам да кажам дека неприфатливо е образложението на извршната власт која го даде за потребата од овие промени. Беше кажано дека овие промени се потребни поради усогласување на оваа регулатива со стандардите на ЕУ и дека така ќе дошло до решавање на проблемите од кривичната материја. Јас не мислам така. Напротив, кога се работи за измена на некој закон треба анализа. Дали овие кривични дела кои се спомнуваат „злоупотреба на општесвена положба“, „злоупотеба за јавни набавки“, дали потребата за нив не е на она ниво како што била односно дали кривичните дела веќе ги нема?, прашува Коцо.
Таа додава дека е погрешен временскиот тајминг. „Не знам зошто се одлучија во овој момент да се направи ова“, додава таа.
Сите согледување укажуваат во таа насока дека ова се прави за уставни измени. Како и да е ова што се случи не беше потребно во овој момент, кога сакаме да покажеме дека во нашата држава владее правото и дека Македонија е правна држава. Ако не успееме да докажеме дека сме правна држава бадијала е промена на устав. Од нас се очекува, во овој период на скрининг се очекува да покажеме дека владее правото, дека нема селективност во правдата. Како ќе успееме тоа да го докажеме ако се носат вакви измени, заклучува таа.
Таа на крајот вели: Не треба да се драконски казните, но мора да има казнивост. Околу конфискацијата, вели дека таа постоела и порано.