
(Видео) Костовска: Околу албанскиот јазик прашањето е веќе во менталниот склоп
- Секоја реакција некому да се спомне дека ќе се учи албанскиот јазик има ужасни реакции. И тоа не е дали да се решава на законско ниво, туку тука е веќе еден ментален склоп, треба да се направи еден културолошки скок, бидејќи ние сме многу паднати во тој поглед, вели проф. д-р Костовска.
„Околу јазиците многу повеќе се политизира и се користи како маша во собирање на поени, собирање на гласачи и тоа е многу одамна и некако циклично се повторува, ми се чини по потреба дека треба да се браниме. Мислам дека тие пропусти кога не се формулирало како што треба тој момент, значи без антагонизам со една спокојност да се решаваат тие проблеми, предизвикуваат се повеќе и повеќе таков антагонизам и секогаш се создава една состојба во момент кога треба или да се одврати вниманието од нешто или за да се добијат поени“, изјави проф. д-р Весна Костовска од Институтот за македонски јазик, говорејќи околу отпорот за употребата на Законот за јазици и од каде произлегува тој антагонизам.
„Секогаш ќе има незадоволни. Страшно нелогично и страшно изгледа кога ќе кажеме дека може да се учи албанскиот, ромскиот, влашкиот и српскиот јазик во училиштата, а сето тоа е за приближување, за создавање на една многу попријатна атмосфера. А ние со тоа што се формира „стража“, па имаме реакции, ништо не може да се реши така како што е кога е една таква збувната ситуација, вели Костовска.

За тоа како јазикот на заблудата да се замени со јазикот на рационалноста проф. д-р Костовска вели „многу тешко“.
-Секоја реакција некому да се спомне дека ќе се учи албанскиот јазик има ужасни реакции. И тоа не е дали да се решава на законско ниво, туку тука е веќе еден ментален склоп, треба да се направи еден културолошки скок, бидејќи ние сме многу паднати во тој поглед и треба да се добие едно чувство дека не постои опасност, дека не е страшно.
-Постои едно мислење дека на тој начин ќе се разделиме, дека не постои еден официјален јазик и дека нема да може да се разбереме и тоа е поле за расмислување, но никогаш не треба да биде тоа еден страв, еден отпор. И не е само кон јазикот, знаеме ние дека меѓуетничките односи се разгоруваат. Еден период наназад малку се стабилизираа тие односи, се создаваше една попријатна атмосфера. Мене искрено многу ми стана непријатно кога повторно почнаа тие нешта да се разгоруваат, најмногу заради лични интереси, поради политички поени и просто е страшно, вели Костовска.
Целото интервју со проф. д-р Костовска дадено за магазинот „Трилинг“, погледнете го во видеото.