
(Видео) Костова: Казната за погрешните политики ја плаќаме, но нема да молчиме
Околу забелешките на СДСМ за тоа зошто поранешни блиски соработници на Груевски сега се ангажирани за советници на Мицкоски, а самата СДСМ со измените на Кривичниот законик овозможи дел од тие дела да застарат, да бидат преквалификувани, а на некои да им се намали затворската казна, Костова вели дека тоа е една од најголемите, ако не и најголема грешка на СДСМ за време на владеењето.
„Незадоволството од ценовните шокови кои во континуитет се случуваат во изминатите месеци воопшто не се неочекувани. Кукавичко е целото постапување на Мицкоски и на ДПМНЕ откако се на власт, во однос на сите економски политики кои што или ги нудат или се изолираат себе си, се вадат себе си од ситуација да понудат какви било економски решенија за сериозните економски и финансиски проблеми со кои се соочуваат сите граѓани, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова околу граѓанскиот бојкот на маркетите заради превисоките цени.
Костова додава дека Мицкоски е директен соучесник во покачувањето на цените во изминатиот период.
„Кукавички беше што тој им даде предност на сопствениците на трговските синџири во трката кон новогодишната кошничка. Знаеме дека тие мерки беа најавени месец дена пред нивното ефектуирање и нивното почнување, а во тој период Мицкоски и ДПМНЕ не направија ништо за да го спречат вртоглавиот раст на цените во периодот од најавата до почетокот на новогодишната кошничка, за на крајот да добиеме еден резултат во којшто цените по 15 декември и покрај тоа што беше веќе во сила новогодишната кошничка да бидат повисоки од цените на истите продукти во периодот кога таа новогодишна кошничка беше најавена.
-Тој немаше обврска само да ја најави мерката и да ги остави трговските синџири да постапуваат онака како што сакаат, впрочем тој е одговорен што ги стави граѓаните до ова дереџе да дојдат, и тие да мора самите да се организираат и да покажат некаков бунт. Лицемерно е што сега и тој го поддржува бојкотот. Мицкоски и ДПМНЕ имаа можност да спроведат квалитетни економски решенија и доколку ги немаа како идеја ние им ги понудивме“, вели Костова.

За тоа колку е реално да се очекува постепено економско заздравување или можеби продлабочување на социјалното раслојување, потпретседателката на СДСМ вели дека фактите и статистиките говорат дека нема врска тоа што го зборуваат лицата коишто доаѓаат од власта – Мицкоски и сите околу него.
„За неполни осум месеци се гледа дека доживуваме крах на полето економија. Цените вртоглаво растат. Платите стагнираат, не растат и дури се заговара и понатаму да не растат истите, а животниот стандард на граѓаните драстично паѓа. Во декември 2024 година трошоците за живот пораснале за 4,4 проценти, а цените само на основните производи се зголемиле за 4,3 проценти. Тоа се официјални статистички податоци. Гледаме дека таа ДПМНЕ-овска матрица на привилегирање само на неколкутемината што се во неговиот круг на партнери, се забележува дека продфолжуваат онаму каде што застанале во 2016-та година. Кукавички е не само што не го спречуваат и не прават ништо за да го спречат ценовниот шок, туку исто така Мицкоски се иззема самиот себе си од процесот на преговори за покачување на минимална плата и ги остави синдикатите и работодавачите самите да договараат. Тоа е екстремно кукавичка позиција, затоа што Мицкоски не е лидер на опозицијата, Мицкоски е премиер и негова обврска е тој да се стави во процесите на медијатор и впрочем да покаже политичка волја дека навистина се грижи за граѓаните и се грижи за тоа граѓаните да имаат повисоки плати“, смета Костова и додава дека ова воопшто не е изненадување затоа што тоа е таа добро позната дмнеовска матрица која што ја имавме во минатото, а за која што гледаме дека сега продолжуваат да ја применуваат.
„Само да ве потсетам, пред неколку дена, Трајко Славевски којшто во текот на сите 7 години додека ние сме биле на власт даваше изјави за тоа како не било добро да се покачува минималната плата, сега вели дека граѓаните не треба да се залагаат и не треба да бараат повисоки плати, а дека бојкотот на маркетите бил фолклор. Обезбедувањето на пристоен живот за граѓаните се уназадува, а со цел да се реализира повторно она враќање на дпмнеовската елита од која што се ќе зависи и тие да ги држат граѓаните во финансиски и економски клинч или грч за да можат полесно да управуваат со нас.
-Она што се забележува е дека во периодот од 2021 до 2024-та година имаше ценовни шокови насекаде во регионот и глобално во светот и тоа беше очекувано постпандемиско економско случување. Но она што сега го забележуваме, во последните неколку месеци е дека насекаде во регионот и во Европа, цените на основните продукти паѓаат, а само кај нас значително, драстично се зголемуваат“, констатира Костова.
Говорејќи на политичките теми, потпретседателката на СДСМ Костова вели дека додека ДУИ не се реформира, односно додека не настапат потребните реформи, СДСМ со нив (ДУИ) има раскрстено.
„Малку е лицемерно ДПМНЕ да се обидува да создаде непостоечка врска помеѓу СДСМ и ДУИ во моментов, затоа што од една страна ДУИ им помага да гласаат закони, а од друга страна велат Артан Груби е близок со СДСМ. Истиот тој Артан Груби беше пропуштен да помине преку граница, од кадри коишто се тесно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ-овски челници, така што во моментов поголема е врската помеѓу ДУИ и ДПМНЕ отколку што некогаш била помеѓу СДСМ и ДУИ. Да, СДСМ го плаќа цехот за сервилноста кон ДУИ.
-Што се однесува до кривичните пријави до некои од нашите членови, да, постојат кривични пријави, она на што ние апелираме и до власта и до јавноста е секогаш да се зачувува оној концепт на пресумпција на невиност. Не можете вие да осудувате некој без воопшто да биде покренато обвинение за него од Обвинителство. Тие финти и тие сензации коишто ги прават челниците од власта, преку давање на нецелосни изјави за тоа кој е опфатен во истрагите а кој не, не треба да бидат финти на коишто паѓаме сега во 2025-та година, затоа што можат сериозно повторно да ја нарушат демократијата. Она што ќе го кажам е дека нема да прифатам и прва ќе се побунам на она што значи политички прогон против моите другари и другарки, вели Костова.

Говорејќи околу хвалоспевот на Путин од страна на Додик и присуствот на Филипче на тој настан, Костова вели дека тој ден е празник кој го одбележуваат наши сонародници и не треба да има ништо спорно што Додик бил поканет. Но има многу спорно, вели Костова, во тоа како се организирал тој настан.
„Сега Мицкоски се обидува да избега од одговорноста и да ја препише на некој од неговите коалициони партнери, но и самиот Мицкоски знаел дека Додик ќе биде поканет и самиот знаел дека неговиот коалиционен партнер кани политичка фигура која што оди спротивно, не само на процесите на европската интеграција на државата од која што доаѓа, туку и на целиот регион и тука одговорноста треба да се бара во власта. Власта конечно треба да каже дали навистина е за продолжување на патувањето на Македонија кон ЕУ и нејзино конечно зачленување, дали таа стратегиска цел ја задржува или пак сака да ги остварува стратегиите и политиките на луѓе и центри на моќ коишто работат против истото, смета Костова.
Околу забелешките на СДСМ за тоа зошто поранешни блиски соработници на Груевски сега се ангажирани за советници на Мицкоски, а самата СДСМ со измените на Кривичниот законик овозможи дел од тие дела да застарат, да бидат преквалификувани, а на некои да им се намали затворската казна, Костова вели дека тоа е една од најголемите, ако не и најголема грешка на СДСМ за време на владеењето.
„Одговорноста за тоа ја носиме. СДСМ беше казнет на избори, меѓу другото можеби и поради грешните политики во таа насока“, истакна Костова.
На прашањето дали тоа значи дека се оградуваат од претходните политики на Ковачевски и Заев, Костова вели дека праксите кои биле лоши се оставаат во минатото.
„Сега се фокусираме на нудење подобри и поквалитетни решенија. Грешки биле правени и се разбира, онаму каде што тие грешки биле направени, ние сега не можеме да кажеме дека тоа било добро. Борбата против корупцијата останува значаен дел од она што значат основни вредности во дејствувањето. Јас само сакам да потсетам дека во минатото, да, биле направени ваквите грешки, но исто така ние мора да бидеме свесни дека во едно демократско општество судската власт треба да биде издвоена од законодавната и извршната власт. Се правеа грешки. Ако мене ме прашувате и во тоа што лицата од „тефтерчето“ на Гордана Јанкуловска во голем дел си останаа на местата каде што беа. Онаа идеја за генерален реизбор во судството не помина и тука некако се повлекоа работите. Тоа се грешки за коишто ќе зборуваме можеби во иднина, меѓутоа се грешки кои со наредното доаѓање и преземање на власта ќе работиме да ги елиминираме. Тоа е мое лично убедување и јас лично се заложувам за тоа, но и сите членови, не само на раководството, туку буквално сите членови“, потенцира потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
Ова е само дел од разговорот со Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ. Целото интервју погледнете го во видеото.