Бразил не започна добро на Копа Америка, откако ремизираше против Костарика со 0:0, но тоа го поправи веќе во вториот натпревар.
Решавачки беа последните десет минути од првото полувреме кога Бразил постигна три гола, па продолжението беше само формалност.
Во 31. минута од натпреварот беше досуден пенал за Кариоките, кој не го искористи Лукас Пакета, но Бразилците поведоа четири минути подоцна преку Винисиус Жуниор. Во 43. беше 2:0, а стрелец беше Савио, а Винисиус во петтата минута од судиското надополнување го постави конечниот резултат на првото полувреме.
Се играше 48. минута од натпреварот кога Парагвај намали преку Омар Алдерете, а во 65. минута беше досуден нов пенал за Бразилците.
Лукас Пакета повторно ја зеде топката и сега ја погоди мрежата на парагвајскиот голман и со тоа го постави конечниот резултат на натпреварот, 4-1.
Во вториот натпревар од оваа група Колумбија победи со 3:0 против Костарика.
Во оваа група Колумбија има шест бода на првото место, а Бразил има четири бода на второто место. Костарика досега освои еден бод, а Парагвај е единствен без бодови.
Во последниот натпревар од групата ќе се сретнат Колумбија и Бразил односно Парагвај и Костарика.