(ВИДЕО) Кои предизборни ветувања преживеаја во владината програма

Со платформата 1198 и исто толкав број проекти, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ предизборно тргна во лов на гласови.

„Оваа програма е срочена за да гарантира целосно функционирање на системот, заштита на националните интереси, квалитетно образование, како и модерен здравствен систем“,

кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, презентирајќ ја Платформата 1198.

Коалицијата „Вреди“, составена од повеќе партии на Албанците во земјава, бараше поддршка врз основа на програмата насловена „План 2030“.

„Нашата програма се однесува на економскиот развиток, интегрирање на државата во ЕУ, како и на подобрување на меѓуетничките односи, односно подобрување на правата на Албанците кои ги претставуваме“,

кажа Билал Касами – претседател на БЕСА и дел од Коалиција „Вреди“.

Движењето ЗНАМ настапи самостојно на парламентарните избори со Проглас за достоинствена Македонија, програма напишана на пет страници.

„Ние строго ќе се држиме до нашите црвени линии“,

велеше лидерот Максим Димитриевски.

По изборите, овие три политички субјекти се договорија да ја создадат следната владина коалиција. А со предлогот за состав на нова влада, според Уставот, мора да се поднесе и програма за работа на владата.

„Штотуку во архивата на македонското Собрание ја поднесов предлог програмата за работа на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ“,

кажа мандатарот Мицкоски во средата.

Колку и кои предизборни ветувања од програмите на новите коалициски партнери влегоа во владината програма?

Програмата за работа на владата која мандатарот Христијан Мицкоски ја достави заедно со предлозите за министри, а Собранието најверојатно ќе ги изгласа викендов, е напишана на 61 страница. Таму се клучните проекти и принципи кон кои ќе се стреми идната извршна власт во следните четири години. Документот има шест поглавја – прво е економијата, следуваат борбата против корупцијата, владеењето на правото, функционален институционален систем, национални приоритети и, на крај, права и слободи.

Внатре, во самите поглавја, во најголем дел, нема конкретни рокови, а не е објаснето и од каде ќе се најдат пари за реализација дури и за најкрупните проекти. Ова е еден од заклучоците на Центарот за управување со промени, невладина организација која ги анализираше и предизборните програми на коалициите и партиите.

„Претпоставувам дека ова се заснова на добрата пракса дека, сепак, после предлог на програма мора идната влада да влезе во соработка со администрацијата и со стручната власт и да види каков ќе биде расположливиот буџет. Која ќе биде финансиската стратегија? Кој ќе биде буџетот за следната година и врз основа на тоа да ги направат мерките и за годишната и за повеќегодишната програма за развојна влада. Но, она што е добро и веднаш треба да се пофали е дека голем дел од мерките, особено од оние што се однесуваат директно на поддршка на одредени групи на граѓани, се задржани во програмата“,

вели за „360 степени“ Искра Белчева Ристовска – програмска координаторка во ЦУП.

Што од предизборните програми на партнерите во извршната власт е задржано во владината програма? Во делот на трудот и социјалната политика, на пример, коалциите „Вреди“ и „Твоја Македонија“ ветувале отворање нови работни места и зголемување на пензиите и тоа е пресликано и во владината програма. Иако не ветиле, ќе бараат и праведна формула за пресметување на инвалидска и семејна пензија.

Во здравството, стојат на ставот за укинување на економски директори и намалување на административните обврски, но не и за ветувањата за вработувања на кадар.

За земјоделството, ветиле и внеле зголемување на поддршката за овчарство, козарство и говедарство, а иако претходно не споменале, владината програма предвидува укинување на некои подмерки за растително производство.

 

 

Она што видно недостасува во владината програма е темата за промена на Уставот, согласно преговарачката рамка на земјава во ЕУ, чекор за кој „Вреди“ тврдеше дека ќе бидат гаранти во новата влада.

„Во целата програма, провејува на неколку места, еве на пример за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, има конкретно дека ќе се предложат барем уставни измени. Претпоставувам дека некој процес во однос на отворање на Уставот ќе ни претстои и од оваа влада, но не го гледаме конкретно дека ќе се однесува на барањата за внесување на Бугарите во Уставот. Дополнително, во програмата на ВЛЕН стоеше дека уште во првата година ќе бидат направени овие измени и тоа токму со цел членство во ЕУ, тоа како таква конкретна мерка не гледаме сега“,

вели Белчева Ристевска.

Искра Белчева Ристовска – програмска координаторка во ЦУП

Промени на Уставот подразбираа повеќе ветувања во предизборната програма на „Вреди“ кои сега ги нема во владината програма. Во кампањата особено одекнаа оние за редефенирање на Северна Македонија како земја на две мнозински заедници, македонската и албанската, формирање на албанска банка и формирање албанска Академија за науките и уметностите. Од „Вреди“ не се согласуваат дека „извисиле“. Велат, успеале да обезбедат силно динамизирање на евроинтеграциите, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, како и економски реформи. А за други прашања, отвориле дебата и веќе чекаат развој.

Сите сме свесни дека македонската страна има свои грижи и бара дополнителни гаранции, а во исто време, сите сме свесни дека без ВМРО-ДПМНЕ уставните промени не можат да се случат. Затоа, нема да се однесуваме наивно и како нашата политичка конкуренција да продаваме демагогија, туку сме јасни и прецизни. Во разумен рок очекуваме ВМРО-ДПМНЕ да го соопшти планот под кои услови ќе се спроведат уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ им вети на своите гласачи дека ќе се обиде да обезбеди дополнителни гаранции дека уставните измени се последниот услов за суштинско отворање на преговорите за конкретните поглавја“,

ни одговорија од Коалицијата „Вреди“.

За разлика од „Твоја Македонија“ и „Вреди“ кои имаа пошироки предизборни програми, најмалиот коалиционен партнер ЗНАМ имаше најкратка програма – се на се пет страници. Ги прашавме – што од тоа сметаат дека е преземено во владината програма на мандатарот Мицкоски.

Програмските определби и приоритети на Движењето ЗНАМ во процесот на преговори се прифатени од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ и тие ќе бидат составен дел од владината програма. Не отидовме ние да преговараме битпазарски само за функции. Имавме стратегии за преговори и за настап и за нашите принципи за учество во владата. Се уште преговараме во делот на имплементација на нашите програмски приоритети, тука е делот со правосудството и нулта толеранција за корупција, за тоа го таргетиравме ресорот правда, во делот енергетика – да си обезбедиме енергија и храна за свои потреби, стабилни меѓуетнички односи…“,

велат оттаму.

И од ЗНАМ и од „Вреди“ ни одговорија дека ја поддржуваат владината програма која до Собранието ја достави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар. Но, велат од Центарот за управување со промени, владата допрва ќе треба да носи и годишни програми по кои ќе реферира и за кои мора да предвиди и конкретни средства и рокови.

Тие ќе кажат кои се сега неопходни работи да бидат внесени во програмата, бидејќи ни се како обврски, ги имаме патоказите кон ЕУ кои истотака предвидуваат мерки и тоа на краток рок. Ќе треба уште еднаш да се прегледа програмата до каде е усогласена со целите и со краткорочните и со среднорочните мерки кои се предвидени во Националната развојна стратегија која беше усвоена токму на крајот на мандатот на претходниот собраниски состав. Многу е битно, заради тоа што таму сите политички партии се обврзаа дека ќе ја следат таа траекторија за развој на државата, така што ние ќе ги следиме и од тој аспект, кога ќе почнат да ги реализираат ќе видиме колку се усогласени со овие стратешки, долгорочни и среднорочни документи и како ги исполнуваат ветувања по однос на нив. Повторно ќе биде се достапно на odgovornavlada.mk“,

вели Белчева Ристовска.

А страницата odgovornavlada.mk која ја споменува Белчева е прва од таков вид во земјава. Во неа е содржано што ветуваа политичките партии пред изборите,  што од тие ветувања ќе влезе во владината програма и клучно – што од сето тао и ќе се спроведе или нема да се спроведе.

Порталот не е замислен да им служи само на политичките елити кои ги прават програмите и ги даваат ветувањата. Достапен им е на сите граѓани, независно дали гласале или не на изборите.