(Видео) Ковачки: Командир на полициска станица пука со калашников од балкон

„Со дивјаштвото и односот од првите луѓе на полицијата, личиме на африканска држава. Цело време зборуваме за криминалци и неспособни началници и командири кои ги има поставено лично министерот за внатрешни – Оливер Спасовски, но ниту до него, ниту до неговиот претпоставен – премиерот Ковачевски не допираат нашите укажувања. Еве најново видео на кое е командирот на ПС Ропотово од кое јасно се гледа пукање со автоматско оружје од тераса“ објави денеска на Фејсбук Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочува дека „автоматско оружје може да има само во АРМ и во МВР, а за цивили истото е забрането. Ова значи дека или оружјето е украдено од склад на МВР и АРМ, или командирот на Полициската станица пука со пушка која нелегално ја поседува или пак дека пука со неговата службена автоматска пушка во сред населено место каде има и други граѓани, односно демонстрира сила и предизвикува општа опасност“.

Инаку, доцна попладнево, од МВР информираа дека командирот бил приведен:

„МВР информира дека денеска од страна на полициски службеници од ОВР Прилеп е лишен од слобода и задржан во ПС ОН Прилеп Е.Р. (30) од с. Дебреште, командир на ПО Ропотово, поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ односно поради основи на сомнение дека на 19.08.2023 на свадба кај негови роднини во семејна куќа во с. Дебреште пукал од огнено оружје.

ОВР Прилеп презема мерки за расчистување на случајот во координација со ОЈО Прилеп и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и по целосно расчистување на случајот, до ОЈО Прилеп ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе биде поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и тој ќе биде суспендиран до донесување на решение во дисциплинската постапка“.