Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на официјалната посета на Сојузна Република Германија, заедно со германскиот канцелар Олаф Шолц, одржаа прес-конференција, на која претходеше тет-а-тет средба на премиерот и канцеларот и билатерален состанок на македонската и германската делегација каде потенцираше дека немаме алтернатива освен ЕУ.
Во продолжение е интегралната изјава на премиерот Ковачевски:
„Навистина ме радува што денес сум во официјална посета на Сојузна Република Германија и ја користам оваа прилика, да се заблагодарам за поканата од страна на канцеларот Шолц и укажаното гостопримство, овде во Берлин.
За кратко време ова е втора официјална посета меѓу нашите земји на премиерско ниво и е силен показател за исклучително добрите односи меѓу Македонија и Германија. На последната средба во Скопје минатата година, истакнавте дека ја имаме Вашата целосна и недвосмислена поддршка во евроинтеграцискиот процес, и тоа го покажувате секојдневно во пракса, за што ја имате нашата благодарност.
Годинава одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји кои се карактеризираат со интензивен политички дијалог и значајна динамика на соработка во сите области.
Сојузна Република Германија е наш клучен политички и економски партнер и во текот на овој тридецениски период на интензивна соработка, поставивме и одржавме трговската размена која само минатата година изнесуваше 3,2 милијарди евра. Германија е нашиот прв трговски партнер, партнер број еден. Околу 50% од вкупниот извоз од Македонија е во Германија.
Дури 200 компании од Германија работат во Македонија, тука работат 20 илјади Македонци. Соработката се темели и на важни стратешки инвестиции, како и на големи производствени капацитети кои германските компании ги отвораат во нашата земја.
Во оваа прилика и од оваа средба заедно со канцеларот Шолц сакам да упатиме пораки на охрабрување до германските компании да продолжат со експанзија на своите бизниси како силна поддршка на нашето партнерство и на нашиот заеднички влог во иднината.
Навистина ми е драго што денес, со канцеларот Шолц, разговаравме и ќе разговараме за нашата европска иднина, за отворените можности за економски развој за земјата по членството во НАТО, за отпочнатите преговори со ЕУ, за напредокот во скрининг процесот, за потпишаниот договор за ФРОНТЕКС, за конкретни реформи, а не како порано, да зборуваме дека сето ова треба да се случи.
Разликата за многу кратко време е навистина огромна и видлива.
Со почетокот на преговорите и скринингот како и со потпишувањето на ФРОНТЕКС договорот, ние минатата година добивме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина и добивме потврда дека македонскиот јазик е заштитен и е на исто рамниште со останатите јазици на Европската Унија.
Започнато е ново поглавје во нашиот европски пат, каде крајната цел е полноправното членство на Македонија во ЕУ.
Оваа Влада, донесе многу тешки одлуки, и покажа лидерство и храброст. Отворањето на преговорите е основа и можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните, можност, идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа да не биде во некоја друга земја, туку да биде дома, во Македонија.
Процесот на преговори беше мачен и тежок, но факт е дека ние од тој процес излеговме како земја која успеала да се избори за своите позиции. Вие, канцеларе Шолц, сте и лично запознат со ова и за Вашата поддршка и лична посветеност во тој процес, искрено Ви благодарам, знам дека вашиот личен влог, во тие преговори, беше ценет и пресуден во даден момент.
Оттогаш до денес и ние и ЕУ ги исполнивме нашите ветувања.
Во овој контекст, би сакал во мое лично име и во име на граѓаните на Македонија, особено на Македонците и македонскиот народ да упатам искрена благодарност за поддршката која ја добивме и од германскиот народ со усвоената Резулуција од страна на Бундестагот, со што Сојузна Република Германија дава недвосмислено охрабрување на Македонија на евро-интегративниот пат до полноправно членство во Европската Унија.
Од голема важност за нас е тоа што со Резулуцијата оддавате длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и особено сум горд што Сојузна Република Германија, во Македонија гледа земја која се залага преку дијалог, почитување на принципите и темелните вредности на Европската Унија, на меѓународното право, да ги надмине сите предизвици. Со усвоената Резулуција ни давате дополнителен поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери во нашето општество.
Сега останува следниот чекор, уставните измени, кои ќе се најдат пред нашето Собрание и нашите 120 пратеници. Очекувам дека тие ќе покажат државничко однесување, ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за нас, за идните генерации, за нашите деца.
Пратениците се пред сѐ претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во ЕУ. Сакаат Македонија да е полноправна членка на ЕУ. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, врвна демократија. Заради подобар живот по европски стандарди меѓутоа по европски стандарди во Македонија, членка на ЕУ а не во држави членки на ЕУ надвор од својата родна земја. Затоа што нашите сограѓани, нашите мајки, татковци сакаат нивните деца да останат дома и тука да си ја градат иднината како граѓани и на Македонија и на ЕУ.
ЕУ е нашата единствена цел, а подобар договор од овој пред нас нема, ниту некој може да обезбеди.
И токму затоа овој трасиран пат до ЕУ, иако нема да е лесен, мора да се изоди. Ние мораме да ја исполниме стратешката цел на која сме се обврзале пред 30 години – полноправното членство во ЕУ. Ние мораме да им овозможиме на нашите граѓани, идните генерации да живеат како горди Македонци и како горди граѓани од сите етнички припадности кои живеат во Македонија, со крената глава, со свој јазик, идентитет, култура и историја. Да бидат дел од Европската Унија, од мозаикот на ЕУ и побогати и со подобар стандард од сега. Овој развој знаеме дека неминовно ќе се случи, а за тоа се доказ сите земји членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој и денес нивните граѓани ја имаат шансата да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да ги остваруваат сопствените потенцијали целосно, да живеат европски и слободно.
Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено од нас.
Оваа историска шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа, за нашата, за иднината на нашите деца.
Гласот во македонскиот парламент за уставните измени е глас за европската иднина на Македонија.
Токму затоа денес, во оваа прилика би сакал уште еднаш да ја потврдам нашата Европска визија и перспектива. Нашата иднина се европските вредности кои ги делиме со нашите пријатели од Сојузна Република Германија.
Ние, заедно со Европската Унија, сме обединети и тоа обединети во нашите различности“.