„Власта не се труди околу уставните измени. Се згуснуваат термините, власта сака да создаде впечаток дека се труди нешто да направи. Активирањето на некои валкани дилови се гледа со носењето на КЗ, со класичен упад“ вели Сашо Клековски – член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во најновото издание на Трилинг.
Тој вели „неколкупати дававме предлози за надминување на актуелната состојба околу уставните измени. Дајте ни ја довербата на избори и ќе се обидеме да направиме се да стигнеме до преговорите со ЕУ“.
„Надвор од теснопартиските подметнувања сакаме да обезбедиме дека има малку добра волја од бугарска страна дека ова нема да е еден залуден чекор, уставните измени. Минимални отстапки од бугарска страна. Бараме да се покаже малку почитување на нашите ставови. Се засилува реториката на Радев и Јотова, па најверојатно ќе се доведеме следен чекор да биде самоветирање, да се застане со процесот затоа што ќе има барања кои ќе бидат комплетно неприфатливи“ – рече Клековски.
На прашање каков е неговиот коментар за шпекулациите дека Никола Груевски би можело да се врати во земјава, тој смета дека „тоа е неизбежно, порано или подоцна правните рокови ќе се исцрпат, ако Врховниот суд постапува по нив, па ќе пресуди дека важат амнестиите на претседателот Ѓорге Иванов“.
Клековски е со став дека „Груевски никогаш нема да тргне против ВМРО-ДПМНЕ, раководството ќе се искаже дали би го прифатило назад“.
На прашање дали Сашо Клековски е кандидат за преседател на државата, тој вели: „Вклучен сум меѓу 20 кандидати за кои во моментов се врши сондажа, останува да се види како ќе се развива политичката ситуација во државата“.
„Сметаме на победа на изборите како би можеле сами да формираме Влада, не гледам во која ситуација ВМРО-ДПМНЕ би формирал Влада, а претседателот на партијата да не е премиер“ вели Клековски.