(Видео) Кацарска: За жал сѐ уште се бавиме со лоцирање на проблемот на партизација

🔴 -На ист начин ја имаме и дискусијата во правосудството, во контекст на политичкото влијание врз судиите, така што веројатно веќе подолг период, од оваа наша, ако сѐ уште може да ја наречеме транзиција, се бавиме со лоцирање односно дијагностицирање на тој проблем на партизација, наместо со решавање на истиот, вели Кацарска.

„Партизацијата е проблем со кој оваа држава се бори долго време. Всушност ако погледнеме наназад од перспективата од којашто јас работам, оној прв извештај на Прибе 2015-та, па потоа 2017-та година во голема мера повторен, велеше дека, а јас се сложувам со таа оценка, дека всушност државата во најголема мера е заробена од страна на политичките партии. Како резултат на тоа немате систем на МЕРИТ и вредност во институциите и тоа понатаму се прелеа во неодговорност, во немање отчетност помеѓу институциите и генерално чувството на негрижа во контекст на тоа што и како државните институции испорачуваат, изјави во „Трилинг“, Симонида Кацарска од Институтот за европски политики говорејќи за неажурноста, нефункционалноста, партизираноста на институциите имајќи предвид дека многу често добиваме пораки од Брисел дека мора да ги ослободиме институциите од бирократската неефикасност, партизираност.

За тоа дека често се слушаат критики дека не се прави одвојување на државата од и партијата а притоа зборуваме за потреба од ослободување на институциите од партиските стеги и дали тоа всушност е возможно, Кацарска вели дека тоа е поголема општествена промена која очигледно не сме ја постигнале.

„Кај нас тоа ослободување од партиите може да го видиме во контекст на напорите коишто се прават или се правеле во изминатиот период, пред сѐ на одредени промени, напори во однос на назначувањето на високи функционери во јавната администрација. За жал многу од тие измени кои ги дебатираме подолго време ниту се усвоени, ниту пак се прави поширока дебата на тоа каде се недостатоците во назначувањето на системот.

-На ист начин ја имаме и дискусијата во правосудството, во контекст на политичкото влијание врз судиите, така што веројатно веќе подолг период, од оваа наша, ако сѐ уште може да ја наречеме транзиција, се бавиме со лоцирање односно дијагностицирање на тој проблем на партизација, наместо со решавање на истиот.

Говорејќи за тоа колку гледа кај новата Влада интерес во делот на брзата интеграција на земјата во ЕУ, Кацарска вели дека е јасно дека „слонот во собата“, односно уставните измени во контекст на започнување на преговорите се една од големите пречки со коишто, иако имаше најави дека Владата во првите шест месеци ќе се бави, тоа не се случи.

„Мислам дека повеќето од нас немаме никакви очекувања дека тоа ќе биде случај пред одржувањето на локалните избори. Од друга страна она со што се бават институциите е работата на оној План за раст, односно реформската агенда којашто беше подготвена од претходната Влада. ВО голема мера оваа Влада ја презема, направи некои мали промени, но тука ние го имаме доставено својот извештај, во средината март добивме уплата како прва од државите 7% од тој План за раст и сега очекуваме сите да видиме дали Европската Комисија ќе цени дека дел од тие мерки се исполнети за да знаеме на каде ќе се движи понатаму процесот.

-Веројатно клучното постигнување е учеството во заедничката платежна зона, односно СЕПА, којашто допрва ќе стапи во октомври“, вели Кацарска.

Целото интервју погледнете го во видеото.