(Видео) Карапејовски: Да внесете апсолутна двојазичност преку ноќ е неприменливо

Говорејќи за спорните елементи во Законот за јазиците, Карапејовски вели дека исклучително спорен е указот за прогласување на Законот без потпис од претседателот на државата, сеедно што тој има обврска во определен временски период да потпише.

„Ние сме им благодарни на нашите стратегиски партнери. Исклучително благодарни што и со ставање вака на „Црни листи“ помагаат. Тоа е сериозна помош и ние сме им благодарни. Но тоа сериозно треба да не замисли внатре во државата како функционира нашиот правосуден систем и како може странска држава да успее да дојде до таков тип на податоци, а нашите правосудни органи тоа да не успеат да го направат“, изјави за „Трилинг“, проф. Бобан Карапејовски, пратеник од ЗНАМ, говорејќи за последната одлука на Стејт департментот, поранешниот вице премер Груби и судијата од Апелациониот суд Беџети да бидат ставени на „Црната листа“ на САД и дали пред се ова претставува „шлаканица“ за македонскиот правосуден систем.

Според Карапејовски ова претставува порака и до актуелната владејачката гарнитура да се работи сериозно на искоренувањето на криминалот во оваа држава и додава дека „не треба американската амбасадорка тоа да ни го кажува, тоа граѓаните секојдневно ни го кажуваат“.

„Не само што ни го кажуваат, ние сме се соочувале или се соочуваме со тоа. Ние гледаме некои такви постапки и сериозно мора да направиме чекор напред на тој план. На анкетите вистина е дека евро-интеграциите стојат високо, македонските црвени линии што ние ги заговаравме во однос на јазик, историја итн., но борбата со корупцијата и криминалот е долго време првата тема што граѓаните ја избираат на сите можни анкети и тоа е најголемиот проблем во државава. И се разбира дека тоа е порака и до власта да се зафати со решавање на тие проблеми, да обезбеди систем во кој ќе може да функционираат обвинителството и судството, но и како една препорака да не ги прават работите што претходно се детектирани преку „Црната листа“. Тоа треба да ни биде и аларм“, додава Карапејовски.

Фото: Трилинг / Бобан Карапејовски

Говорејќи за спорните елементи во Законот за јазиците, Карапејовски вели дека исклучително спорен е указот за прогласување на Законот без потпис од претседателот на државата, сеедно што тој има обврска во определен временски период да потпише.

„За непотпишувањето има соодветни консеквенци. Вие да внесете во една држава апослутна двојазичност и тоа да го направите преку ноќ, без да дадете извесен период во рамките на општеството и на институциите да се приспособи, тоа е неприменливо. Не можете степенот на комуникација да го издигнете на соодветно рамниште ако тоа го направите преку ноќ. И тоа се всушност забелешките и на Венецијанската комисија“, вели Карапејовски.

За тоа дали дали како партија ќе поддржат, кога ќе дојде време за промена на Уставот, бришење на формулацијата која сега стои – 20% на која што сега инсистираат ВРЕДИ и останатите партии од албанскиот блок, Карапејовски вели дека ако Уставот се отвора, тој треба да се отвори само за она што е примарно во овој момент, а тоа се евроинтеграциите.

„Не би било пожелно во првото следно отворање на Уставот врзано со евро-интеграциите, да се „шверцуваат“ или покрај евро-интеграциите да се ставаат и други прашања што би се отвориле со отворањето на Уставот и на тој начин да биде условен евро-интеграцискиот процес“, вели пратеникот од редовите на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.

Целото интервју со проф. Бобан Карапејовски, пратеник од редовите на ЗНАМ, дадено за „Трилинг“, погледнете го во видеото.