
(Видео) Камбовски: Обвинителството е главен извор на проблемите во правосудство
„Јас лично не сум поборник на такви идеи, за целосно разрешување, на било кое тело, не зборувам само за Судскиот совет. Такви радикални или револуционерни мерки, според мене не можат никогаш да донесат квалитет и не можат никогаш да донесат правилна реформа. За судијата Беџети се водат повеќе постапки во Судскиот совет. Мене ми е навистина жал што не можам јавно да зборувам за постапките кои се водат во Судскиот совет, бидејќи тие се тајни, заради заштита на интегритетот на одреден судија против кого се води постапка“, вели Камбовски.
„Точно е дека има критики коишто се засилени во последно време, но не можам да кажам дека и меѓународниот фактор е критичен спрема тоа што се прави во моментов во правосудниот систем. И самите граѓани беа сведоци во спротивното, дека меѓународниот фактор даде поддршка на Судскиот совет да работи согласно законите и даде поддршка на него како на независна власт, едно од трите власти коишто нашиот Устав ги препознава и на којшто се темели нашата демократија“, вели за „Трилинг“, претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски околу податокот дека македонскиот правосуден систем подолг период нижи сериозни критики од меѓународните партнери, но и од владејачката гарнитура.
Околу намерите на Владата, како распуштање на Судскиот совет, иницирањето на интерпелации за судиите кои беа избрани од страна на Собранието, Камбовски вели здравата критика е добра и таа треба да постои во државата.
„Треба да се критикуваме, за да увидиме доколку нешто навистина сме погрешиле тоа да го исправиме и во иднина да не ни се случуваат повторно исти грешки и пропусти. Кога се критикуваат властите помеѓу себе (извршна, судска, законодавна) треба да се особено внимателни, да внимаваат на нивниот интегритет, никогаш да не забораваат дека судската власт е независна власт која што е гарант на слободата и правата на граѓаните и дека е гарант на владеењето на правото, што е една битна алка и што е суштина во она што значи демократија и демократска држава“, вели Камбовски.

Говорејќи за владеењето на правото во случај кога граѓаните имаат 2% доверба во судството, Камбовски вели дека тоа е само статистика што не значи дека судиите и судството генерално е задоволно од моменталната доверба.
„Таа фамозна анкета којашто беше, се однесуваше на луѓе коишто целосно веруваат на судството. Тоа беа 2%. Но имаме ние и понови анкети, една на ИРИ, во коишто во едната е со 19% процентна доверба, додека во наредната 2024. ние стигнавме до над 20% доверба во правосудниот систем, вели Камбовски и додава дека никогаш не треба да се очекува дека довербата ќе стаса до 100%.
-Две странки се секогаш во постапките во судовите. Едната странка секогаш нема да биде задоволна. Што е битно? Битно е судот да е непристрасен, да ги применува законите еднакво спрема сите, без разлика на пол, вера, нација. Тоа е суштината, тоа е битното. И точно е, сме имале и многу медиумски експонирани случаеви, некои навистина треба да се критикуваат како се водела постапката, колку долго траела, но не заборавајте дека ние од преку милион случаеви што се решаваат, во државава се зборува само за некои си десетина, петнаесет случаи и не можеме да кажеме дека од милион решени десет ако не се добри дека не чини воопшто системот или дека системот треба да се менува“, смета Камбовски.
За тоа дали очекува, доколку Собранието им изгласа интерпелација на членовите на Судскиот совет, истите да си поднесат неотповикливи оставки, Камбовски вели дека тоа е личен чин и нивна лична одлука.
„Јас не можам ниту да ги натерам да си поднесат оставка, ниту пак да ги охрабрувам да не поднесуваат оставка“.
Камбовски додава и дека е против намерата која премиерот Мицкоски јасно ја најавуваше, а тоа е целосно распуштање на Судскиот совет.

„Јас лично не сум поборник на такви идеи, за целосно разрешување, на било кое тело, не зборувам само за Судскиот совет. Такви радикални или револуционерни мерки, според мене не можат никогаш да донесат квалитет и не можат никогаш да донесат правилна реформа. Ние треба да си ги негуваме институциите, да ги унапредуваме, тие постојат веќе години, не се млади институции. Треба да им овозможуваме да ги имаат сите потребни средства за да дадат максимум за она што го имаат како задача“, смета Камбовски.
За забелешката дека од 1998 година до денес против само 89 функционери биле поднесени кривични пријави, меѓу кои и поранешни премиери, вицепремиери, министри и директори, од нив само 17 седнале на обвинителни клупи, Камбовски вели дека тоа повеќе се однесува за обвинителите.
„Судот без обвинение не може да постапува. Орган за прогон е обвинителот. Што правеле обвинителите во овие години. Тие се тие што треба да ги обвинуваат корумпираните политичари, за коишто треба да прибираат докази, да спремаат обвинение, да го поднесат кај судот. Е тогаш е топката кај судот и судот одлучува. Значи некој друг затаил во сиве овие години, а не судот. Лошо е кај нас што секогаш кога ќе се каже суд, судство, се подразбира еден голем конгломерат. Тука сите го подразбираат и Обвинителството, подразбираат и нотари и извршители, подразбираат и Македонски пошти коишто вршат достава. Тие да, се дел од некој судски ситем, но судство во државата се судовите – Основен, Апелационен, Врховен и Управните судови.
-Јавноста ќе биде сведок на „заслепена правда“ се додека ние имаме катастрофален проблем со кадар во судство. Имаме судови коишто воопшто немаат судии. Се додека тие што го расипуваат таквиот имиџ и таквиот интегритет на судиите не успеваме да ги детектираме и соодветно да реагираме на таквите појави, тоа ќе ни се случува, а верувајте тоа се многу малку судии“, вели Камбовски.
Говорејќи за случаите со судиите Даниела Алексовска Стојановска која го водеше предметот против 20-годишниот Бојан Јованов и Енвер Беџети кој е на „црната листа“ на САД, Камбовски вели дека за првиот случај е формирана комисија која го изготвува извештајот кој потоа ќе биде доставен до сите членови на Советот и истиот јавно на јавна седница ќе биде разгледуван и целата јавност ќе може да слушне што детектирала работната група/комисијата.
-За судијата Беџети се водат повеќе постапки во Судскиот совет. Мене ми е навистина жал што не можам јавно да зборувам за постапките кои се водат во Судскиот совет, бидејќи тие се тајни, заради заштита на интегритетот на одреден судија против кого се води постапка“, вели Камбовски.
За тоа како е возможно САД да детектираат корупција во Македонија, а тука истата да не се препознае, и истовремено да велат дека доказите се обезбедени од тука, од Македонија, Камбовски со прашања – Како никој од Обвинителство тоа не го утврдил? Како никој од МВР не го утврдил? Како никој од АНБ?
„Имаме еден мал милион такви агенции што се занимаваат со безбедносни прашања. Како никој од нив тоа не го утврдил? Судскиот совет тоа не е можно да го утврди. Ние сме колективен орган којшто одлучува за правата и обврските на судиите. Не може за се секогаш да биде крив судот или Судскиот совет. Тука некој друг имал големи пропусти и сега ние добиваме од Стејт департмент некои информации до коишто тие дошле. Прашањето е зошто нашите служби не дошле до тие информации. Како да дојде Судскиот совет? На кој начин?“, додаде Камбовски.
Целото интервју со претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, погледнете го во видеото