Корупцијата во судството и обвинителството во спрега со власта и бизнис заедницата. Класични семејни стебла со криење дела до застарување. Долги предистражни постапки и притвори што се повеќе значат затворски казни без пресуди.
Што со третата власт?
Новиот премиер Христијан Мицкоски најверојатно е решен за сериозен рез во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Дали решението со распуштање на Советот на обвинители и Судскиот совет би можело да допринесе околу подобрување на сликата во македонскиот правосуден систем?
Универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев за „Трилинг“ вели дека премногу големо значење му се дава на Судскиот совет, но и на Советот на јавни обвинители, во смисла дали од неговата работа или од неговиот имиџ, односно перцепцијата на неговото работење зависи вкупниот степен на доверба на институциите во судството.
– Од определени причини и епизоди го привлече вниманието на јавноста. Фактот што се отиде на транспарентност придонесе за целиот тој негативен имиџ. На крајот на краиштата мислам дека перцепцијата е погрешна и фокусот е погрешен. Прво Судскиот совет како и Обвинителскиот не се толку битни органи како што сега се перцепираат, од нив не зависи ефикасното функционирање на власта. Тие се само еден елемент што треба да придонесе за некои важни фактори што ожат да бидат од влијание и значење за независноста, во смисла да нема политички влијанија при изборите и разрешувањата, вели професорот.
Смета дека органот треба да работи во сенка, не треба да донесува важни одлуки, не влијае врз судската пракса, врз решавањето на кривичните, граѓанските, стопанските спорови, а уште помалку на управните. „Имаме погрешни перцепции, замена на тези“, дециден е тој.
За тоа каде го гледа изворот на проблемите, Калајџиев истакна дека власта се залетала за потреби на изборите, гледајќи го незадоволството од функционирањето на судството и тој фокус од определи причини падна врз Судскиот совет.
– Мислеа дека прават некое радикално решение, во смсла некаков херојски потег, дека ќе го реши тој проблем, како што ветија на избори, што е всушност погрешно. Коренот на проблемите не е толку во судството, тука има погрешна перцепција, односно каде вистинскиот проблем и кои се лошите а кои добрите момци. Кај нас неколку генерации на политичари, да не речам отсекогаш, политичките елити успеваа сопствените проблеми, практичниот нивниот нескриен обид да го држат судството и обвинителството под своја контрола, усправаат со изместување на тезите да го прикажат како проблем на судството. Значи лошите момци се судиите, кажа професорот.
На мислење е дека нашите политичари никогаш вистински не ја разбрале поделбата на власта и која е меѓусебната улога, особено на извршната власт со судската. Оттаму овие погрешни идеи и пристапи дека политичката власт ќе ги реши проблемите на судската, а посебно не со сечење глави внатре во судската власт.
– Прво не е самокритично, не го решава вистинскиот проблем, вистинскиот проблем се политичките влијанија каде изворот го имаат повеќе од страната на политичарите, отколку на судиите. Не е јасна идејата на Владата дали е во менувањето на моделот или во персонални разрешувања. Како што се гледа во нивната програма тие остануваат со идејата за мешовит совет, да има и судски и несудски членови, избрани од Парламентот и Претседателот. Вистинскиот проблем е што тие што доаѓаат надвор од судството се поголемиот проблем и се избираат како партиски послушници наместо да бидат експери кои ќе ја гарантираат независноста на судството, тврди професорот.
На тезата дека ги релативизира улогите на двата органи за кои и меѓународната заедница имаше забелешки, истакнува дека ниту Мицкоски ниту од неговата партија, јасно објаснија што вистински сакаат. Ако не сакаат да го менуваат моделот, а за тоа тешко станува збор, бидејќи нема подобар модел што се нуди.
– Иако е општо познато дека овој модел на судско самоуправување не е премногу успешен, но и натаму се препорачува како најдобро можно решение во новите демократии. Проблемот нема да се реши само со менување на законите, но ние упорно веруваме во законскиот илузионизам, порача тој.
Во моментот кога власта ќе реши со добра волја да ги тргне рацете од судството, сликата ќе се подобри за 50 отсто, истакнува Калајџиев.