
Јужната команда на САД (SOUTHCOM) објави снимка од пресретнувањето, влегувањето и запленувањето на танкерот за нафта M/T Sophia, кој пловел во меѓународни води во Карипското Море.
Танкерот, за кој американската војска вели дека бил дел од таканаречената „флота во сенка“ бил вклучен во нелегални активности поврзани со санкционираната трговија со нафта.
Операцијата ја спроведоа силите на Министерството за одбрана на САД во координација со Министерството за внатрешна безбедност, додека крајбрежната стража на САД ја презеде придружбата на танкерот до Соединетите Држави по запленувањето.
Министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, исто така, објави снимка од операцијата. Видеото, кое трае повеќе од три минути, ги прикажува американските сили како го пресретнуваат танкерот, слетуваат на палубата со хеликоптер и ја преземаат контролата врз бродот.
Американските власти велат дека танкерот M/T Sophia постапил спротивно на меѓународните прописи и режимот на санкции, но досега не се објавени дополнителни детали за екипажот или крајната дестинација на запленетата нафта.