(Видео) ИН МЕМОРИАМ: Диневски во Трилинг зборува за разузнавачите, длабоката држава и селективната правда

Почина Александар Диневски, поранешен контраразузнавач и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, кој во јавноста стана познат како дел од таканаречените „осумтемина од МВР“, од последните години пред распадот на поранешна Југославија. Веста за смртта на Диневски се рашири преку социјалните мрежи на кои бројни граѓани упатуваат сочуство за неговата смрт.

Диневски гостуваше и во нашата емисија „Трилинг“ во 2020-та година. Ова гостување беше проследено со големо внимание од пошироката јавност.

На ова интервју кое е снимено 28 јуни 2020-та Диневски рече дека нема спас од „безбедносните папараци“ и македонските изборни и политички пресметки.

Освен овој пат, Диневски има гостувано во Трилинг на 25.02.2021 година. Овде, тој зборуваше за длабоката држава, селективната правда и Сашо Мијалков како дел од истата.

До осамостојувањето, Диневски работниот век го помина во безбедносните служби. Пошироката јавност го запозна неспосредно пред распадот на поранешна Југославија како дело од таканаречените „осуммина од МВР“, група која ја најави демократизацијата на Македонија, а која во 1989 година беше суспендирана од работа со решенија на тогашниот републички секретар за внатрешни работи Јован Трпеноски.

Диневски е и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ. Во 90-тите години од 20. век бил дел од информативниот центар на партијата, познат како КСИО.

Александар Диневски беше еден од осудените во контроверзниот случај „Шпион“ за злосторничко здружување, оддавање државна тајна и шпионажа. Диневски заедно со други обвинети, на суд се обидуваше да докаже дека станува збор за монтиран политички случај за елиминација на неистомислениците на поранешната власт предводена од Никола Груевски.

По заминувањето од безбедносните служби, Диневски отвори приватна детективска агенција.