(Видео) Инциденти, солзавец, тензија: На протест во Белград демонстранти се обидоа да влезат во градското собрание

Со солзавец полицијата се обиде да ги растури вечерашните протести на српската опозиција која се обиде да влезе насилно во белградското Собрание. Ова е седмиот протест од кој опозицијата бара поништување на изборите во Србија.

Инцидентите се случиле кога претставници на опозицијата и дел од демонстрантите почнале да ги туркаат заклучените врати. Тие се спречени да влезат во градското собрание од припадници на полицијата со опрема за разбивање на демонстрации.

Видеото може да го погледнете ТУКА.

Дел од демонстрантите искршиле стакла на влезот. Полицијата одговорила со солзавец.

Претходно, претставници на опозицијата од списокот „Србија против насилството“ се обидоа да влезат во белградското Собрание за да им се обратат на демонстрантите од балконот.

Опозицијата тврди дека владејачката Српска напредна партија ги украла изборите, што власта го негира.

Пред главниот влез на градското собрание претходно зборуваше еден од водачите на белградската полиција во цивилна облека. На претставниците на опозицијата им порача дека „насилно влегување не е возможно и дека тоа е кривично дело“.

Толпата од која има неколку илјади на платото пред градското собрание извикува „Победа, победа“, „Нема да ја дадеме победата“ и „Влези, влези“.

Потпретседателот на Демократската партија Срѓан Миливојевиќ ја повика полицијата да го напушти Собранието и да „застане на страната на народот“.

На инцидентите реагираше српскиот претседател Александар Вучиќ кој во вонредното обраќање рече дека „никаква револуција не се случува“.

„Сакам да ви кажам да не се грижите. Иако сцените се драматични. Нема никаква револуција во тек, ништо нема да им појде од рака“, додаде тој.

„Се трудиме да не повредиме ниту еден од демонстрантите со мирна реакција. Присутни се 2 490 луѓе, 1195 се обидуваат да влезат во Собранието. Некои покажаа дека насилството е единствениот начин за борба против противниците“, рече Вучиќ.

Протестот започна пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК), каде што се собраа илјадници граѓани на покана на опозициската коалиција „Србија против насилство“, која не ги признава резултатите од изборите и тврди дека владејачката српска Прогресивната партија (СНС) победи преку изборна кражба.

Барањето е откажување на изборите на сите нивоа поради „прекинување на изборната волја на граѓаните“.

„Овие избори се поништуваат“, изјави Мариника Тепиќ, носител на листата „Србија против насилството“, која од понеделник, 18 декември, на протестот штрајкува со глад.