
Бројот на загинати во Газа од почетокот на конфликтот меѓу Хамас и Израел се искачи на 4.651, а повеќе од 14.000 луѓе се повредени, соопшти палестинскиот министер за здравство.
Во изминатите 24 часа животот го загубиле 266 лица, од кои 117 се деца. Се верува дека под урнатините се наоѓаат уште илјадници лица.
Стотици преживеани утринава со часови чекаа пред пекара за купат леб. Жителите велат дека им снемува храна, вода и основни лекови.
„Ако продолжи оваа ситуација, целото население нема да најде храна или пијалок, нема да најдеме леб или брашно, воопшто ништо. Ситуацијата се влошува. Треба да најдеме решение. Не е фер, условите на некои луѓе се толку лоши, некои луѓе се раселени и не можат да јадат или пијат“ – жител на Газа
Еден леб треба да го јадат четири семејства, а нема ниту доволно вода, вели жител на Газа.
„Се будиме во зори и шетаме по улиците барајќи вода, само за да наполниме две шишиња. Ситуацијата е трагична. Бараме од сите земји и народи да не гледаат со малку хуманост. Децата во Газа умираат поради воздушни напади, има бебиња кои умираат од глад. Нема што да ги одржува да продолжат да живеат“ – жител на Газа
Вториот конвој хуманитарна помош, со 17 камиони, пристигна на египетската страна на граничниот премин Рафа, а Обединетите нации соопштија дека поради ужасните санитарни услови се шират сипаници, шуга и дијареа.
🇵🇸🇮🇱🚨‼️ An Israeli air strike hit a site in the vicinity of a UNRWA school in Khan Younis city, southern Gaza, which is a shelter for hundreds of displaced families. pic.twitter.com/5oY8ibgP4m
— Lord Bebo (@MyLordBebo) October 22, 2023
Во текот на ноќта, пак, Израел нападна комплекс под џамијата Ал-Ансар во бегалскиот камп Џенин за кој рече дека им припаѓа на оперативците на Хамас и палестинскиот исламски џихад. Војската објави снимки за кои рече дека покажуваат влез во бункер под џамијата. Исто така, објави и дијаграм за кој се вели дека покажува оти таму милитантите складирале оружје. Палестинските власти соопштија дека најмалку едно лице е убиено.
„Повеќето луѓе спиеја, а некои беа будни кога видовме светлина и слушнавме силна експлозија. Побрзавме на местото каде што видовме убиени и повредени и ги префрливме во болница, фала богу. Ова е она што се случи“ – Џенин Али Алдамаг, жител на бегалскиот камп
Во меѓувреме, Израел потврди дека 212 лица се држат како заложници во Газа. Израелската армија ги повика жителите на Појасот Газа да се преселат на југ, за Хамас да не ги користи како „човечки штит“.