(ВИДЕО) Иванова: Фриленсерите отвораат сметки во странство за да можат да го спроведат приливот
➡ Мислиме дека фриленсерството е слобода на работа, односно слобода на трудот, една нова нестандардна форма на вработување која во Македонија сѐ уште не го носи статусот на вработување. ➡ Како податок за споредба, во 2021 година просечна заработувачка по час беше 20 евра. Значи овие бројки одат надолу. Причината е заради тоа што почетниците кога се појавуваат на дигиталните платформи пробуваат да најдат нова работа со тоа што ќе ја спуштат цената, што е најпогрешниот начин на почнување. ➡ Мислиме дека најниските, најлесните задачи ќе се спроведуваат со помош на вештачка интелигенција и овие фриленсери ќе мора да се преквалификуваат. Но исто мислиме дека фриленсерите се најадаптибилните луѓе на пазарот на труд коишто брзо учат и самите почнуваат да користат ВИ и алатки на ВИ за својата работа што ја завршуваат. ➡ Македонските фриленсери за да можат да направат прилив од страна, истиот не секогаш можат да го примат на своите трансакциски сметки во Македонија, вели за магазинот „Трилинг“, Елена Иванова од „Импакт Фондација“.
„Ние мислиме дека фриленсерите се на некој бројка од 10 000, но тоа е шпекулативна бројка и се држиме до неа за да ни биде некаква рамка која што кога ќе измериме ќе знаеме колку сме згрешиле или сме биле блиску. Последните години единствениот начин да измериме колку фриленсери имаме се нивните профили на дигиталните платформи каде што нудат некаква работа. Тоа го правиме симултано со повеќе дигитални платформи, но ја земаме предвид и најголемата дигитална платформа „UpWork“.
-Мислиме дека тоа е слобода на работа, односно слобода на трудот, една нова нестандардна форма на вработување која во Македонија сѐ уште не го носи статусот на вработување. Не е толку важно кога државата ќе се прилагоди на новиот тренд се додека се работи на тоа. Овој тренд не е лесен за фаќање. Многу земји во светот полека се адаптираа, не само според бројката колкава е критичната маса на фриленсерите, туку и според сопствениот капацитет да се адаптира на нивните потреби. Некогаш и за многу малку луѓе можат да се направат неколку промени, на коишто и ние во моментов работиме, за да може да се охрабрат новите фриленсери да се појават“, вели во магазинот „Трилинг“ Елена Иванова, Импакт фондација.

За тоа дали е доволно предизвикувачки да се биде „слободен стрелец“ со оглед на тоа дека македонските фриленсери се најслабо платени во регионот со просечна заработувачка од 18 долари за еден час, Иванова вели дека бројките се од 2024 година и се поразителни.
„Како податок за споредба, во 2021 година просечна заработувачка по час беше 20 евра. Значи овие бројки одат надолу. Причината е заради тоа што почетниците кога се појавуваат на дигиталните платформи пробуваат да најдат нова работа со тоа што ќе ја спуштат цената, што е најпогрешниот начин на почнување. Се додека работата што се работи има квалитет, нема причина зошто цените да паѓаат, бидејќи има толку многу работа, преку милион корисници – работодавачи на дигиталните платформи што прашање е како да се мечираат квалитетните работници со работата што можат да ја завршат, а не дали. Тоа секако и неминовно ќе се случи.
-Македонската жена фриленсер е најевтината на Балканот. Тоа ни кажува дека ние мора да работиме на сопствената самодоверба и на верификација на квалитетот.
-Јас сакам да потенцирам нешто друго. Да се биде фриленсер е една многу широка категорија на професии, звања и активности коишто можат да се завршат на дигиталните платформи. Во Македонија има фриленсери што многу заработуваат. „Импакт Фондација“ ги мапира нив, ги зема за ментори, особено тие што сакаат да вратат на заедницата и да обучуваат нови фриленсери. Мислиме дека тоа е начинот на којшто можат да се спроведат нови почетници на платформи. Начинот е да им се покаже патот, а не самите да пробуваат, бидејќи тоа често завршува со ниски цени за квалитетен труд“, вели Иванова.
Прашана за тоа колку еден фриленсер може најмалку да заработи а колку најмногу, Иванова вели дека најниската сума е пет долари, за задачи како внесување на податоци во некакви големи датотеки.
„За најмногу е интересно кога некој фриленсер завршува задача која што не се мери во часови, тие ги викаме zero hour contract, тогаш тој може да ја стави цената која што пазарот ја бара. Тука има дури и постојани договори, значи месечни договори коишто се потпишуваат преку платформите и овие фриленсери коишто најмногу заработуваат работат и некои модерни професии, особено комплицирани како machine learning, како blockchain development, и тие се договараат за месечни надоместоци со некој клиент кој им нуди постојани договори. И таа заработка е голема“, вели Иванова.
Говорејќи за последните податоци од истражувањата на Меѓународната организација на труд дека во земјава се потребни две ипол години за лице со завршено образование да најде работа во согласност со образовниот профил и токму ова време на чекање е причина младите да размислуваат за иселување или преквалификација за работа на дигиталните платформи, Иванова вели дека тоа е веродостојно и тука се разгледуваат македонските работодавачи.
„Македонските работодавачи сега се излезени на пазарот на труд и со свои едукациски програми за да го убрзаат тој процес. Меѓутоа дигиталните платформи не нудат начин да се обучат новите фриленсери и што побрзо да се вработат. Менторите што ги спомнав претходно тоа го завршуваат за два ипол, три месеци. Тоа значи откако некој ја има дигиталната вештина со која може да сработува задача преку платформи, кога ќе почне да активира профили и да бара свои работодавачи, тогаш тој отприлика со менторство за два ипол, три месеци може да ја земе првата задача. И ова е уште полесно да се скрати како рок кога тие ментори самите префрлаат од своите задачи кај менторираните ученици. Заради тоа младите се разбира би сакале да го скратат тој рок, но и побрзо да учат од глобалните работодавачи, да не мора да зависат од македонското стопанство. Тоа ги прави конкурентни. Понатаму кога ќе аплицираат и кај македонските компании го приложуваат своето искуство од платформите кај новите работодавачи и се поспремни“, потенцира Иванова.

Говорејќи за импактот на развојот на вештачката интелигенција врз овие фриленсери, Иванова вели дека има повеќе прогнози.
„Мислиме дека најниските, најлесните задачи ќе се спроведуваат со помош на вештачка интелигенција и овие фриленсери ќе мора да се преквалификуваат. Но исто мислиме дека фриленсерите се најадаптибилните луѓе на пазарот на труд коишто брзо учат и самите почнуваат да користат ВИ и алатки на ВИ за својата работа што ја завршуваат. Самите тие ќе бидат поспремни, побрзи и поконкурентни на пазарот“, вели Иванова.
За тоа дека по пандемијата се зголеми бројот на луѓе кои работат од дома и колку тој начин на функционирање создаде бенефит повеќе и го отвори просторот секој да може кога сака и како сака да се вклучи за работа, Иванова вели дека тој период направи тренинг за тоа дали можеме да работи од дома.
„И не само фриленсерите, туку сите дигитални работници, што е навистина една широка категорија на работници. Тој број еден период се зголемуваше, меѓутоа денес ако пробате да ги класифицирате некако фриленсерите, ќе видите дека тие се хибридни, односно сите функционираат од далечина, меѓутоа имаат не толку флексибилно работно време. Сепак одговараат пред клиенти, сами си го организираат работното време, но тоа се знае кога е. Ако работите за американска компанија тоа е во подоцнежните попладневни часови и не може да биде поинаку“, вели Иванова.
Прашана зошто даночниот систем не ги препознава македонските фриленсери, Иванова вели дека македонските фриленсери за да можат да направат прилив од страна, истиот не секогаш можат да го примат на своите трансакциски сметки во Македонија.

„Не можете на американски клиент да му речете ајде сега плати ми, еве ти го мојот SWIFT IBAN код. Значи тоа не функционира. Отвораат сметки во странство и тоа не е за да направат по секоја цена даночна евазија, туку затоа што не можат поинаку да го спроведат приливот. Од друга страна, за да бидат конкурентни кај американскиот клиент, често пати тие сакаат да ја скратат таа процедура на плаќање, но и да изгледаат кредибилно отвораат компании во Америка, односно отвораат LLC коишто се само за да можат да ги примаат тие приливи, а не заради даночна евазија“, вели Иванова.
Околу новите форми на професионален ангажман, со работа на проекти со различни клиенти, со различни делови од светот без да зависат од локалниот пазар на труд, и дали со нив традиционалната работа од од 9 до 17 часот всушност веќе не функционира, Иванова смета дека таа не е посакувана помеѓу младите, но во еден период и компаниите па и фриленсерите мора некако да се организираат.
„Не може толку флексибилно да биде работното време. Најубавата довика од тоа што некој ќе стане фриленсер е што почнува да го разбира работодавачот, бидејќи секој фриленсер почнува сам да го организира претприемничкиот дел од работата. Заради тоа сметам дека сите тие што посакуваат флексибилност добро е да станат фриленсери за да видат колку таа флексибилност може и да им штети на подолг рок кога организираат големи тимови. Значи мислам дека ќе стане пофлексибилна работата, нема да биде од 9 до 17, но ќе има фиксни саати кои можеби не се осум, може ќе бидат четири, но во кои ќе мора сите заедно да работиме за да ја завршиме работата. И во време на вештачка интелигенција, сигурна сум дека дури и кога друг за нас ќе ја завршува работата, најклучниот момент ќе биде како ние еден со друг ќе се организираме. А за тоа ќе треба да имаме неколку фиксни постулати меѓу кои и времето“, вели Иванова.
Целиот разговор со Елена Иванова од Импакт Фондација, погледнете го во видеото.