
(ВИДЕО) „Жените не се машини за раѓање“: Миленковска остро против Мицкоски и неговиот популизам
➡ Поголем патриотски чин од тоа да се остане во Македонија, да се остане критичен и едноставно да се продолжи да се бори некој во оваа бесмисленост која се обидуваат да ни ја креираат политичарите, не постои. Тоа е за мене најголемиот патриотски чин. Така што јас се чувствувам како многу голем патриот, особено бидејќи имаме можност да се спротивставиме на вакви небулози и вакви националистички пропаганди. ➡ Првото нешто што го помислив е како ние да треба да имаме повеќе деца, бидејќи едно може да ти биде изгорено во клуб, друго може да ти биде убиено на улица од некој којшто вози над 90, третото може да ти биде заболено од рак заради загадувањето. Таа изјава на Мицкоски не е само навредлива затоа што повторно и одново ги става жените во позиција на машини за раѓање, туку навредливо е од аспект на болката којашто во моментот ја носат родителите чии што деца починаа и сега треба да слушаат дека единствениот начин на којшто може да се продолжи и патриотски чин за Македонија да постоиш е всушност да раѓаш деца. Таа патетичност за жал проаѓа кај граѓаните. ➡ Во изминатава година поголем регрес е направен во нашите човекови права и правно и социјално, па и во јавноста отколку во минатото, за време на Груевски. Следно нешто што Мицкоски ќе го направи е забрана за абортус, вели Миленковска.
„Поголем патриотски чин од тоа да се остане во Македонија, да се остане критичен и едноставно да се продолжи да се бори некој во оваа бесмисленост која се обидуваат да ни ја креираат политичарите, не постои. Тоа е за мене најголемиот патриотски чин. Така што јас се чувствувам како многу голем патриот, особено бидејќи имаме можност да се спротивставиме на вакви небулози и вакви националистички пропаганди. Секогаш предизборно пробуваат да креираат некаква идеја дека ќе збориме за вистински политики, но тие вистински политики не ги гледаме освен популизмот којшто Мицкоски многу добро го знае и владее, изјави во магазинот „Трилинг“, Сара Миленковска, политиколог, магистер по родова еднаквост, околу последните изјави на Мицкоски дека многудетнотното семејство е патриотски чин и едно од решенијата за трендот на депопулација на Македонија.
„Ова не е ништо ново кај Мицкоски. Тој и во мај им се обрати на младите од неговата партија дека она коешто треба да го прават жените во нашето општество е да раѓаат. Но иако не е ништо ново, сепак е многу јасен и сериозен приказ за тоа колку одново и одново некои реторики ќе се повторуваат. Тие реторики биле многу актуелни во 40-тите години од минатиот век со цел да се создаде идејата дека жените мораат да ја одржуваат нацијата, дека единствената улога на жените е да бидат машини за раѓање или едноставно дека вредноста која што една жена може да ја има во ова општество е само доколку се реализира како мајка.
-Особено загрижувачки е тоа што вика дека се само две причини главни во ова – иселувањето на младите и наталитетот. Како да заборава дека сите го дишеме истиот воздух, ја живееме небезбедноста во сообраќајот и се останато. Така што Мицкоски многу јасно знае што прави со овој наратив. Особено е значајно каде тој всушност го кажа ова. Тоа го кажа на потпишувањето на програмата на UNFPA, која програма, доколку ја прочита, ќе види дека сосема спротивни работи пропагира, односно програмата наметнува дека треба да се создадат услови за да имаме пораст на наталитетот, за да имаме соодветни репродуктивни политики и едноставно за да имаме подостоинствен живот кој одамна веќе не го живееме, додава Миленковска.

Taa вели дека кога ќе земеме предвид дека 22% од граѓаните живеат во сиромаштија, а најпогодени се семејствата со три или повеќе деца и самохраните родители, и кога гледаме дека сиромаштијата најмногу ги таргетира децата, апсурдно е да очекуваме дека сакаме повеќе деца во повеќе сиромаштија.
„Додека не се направат системски промени коишто пред сѐ достоинствено но и потоа на еден социјален начин преку социјална правда ќе може да видиме соодветна реалност за децата да бидат донесени во овој свет, тогаш ние може да говориме за начин на кој може да се решава проблемот со наталитетот“, смета Миленковска.
На прашањето што со оние што немаат деца, што не можат да имаат деца или во најмала рака не сакаат да имаат деца, Миленковска вели дека тоа е прашање кое што многу јасно укажува за тоа дека и самата изјава на Мицкоски покажува уште поголемо отуѓување и поделба – на добри и не добри луѓе, на луѓе коишто се вистински патриоти и на луѓе коишто не се вистински патриоти.
„Затоа и на почетокот кажав – за мене најголемиот патриотски чин во моментов е да останеш критичен и да покажеш дека нешто треба да се промени во твоето општество – да излезеш на протест против загадување, против фемицид и се останато. Овој тип на изјави и овој тип на поделби, на веќе ранливо општество и општество кое е отуѓено на партиски основи и каде насилството е станато форма на комуникација, само долеваат масло на оган затоа што посочуваат дека некој е крив. Според него криви се жените што не раѓаат доволно и затоа немаме добра економија.
-Таквото симплифицирање на работите е дури и навредливо кон граѓаните. Таквиот наратив не само што ќе предизвика уште поголем раздор во веќе поделеното општество, туку и ја ускратува можноста граѓаните да бараат вистински и сериозни политики“, вели Миленковска и додава дека Мицкоски ги користи истите наративи како и Груевски, дури и истите кои Орбан и Трамп ги користат, се со цел да биде дел од глобалните трендови.
За тоа кои се причините за перманентниот пад на наталитетот и барањето на начин да се излезе од оваа држава, односно егзодусот кој се почесто е тема во домашната јавност, Миленковска вели дека дел се должи на економската несигурност и сиромаштија.
„Младите луѓе, особено во Македонија, не чувствуваат дека можат со ниските плати, со скапото домување, со несигурните работни места, да креираат семејство. Исто така постои голема недоверба и во институциите и недостаток на социјални услуги. Исто така клучен аспект е дека сѐ уште ние имаме сериозен проблем со поделбата на домашниот неплатен труд. Во моментов од жените се очекува да бидат и мајки и домаќинки и да бидат дел од работната сила. Тоа е невозможно со тоа како е сега изграден системот, смета Миленковска.
Спречувањето на демографскиот колапс е многу комплексно прашање, вели Миленковска и додава дека симплифицирањето со едноставен одговор од типот – зголемување наталитет, нема да вроди со плод.

„Потребно е да се адресира прашањето околу чистиот воздух. Буквално истражувањата покажуваат дека чистиот воздух и климатските промени влијаат врз репродуктивното здравје кај жената. Тука е и безбедноста во сообраќајот колку и да звучи апсурдно. Соодветна инфраструктура влијае врз квалитетот на животот на луѓето кои сакаат да имаат семејство. Не може жените со количка да не можат да поминат на нашите тротоари, а ние да очекуваме дека некој би уживал во улогата на мајка. Потребни се и социјални политики коишто социјалната заштита ќе ја доведат на високо ниво. Особено ВМРО-ДПМНЕ од кога е на власт гледаме намалување на социјалните услуги“, вели Миленковска.
За неа, навредливо е во момент на сериозна анксиозност и болка во којашто живеат луѓето секојдневно заради тоа што се случи во Кочани, заради секојдневните фемициди и родово-базираното насилство кое е станато норма, да кажувате дека сега треба да раѓаме деца.
„Првото нешто што го помислив е како ние да треба да имаме повеќе деца, бидејќи едно може да ти биде изгорено во клуб, друго може да ти биде убиено на улица од некој којшто вози над 90, третото може да ти биде заболено од рак заради загадувањето. Таа изјава на Мицкоски не е само навредлива затоа што повторно и одново ги става жените во позиција на машини за раѓање, туку навредливо е од аспект на болката којашто во моментот ја носат родителите чии што деца починаа и сега треба да слушаат дека единствениот начин на којшто може да се продолжи и патриотски чин за Македонија да постоиш е всушност да раѓаш деца. Таа патетичност за жал проаѓа кај граѓаните“.
Миленковска вели дека многу лесно е кога немаш капацитет да креираш вистински политики коишто би значеле вистинска работа, да го впериш прстот кон друг, дека тој е виновен.
„Во изминатава година поголем регрес е направен во нашите човекови права и правно и социјално, па и во јавноста отколку во минатото, за време на Груевски, вели Миленковска и додава дека следно нешто што Мицкоски ќе го направи е забрана за абортус.
Целиот разговор погледнете го во видеото.