
Во пресрет на најголемиот христијански празник Божиќ на наше големо задоволство гостин во вечерашното издание на „Трилинг“ беше Епископ Јаков Стобиски со кого дискутиравме за Божиќ, вредностите во општеството, китењето на елките, храмовите, истополовите бракови, критиките од Љупчо Палевски упатени кон него, како и останатите актуелности.
Отецот Јаков вели дека вечноста е наша крајна дестинација, но вечната егзистенција зависи од она што ние ќе го изградиме.
Во голема мера нашата вечна егзистенција зависи од она што сме го изградиле. Најпрво, самите себе, во какви личности сме се обликувале, дали сме станале слични на Христос, тоа е и смислата на нашето постоење, вели отецот.
Како одговор на прашањето „дали се движиме во погрешна насока“ тој го даде својот одговор.
Најголема опасност е самите на себе да си бидеме критериум и се да мериме и да испитуваме согласно некоја наша мерна единица.
Тој се осврна и на денешното време и денешниот начин на живеење.
Времето во кое живееме, атмосферата, е крајно самољубива и крајно егоцентрична. Не го подготвува и турка човекот во прегратките на другиот, вели Јаков Стобиски.
Стобиски даде осврт на социјалните мрежи, а според него истите го прават човекот несреќен и депресивен.
Сиот овој декор кој го гледаме околу нас што предизвикува еуфорија, во свет во кој човекот се развива како егоцентрично битие честопати не изгледа дека се радува. Но, после тоа празнење еуфорично е несреќен и депресивен. Човекот никогаш не бил поосамен и понесреќен. Наспроти сиот живот кој го има на социјалните мрежи – тој не е реален, потенцира гостинот.
Тој даде коментар и за елките кои се украсени.
Оваа божиќна форма што ја гледаме треба да го иконизира најголемото чудо кое се случи во историјата на човештвото. Еве, гледам елка зад вас, таа е украсена, природата е украсена, ѝ даваме се бидејќи доаѓа специјален човек, тоа е богочовекот Христос. Бог го возљуби човекот, потенцира тој.
На цитатот „Црквите се празни, а кафулињата полни“ свој одговор даде и епископот.
Мојот личен впечаток не е дека храмовите се празни. Кај нас во Струмица храмовите се преполни. Доминантна категорија се младите луѓе во Струмица. Младиот човек секогаш не се задоволува. Секако дека имаме површни луѓе, вели Јаков.
За истополовите бракови тој вели дека црквата е сензитивна на ова прашање.
Кога ќе речете брак секогаш се подразбира на заедница меѓу маж и жена. Затоа ние сме сензитивни кога ќе речете брак, бракот е света тајна. Кога станува збор за какви било заедници надвор од црквата, во однос каков и да е, ние во тоа не навлегуваме. Но, кога ќе речете „брак“ секогаш реагираме, вели гостинот.
На самиот крај тој поентира дека: Во црквата нема место за оние кои се сметаат за совршени!
За Љупчо Палевски, кој патем упатуваше многу критики кон нашиот гостин, епископот Јаков Стобиски беше претпазлив и рече дека не останува ништо друго освен да се оградува од таквите ликови.
„Нашата реторика секогаш е позитивна. На црквата не ѝ требаат луѓе херои кои се изживуваат со други луѓе“, кратко вели тој.
Целото интервју погледнете во продолжение: