(Видео) Експлозија во зграда во Ротердам, три лица исчезнати, едно повредено

Три лица се исчезнати, а едно лице е повредено откако експлозија предизвика голем пожар во станбен комплекс на Шаменкамп во Ротердам, соопштија властите.

Едно повредено лице е пронајдено на улица и веднаш е пренесено во болница, јавува NL Time.

Пожарникарите се уште се обидуваат да го стават под контрола големиот пожар предизвикан од синоќешната експлозија во подземната гаража на зградата.

Експлозијата се случила во автомобил во гаражата под станбениот комплекс, а потоа избувнал пожар, јавува NL Time.

Од силината на експлозијата автомобилот излетал од гаражата на улица, а најмалку едно лице е хоспитализирано, велат од итната помош.

Портпаролот на регионалните служби за итни случаи во Ротердам не можеше да даде информации за природата или сериозноста на повредите на луѓето внатре во објектот.

Според очевидци, експлозијата се слушала на километри, а искршени се десетици прозорци на куќи во близина на местото на експлозијата и пожарот.

Регионалната служба за итни случаи ги предупреди граѓаните на големото количество чад. Три часа по инцидентот, пожарникарите се уште се мачеа да ја стават ситуацијата под контрола.

NL Time додава дека претходно синоќа едно лице било застрелано на улица во областа Ротердам, пренесува Танјуг.