(Видео) Д-р Коцев: Во Кочани нема апарат за компјутерска томографија, но има полуконцертно пијано

„Не знам дали знаете, Кочани има полуконцертно пијано, но Кочани нема ни четвртина апарат за компјутеризирана томографија. Значи Кочани како подарок доби КТ апарат којшто повеќе од 20 години бил во функција на Клиниката за неврологија и Клиниката за неврологија го донираше тој апарат на Кочанската болница. Нормално сите се израдуваа, тоа не е мала работа, но тој е стар апарат и никој тоа не го спомна. Се изврши промоција, се ветуваа кули и градови, се ветуваше дека апаратот ќе работи 24/7, дека тој апарат ќе послужи за дијагностика на сите болести, на сите органски системи. Не знам каков е тој апарат, но вие не можете да работите на дијагностика на болестите на кардиоваскуларниот систем ако тој КТ апарат нема барем 64 детектори. Не слушнав дека некој тоа го спомна, не слушнав колку детектори тој има, не слушнав како средниот медицински персонал и групата на радиолошки техничари од Кочани се едуцираше за тој апарат, и тој не проработе никогаш. Значи таа вест ги пополни сите весници, но никој не спомна дека Кочани во тој момент имаше само еден специјалист по радиологија кој едноставно физички не може да стигне да го работи тоа. Ако немате КТ апарат во современа смисла на зборот вие немате Болница и верувам дека не можете да се пофалите со фактот дека сте град“, вели Д-р Коцев.

„Најголемите несреќи доаѓаат ненајавено. Тоа е еден огормен шок особено кога се работи за луѓе што директно или индиректно ги познавате. Моите родители сѐ уште живеат во Кочани, кога ќе ме прашаат од каде сум и после 20 години јас велам дека сум од Кочани. Нашите македонски автори убаво рекле дека „Домот ви е таму од каде што ви доаѓаат вестите“, тоа го вели Горан Стефановски, а Петре М. Андреевски вели дека „Домот е таму од каде што ви доаѓаат гробовите“. Најлошата комбинација е кога најлошите вести ви доаѓаат токму од таму каде што ви се гробовите, значи од домот. Мојот дом е сѐ уште Кочани“, вели за „Трилинг“, Д-р Константин Коцев од Градскиот завод за белодробни болести и туберкулоза во Белград, за тоа како ја примил веста за трагедијата во Кочани, градот од којшто потекнува.

За несреќата во Кочани и пред неколку години Ковид пандемијата при која земјите меѓу себе си помагаа со потребата од инјекција и дали на сцена е „медицинска дипломатија“ за која се почесто се зборува, што беше случај и овој пат кога Србија изрази подготвеност да згрижи триесетина македонски граѓани повредени во трагедијата во Кочани, д-р Коцев вели дека „медицинската дипломатија“ постои и таа постои „под површината на водата“ која ние не ја гледаме и често забораваме на неа.

„Тоа го покажа и Ковид пандемијата. Земјите се поврзуваат на тој начин. Земјите ги користат своите лекари за правење на конекции што можеби на дипломатски план се и невозможни во даден момент. Ковид пандемијата покажа дека непостои фер плеј, дека секој се бори за себе и за својата нација и дека тука не постојат никакви правила. Токму поради тоа сметам дека сите земји што имаат компас, што знаат каде одат посветуваат доволно внимание на својот лекарски кадар.

-Она што сакам да го нагласам е дека ако ја читате првата Женевска конвенција донесена на 12 август 1949. година во глава 4 член 28 е нагласено дека единствено лекарите и свештениците не може да имаат статус на воени затвореници. Значи во случај да бидат фатени тие ќе бидат ставени во служба на силата која ги презела и тоа можат да бидат задржани само во одредени околности ако ситуацијата на фронтот го наложува тоа. Тогаш пред сѐ ќе бидат употребени со цел да и помогнат на војската што ги заробила, но имаат бенефиции – единствено они можа да ги посетуваат затворениците од своите редови кои се наоѓаат во тие кампови. Значи на времето се знаело кој заслужува почит, а кај нас почитта веќе и ја нема и на одредени професии луѓето се сеќаваат само во случај на крајна нужда“, вели д-р Коцев и го спомна отец Димитар од Кочани којшто сега се најде во центарот на вниманието несакајќи, и сега луѓето ја кажуваат вистината.

„Отец Димитар го спаси Кочани. Тој успеа да го смири Кочани. Мислам дека тоа е голема работа“, додава д-р Коцев.

За тоа дека Кочани го познаваат како град на оризот, но и за тоа дека многумина го познаваат и како град каде се „дила“ дрога, се поврзува со „Франкфуртската мафија“, со случајот „Детонатор“, д-р Коцев вели дека луѓето со кои се дружи не припаѓаат на тие структури, но дека градот е дефинитивно видоизменет.

„На секое доаѓање во Кочани тој делува се потажно и потажно. Буквално срцето ми се кине кога од Кочани се враќам во Белград и очекувам дека со секое доаѓање ќе го видам се потежок. Не знам како ќе го видам сега кога ќе се вратам пак. Ова е еден голем удар. Градот буквално беше на умирање, долги години се мачеше. Зошто Кочани беше во топ вести во црната хроника едноставно не можев да сфатам, мојот мозок не можеше да ги процесуира. Кочани во моите сеќавања е нешто сосема поинаку. Можам да кажам дека во моите сеќавања тој е град на чесни, трудољубиви луѓе, на луѓе што и тоа како посветуваат внимание на перцепцијата којашто ја оставаат во јавноста.

-Во Кочани постоеше здрава компетиција. Фраер беше оној којшто знае повеќе, оној којшто надвор од училиштето има уште еден куп други воннаставни активности. Оној којшто знае да свири гитара, кој знае да пее, да црта, оној кој игра шах. Јас на такво Кочани се сеќавам и само такви луѓе се во моите мисли. Кочани е град на брилијантни поединци. Кочани може да и понуди на Македонија личен и професионален капацитет доволен да се формира Центар за срце во Кочани. Сигурно се праувате зошто? Кочани има шест кардиохирурзи раселени насекаде во светот. За жал еден почина кој дури работеше на „Стендфорд“ во Америка. Има сигурно десетина кардиолози. Би сакал тие луѓе да се обединат, да се поврзат меѓусебно затоа што генерациски се многу блиски. Веројатно не е возможно да се привлечат назад, но ако градот на тие луѓе досега им покажеше дека не заборавил на нив, ако градот им покажеше дека градот мисли на нив, веројатно тие ќе најдеа начин да остварат некоја соработка.

-Она што можеби Македонија треба да го копира од Србија е формирање на регистар на наши македонски лекари секаде низ светот. Србија секој мај организира конгрес на Српска медицинска дијаспора и главен покровител е кралското семејство на Република Србија. Така што многу години сум бил учесник и сум имал прилика да видам дека од САД доаѓаат дваесетина Срби, а тие не доаѓаат сами. Носат барем по уште еден Американец и кога ќе соберете 400 или 500 умни глави на едно место секако дека ќе дојдете до некои убави и пријатни решенија, вели д-р Коцев.

„Не знам дали знаете, Кочани има полуконцертно пијано, но Кочани нема ни четвртина апарат за компјутеризирана томографија. Значи Кочани како подарок доби КТ апарат којшто повеќе од 20 години бил во функција на Клиниката за неврологија и Клиниката за неврологија го донираше тој апарат на Кочанската болница. Нормално сите се израдуваа, тоа не е мала работа, но тој е стар апарат и никој тоа не го спомна. Се изврши промоција, се ветуваа кули и градови, се ветуваше дека апаратот ќе работи 24/7, дека тој апарат ќе послужи за дијагностика на сите болести, на сите органски системи. Не знам каков е тој апарат, но вие не можете да работите на дијагностика на болестите на кардиоваскуларниот систем ако тој КТ апарат нема барем 64 детектори. Не слушнав дека некој тоа го спомна, не слушнав колку детектори тој има, не слушнав како средниот медицински персонал и групата на радиолошки техничари од Кочани се едуцираше за тој апарат, и тој не проработе никогаш. Значи таа вест ги пополни сите весници, но никој не спомна дека Кочани во тој момент имаше само еден специјалист по радиологија кој едноставно физички не може да стигне да го работи тоа. Ако немате КТ апарат во современа смисла на зборот вие немате Болница и верувам дека не можете да се пофалите со фактот дека сте град.

-Значи нам не ни треба полуконцертно пијано, сакаме концертно пијано, не сакаме четвртина КТ апарат, туку сакаме КТ апрат. Тоа е скапа работа и некој тоа мора да го каже јасно и гласно. Значи мора да се погледнеме во огледало, да се прашаме себе си дали ние можеме да го постигнеме нивото коешто го сонуваме. Ако сме сиромашни тоа мора да го признаеме и мора да знаеме дека тоа е скапа дијагностика, дека медицината во целиот свет е исклучително скапа и дека некои работи за нас се можеби навистина недостижни, дека ние со тоа мора да се помириме. Не би сакал да верувам во тоа. Јас сонувам за една друга Македонија, многу поинаква. Практично мојата перцепција за Македонија во многу нешта се разликува од реалната слика во Македонија“, вели д-р Коцев.

За тоа што беше пресудно да замине од Македонија, д-р Коцев вели дека 2003 година донеле фамилијарна одлука тој да добие образование коешто не може да се добие во Македонија и да се дојде до диплома која што нешто значи и во светски рамки.

„Тој пат не беше лесен, не бевме поддржани од никого, не бев стипендист на општина Кочани, уште помалку на Република Македонија и едноставно го избравме возот за Европа. Го избравме потешкиот, а не полесниот пат и првата станица на патот кон Европа е Белград. За жал имавме пари за карта само до Белград. Овде морав да излезам, да останам и овде се вработив. Направив огромен круг на пријатели, живеат само неколку членови на мојата поширока фамилија, но и во Белград сметам дека успеав да создадам сопствен дом, вели д-р Коцев.

Целото интервју со Д-р Константин Коцев од Градскиот завод за белодробни болести и туберкулоза во Белград погледнете го во видеото.