(ВИДЕО) Д-р Дудучки: Нема емпатија, нема знаење, нема кредибилност, тоа е причина за поделено општество

➡Акроним од дијагнозата на македонското општество е МАММА синдром, во превод малигни архетипски македонски мазохистички автодеструктизам. Архетипски изгледа дека на некој начин во колективниот геном ни е вградено дека кубурата ќе ни се најде за некои лоши времиња и дека наведнатата глава сабја не ја сече, односно тој наш следен елемент - мазохизам, како да ни е вграден. ➡Ни недостасува етичко и естетичко образование. Човек кој има естетски критериуми вградени во себе нема да ја уништува и загадува околината во која живее. ➡Мојата сопруга е професор во пензија и на еден состав „што би сакале децата да бидат“, малите кумановчани одговориле дека би сакале да работат во Ирак и Авганистан, еден дел сакале да бидат фудбалери, а еден дел од девојчињата би сакале да бидат Јелена Карлеуша. Сиот тој кич и шунд и во ментална и во културолошка и во социјална смисла е само последица на нелегитимна потреба на одредени структури од општеството да остваруваат енормни профити. ➡Наместо советите да бидат од стари, умни, со искуство, со стручен, научен, искуствен бекграунд ние ставаме деца што само лепеле плакати и трчале за партијата. ➡Треба знаење, треба луѓе со умеење од инфраструктура, од геополитика, урбанизам, хортикултурно уредување, наука, спорт, уметност, култура, правосуден систем, меѓународно право, од сите сфери на општествено живеење. ➡Поделба настана со цел да се створат партиски војски, да се створи еден квантум на партиска клиентела која ќе гласа без поговор. ➡Ајде да направиме психолошко тестови на сите кои седат во парламентот. На сите избрани носители на јавни функции, од претседателот, премиерот, членови на кабинетот. Ајде на направиме. Ајде да ги видиме нивните морални, етички капацитети, нивните интегративни способности. Ќе се разочараме, смета д-р Мице Дудучки.

„Додека работев на ВМА важев за Д-р Хаус по прашање на дијагнозата, бидејќи се занимавам и со социјална психијатрија, така што на вашето прашање како би го окарактеризирал македонскиот психо-профил да одговорам со една кратка дијагноза, односно акроним од дијагнозата на македонското општество, а тоа е МАММА синдром, во превод малигни архетипски македонски мазохистички автодеструктизам“, вели за магазинот „Трилинг“ д-р Мице Дудучки.

„Веројатно оваа дијагноза звучи малку опширно, меѓутоа содржани се сите елементи за нашата општествена стварност.

-Зошто малигни? Затоа што сето ова што се чини од осамостојувањето до денеска, сето тоа е крајно дегутантно и во социјална и во психолошка, во емоционална, во деонтолошка, во било која смисла. Носи со себе еден општ пад на сите општествени вредности. Архетипски изгледа дека на некој начин во колективниот геном ни е вградено дека кубурата ќе ни се најде за некои лоши времиња и дека наведнатата глава сабја не ја сече, односно тој наш следен елемент – мазохизам, како да ни е вграден колективното свесно и несвесно. Исто така како да боледуваме од Стокхолмски синдром, нашите злосторници, на домашните мислам пред сѐ, како на некој начин да ги возљубуваме, да ги идеализираме, да ги обожаваме, што е апсурд, меѓутоа тоа е стварност, додава д-р Дудучки. и додава дека има недостаток на емпатија, разбирање, човекољубие пред се знаење , умеење, способност, кредибилност.

„Сите тие вредности кои ги стекнувавме во време на оној „лош“ социјализам, сега тие вистински вредности за жал се маргинализирани или оние луѓе што ги поседуваат на некој начин не се во мејнстримот на ова општество. Кога зборуваме зошто е тоа така, ќе појдам од првите чекори на градбата на нашето его и на суперегото оти ни недостасува етичко и естетичко образование. Ако ги воспитуваме децата во етичка смисла од мали нозе, тие како млади луѓе ќе бидат етички воспитани, образовани. Како родители исто така. И тие свои вредности, не само низ генетиката, туку низ процесот на воспитувањето, низ процес на идентификација, бидејќи се идентификациони објекти за помладите генерации, ќе служат како позитивен пример. За жал тоа не се случува.

-Исто така не се случува во естетска смисла да ги воспитуваме децата и младите луѓе. Човек кој има естетски критериуми вградени во себе нема да ја уништува и загадува околината во која живее. Не може Скопје па и другите градови во Македонија да се претворат во една депонија и во ментална и во физичка смисла. Естетиката не значи само нешто убаво, туку чинење нешто што ќе биде индивидуално и општествено корисно, добро, убаво, пријатно и за окото и за душата, смета Дудучки.

Фото: Трилинг / д-р Мице Дудучки

За тоа зошто станавме се поагресивни, депресивни, анксиозни, па помалку и апатични, д-р Дудучки вели дека еден дел тоа се должи на влијанието на медиумите, било печатени, телевизија, социјални.

„Мојата сопруга е професор во пензија и на еден состав „што би сакале децата да бидат“, малите кумановчани одговориле дека би сакале да работат во Ирак и Авганистан, еден дел сакале да бидат фудбалери, а еден дел од девојчињата би сакале да бидат Јелена Карлеуша. Не е проблем што Јелена Карлеуша, зборувам како архетип, како патерн, не знае кој е Достоевски, проблем е што ние знаеме која е Јелена Карлеуша. Проблем е што ни се сервира кич, шунд од најдолен вид. Вистинските вредности, знаењето, науката, културата, уметноста, вистинската музика, сето тоа е на маргините потиснато од сите оние негативни влијанија и од нашата општествена стварност и негативни влијанија од т.н западна култура“, вели д-р Дудучки.

Прашан кој го форсира тој кич и зошто дозволуваме тоа да се протне кај нас, Дудучки смета дека причината е што некој има, пред сѐ материјален интерес.

„Сиот тој кич и шунд и во ментална и во културолошка и во социјална смисла е само последица на нелегитимна потреба на одредени структури од општеството да остваруваат енормни профити. Замислете на тие српските ријалити шоуа, од најдолен вид уличарки, дебилни луѓе, извитоперени луѓе, тие преку таквите медиумите каде што се емитуваат, стануваат мега ѕвезди, стануваат популарни. ВО исто време нема да знаеме дека некое детенце по име Македон е врвно интелектуалче за своите години. Нема да знаеме кој е Марко Ќаласан, едно дете генијалче, најмлад инженер по софтвер. Нема да знаеме кои се вистинските спортисти, вистинските вредности во театарот, културата, во филмската индустрија, во книжевноста, затоа што глобализмот тоа го наметнува, а ние пак со зинати усти тоа го прифаќаме од исклучиво лукративни интереси.

-Како тоа ќе го решиме? Во ред, не сум моралист, пуританец, ќе постојат и такви работи, ама се тоа тоа ќе го оставиме на маргините на општеството и сето тоа ќе го оданочиме со голема стапка на данок, а тие оданочени средства ќе одат за вистинската култура, за вистинската уметност, наука, школство, здравство, економија, екологија, инфраструктура“, вели Дудучки.

Фото: Трилинг / д-р Мице Дудучки

Околу колумната која пред една деценија ја има напишано каде вели дека „на градовите им се потребни волонтерски организации од експерти, бизнисмени, родители, културни дејци кои ќе даваат поуки и ќе бидат коректив на сите глупави урбани решенија“, д-р Дудучки вели дека со години им говори на градоначалниците дека во советите имаме делегатски систем.

„Па нели тоа не чинеше? Наместо советите да бидат од стари, умни, со искуство, со стручен, научен, искуствен бекграунд ние ставаме деца што само лепеле плакати и трчале за партијата. Немам ништо против младите луѓе, но треба знаење, треба луѓе со умеење од инфраструктура, од геополитика, урбанизам, хортикултурно уредување, наука, спорт, уметност, култура, правосуден систем, меѓународно право, од сите сфери на општествено живеење. Во секоја општина сум сигурен дека има волонтери, луѓе, кои своето знаење, умеење, искуство бесплатно ќе го дадат за некој проблем што ќе се јави во средините. Значи се тоа се решава со знаење, а не со декрет. Не се решава со универзални експертутки од општа пракса. Значи за се ги бива, а за она што треба да го работа се ко моето презиме – дудуци.

-Затоа велам – нема да имаме лезилебовиќи кои ќе одат само да испијат кафе во општината и да кренат рака. Нема да имаме паразити во надзорните и управните одбори. Тоа не е потребно. Ќе има од самата фирма, од самата компанија ќе има стручњаци кои ќе ја контролираат работата на менаџерскиот тим“, смета Дудучки.

Прашан зошто се доведовме до поделено општество, д-р Дудучки смета дека таа поделба настана со цел да се створат партиски војски, да се створи еден квантум на партиска клиентела која ќе гласа без поговор.

„Тие само ќе климнат со глава. Е таквата поделба на клиентелизам создава бипартизам во општеството или бинационалност во општеството“, вели д-р Дудучки.

Д-р Мице Дудучки е и еден од иницијаторите за помош на родителите и децата од кочанската трагедија. Во „Трилинг“ говореше и за тоа како се санираат психолошките трауми во овој град.

„Со синот и неговите колеги донесовме одлука не тие трауматизирани деца, родители, семејства да доаѓаат на клиника или во нашите ординации, туку ние да бидеме во тие први редови. Како воен лекар порано, како невропсихијатар бев на боиштето како лекар доброволец и таму ги решававме оние психо-трауматизирани, на првата борбена линија и таа доктрина ја применивме и сега. Отидовме со цел на тие деца да им пружиме имедијатна, брза, стручна помош, психолошко-психијатриска и младите психолози работеа и во Кочани, но и на клиниките. Покрај креветот на пациентот, на болниот од опекотини, од трауми, од гушење ние им помагавме. Е сега која е хипокризијата? Ние донесовме одлука тие луѓе, социјалните случаи, бранителите, инвалидите, децата и семејствата на настраданите, децата со посебни потреби да ги лекуваме бесплатно. Замислете која е гадоста од Фондот – ние можеме тие деца да ги прегледаме бесплатно, ама тие не можат да ги земат лековите кои одат на позитивна листа и за кои нивните родители плаќаат доприноси, затоа што лекарот бил приватен лекар, затоа што договорот со Фондот истекол. Нека им служи на чест. Јас тие глупости и лудости ги критикувам, но исто така и Лекарската комора која не мрда со прст“, смета Дудучки.

Во разговорот во магазинот „Трилинг“, д-р Дудучки вели дека нашата поголема деструктивност се должи на тоа што ние не се идентификуваме со вистински луѓе кои биле прави водачи на општеството, кои биле творци на здрави нормални општества.

„Лидери биле Ѓузепе Манцини, Ѓузепе Гарибалди, Хо-Шимин, Ганди, Маршал Тито. Тоа биле лидери. Тоа биле луѓе кои имале визија. Овие сега не се лидери. Овие се партиски послушници, нечии марионети. Ајде да направиме психолошко тестови на сите кои седат во парламентот. На сите избрани носители на јавни функции, од претседателот, премиерот, членови на кабинетот. Ајде на направиме. Ајде да ги видиме нивните морални, етички капацитети, нивните интегративни способности. Ќе се разочараме. И ќе видиме дека е тука тој IQ 89, на ниво на дебилност. Зарем оваа земја нема поквалитетни луѓе, слободомислечки, креативни, способни, со вистински вредности: Има ама се на маргините на општеството. И се додека овој талог не го тргнеме од фокусот на општественото внимание, а вистинските вредности да ги вратиме во фокусот на општеството, за да ги искористиме нивните потенцијали за подобро живеење на граѓаните. За мене знаеше што е патриотизам? Нормален, квалитетен живот на граѓаните. Не е да се удираме во гради и да правиме споменици на секој чекор. Тоа е идиотизам“, вели д-р Мице Дудучки.

Целиот разговор погледнете го во видеото.