(Видео) Дупка длабока над 2 метра проголта автомобил на пат во Сеул

Во Сеул на фреквентен пат се отворила огромна дупка која буквално проголтала автомобил, а во таа прилика биле повредени маж (82) и жена (76).

Несреќата се случила на 29 август недалеку од центарот на градот.

На видеото кое беше споделено на интернет се гледа дека сообраќајот се одвива нормално по сите коловозни ленти, но во еден момент патот пропаѓа и автомобил паѓа во дупка, пренесуваат медиумите.

Во автомобилот имало брачен пар, а во несреќата повредени се и двајцата.

Подоцна беа објавени фотографии на кои се гледа автомобилот, превртен на левата страна, во дупка длабока повеќе од 2 метра.

Спасувачите по пријавата излегле на местото на настанот. Го извлекле прво повредениот, кој управувал со возилото, а потоа и неговата сопруга од совозачкото седиште.

Не се соопштуваат детали поврзани со здравствената состојба на патниците. Двајцата се пренесени во најблиската болница.