„По уставните промени нема да има нови условувања за прием во ЕУ“, изјави германската амбасадорка Петра Дрекслер за вечерашното издание на „Трилинг“.
За актуелните политички прашања како „дали резолуцијата во Бундестагот ќе ја забрза постапка за уставните промени“, „внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот“, „што следува по уставните измени и дали Северна Македонија ќе влезе во ЕУ“ вечерва дискутираме со новата германска амбасадорка.
Дрекслер на почетокот на емисијата накратко ги опиша своите први впечатоци по два месеца во Северна Македонија. Таа изјави дека со нашата држава е запознаена уште пред нејзиниот престој тука, ги читала авторите Андреевски, Никола Маџиров, Румена Бужаровска, Лидија Димковска. Нејзините првични впечатоци за Северна Македонија се позитивни и вели дека ќе работи кон тоа да ги приближи македонското и германското општество во европска рамка.
На прашање од новинарот Чомовски околу германската резолуција, што преставува истата и која е пораката на Бундестагот, таа одговори дека по уставните промени нема да има нови условувања за прием во ЕУ.
Прво, важен сигнал е што Бундестагот, пратениците од Бундестагот се бавеа со ситуацијата во Северна Македонија, со европската перспектива на оваа земја преку своја дебата. Германската поддршка на европската перспектива на Северна Македонија одамна е цврста позиција на нашата надворешна политика, вели германската амбасадорка Петра Дрекслер за „Трилинг“.
Таа потсети за посетите на германските функционери претходните години како Франк-Валтер Штајнмајер, Аналена Бербок, Олаф Шолц и додаде дека Германија ќе се залага за ЕУ геополитички да остане делоспособна и во иднина.
Минатата недела Бундестагот ја повика Владата да ја поддржи Северна Македонија во сите нејзини реформски чекори во правец на Европската Унија, конструктивно да ја придружува и пратениците го земаа тоа за повод уште еднаш да ја искажат својата почит кон македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската култура. И ова одамна претставува цврста позиција на германската надворешна политика и резолуцијата на Бундестагот покажува дека оваа позиција почива на многу широка основа во Германија, дека има голема поддршка и дека тука во земјата може да се потпрете на таа поддршка.
Во 2004 г. имаше резолуција на Бундестагот со која тогашната Влада беше повикана да го поддржи, пред сè, спроведувањето на Рамковниот Охридски договор. Разликата меѓу тогаш и сега е дека од една страна, спроведувањето на овој договор беше многу успешно, мирниот соживот меѓу етничките групи во земјата е загарантиран со целосното учество во политичките процеси на одлучување, а втората разлика е што денес во рамките на ЕУ постои едногласност што се однесува до започнувањето на пристапните преговори меѓу Европската Унија и Северна Македонија. Преговарачката рамка е утврдена, потенцира германската амбасадорка Петра Дрекслер.
Таа зборуваше и за внесувањето на бугарското малцинство во преамбулата на Уставот и заклучи дека нови услови нема да бидат поставени кон Северна Македонија.
Вклучувањето на бугарското малцинство во Преамбулата на уставот е дел од преговарачката рамка, што Северна Македонија ја склучи со 27 земји-членки на Европската Унија. Така што овој чекор во преговарачката рамка е одреден и самата преговарачка рамка е утврдена. Тоа значи дека надвор од оваа преговарачка рамка не може да има нови услови, и дека следниот чекор служи за отворање на пристапни преговори и е многу јасно дефиниран.
И тоа што е утврдено во оваа преговарачка рамка Ви ја нуди најдобрата гаранција дека не може да има нови услови. Понатамошните чекори во правец на ЕУ ќе зависат од напредокот, од спроведувањето на реформите, реформите во областа на правосудството, јавната администрација, ефикасната борба против корупцијата и организираниот криминал, зајакнување на демократските институции, зајакнување на правната држава. Сето тоа е во рацете на Северна Македонија и таа може да го одреди темпото за следните чекори, заклучи амбасадорката Петра Дрекслер.