(Видео) Димовска: Управниот суд де факто реши во моја полза, но ми ускрати и право

„Доколку се случеше ова порано, а јас бев многу краток период во Судскиот совет, можеби и ќе размислев да се кандидирам за уставен судија. Но сега после две години јас ги кажав моите мотиви кои беа, за да ја поднесам тужбата, ќе излезам дволична. Затоа велам дека Управниот суд де факто реши во моја полза но ми ускрати можеби и право“, вели Димовска.

Очекував Управниот суд ова прашање да го разреши многу порано, дека ќе го разреши во еден многу поразумен рок. Рокот од две години, јас воопшто немав намера да предизвикам потрес како што сега се случи па да се отворат сите дилеми. Доколку ова беше многу порано ќе беше поинаква ситуацијата, изјави за „Трилинг“ судијката Антоанета Димовска говорејќи за тужбата која ја поднесе пред Управниот суд за неправилна постапка од страна на Судскиот совет и за поништување на изборот на Елизабета Дуковска за уставен судија.

„Но не дека Управниот суд не постапувал, тој на два пати се произнесуваше по мојата тужба, еднаш ми ја отфрли поради ненавременост, вториот пат поради недостаток на активна легитимација. Тоа изискуваше поднесување жалба до Вишиот Управен суд, па тој носеше одлуки со кои ги укинуваше одлуките на Управниот суд. Не можам да кажам дека судот не постапувал, но зошто за мериторно одлучување требаше толку време. Мислам дека треба да се има сенс за вакви ситуации и да се одлучува многу побргу“, смета Димовска.

-Јас не знам што би се случило доколку имало понатамошно гласање и мислам дека не би ги добила гласовите. Но Судскиот совет постапувал онака како што постапувал од секогаш, како што постапувал и кога ги бира судиите во повисок суд. Оној што ќе ги добие потребните осум гласови тој е избран. И судот одел исклучиво по таа аналогија. Јас убедена сум дека Судскиот совет не сакал мене да ме анулира, но во отсуство на други поразработени правила тоа така произлезе. Јас тука ќе застанам затоа што одлуката на Управниот суд е донесена, сега се отворени многу правни дилеми, бидејќи навистина е преседан. Јас како заинтересирана страна тврдам дека сум во право, но и покрај тоа што јас ја имам пресудата и другата страна треба да се произнесе затоа што и таа има свој дел од вистината. Треба да се изанализира таа одлука, да се види што ќе се направи понатаму. Затоа велам дека не треба ниту да се чувствува триумф, ова е само еден поттик за правната наука и за нашите законотворци да видат дека не секогаш добро размислуваме кога носиме некои законски решенија.

Фото: Трилинг / Антоанета Димовска

За тоа како е возможно Судскиот совет да си допушти да гласа за избор на уставна судијка а потоа за нејзе да гласаат и пратениците во Собранието, Димовска вели дека Судскиот совет бил убеден дека постапува по закон.

„Јас убедена сум дека Судскиот совет не би одел да прекрши закон бидејќи се се избира судија во повисок суд а вие немате регулирано на кој начин ќе се утврди предлогот се одело по аналогија, дека ќе се избере тој што ќе добие осум гласа. Не се работи за намера некој да биде дисквалификуван. А по однос на Собранието исто така не можам да кажам како собранието постапувало“, смета Димовска.

Таа додева дека не се обидува некого да заштити и не би се нафатила да поднесе тужба заради нечива заштита.

„Многу чудно беше протолкуван Фејсбук статусот на професорот Прешова дека ме натерал. Не тоа беше во консултација. Тој беше навистина упорен во тоа кога неколку пати ме праша, вие сте многу отворена и сакате да зборувате за проблемите, ајде да го тестираме системот како ова ќе функционира. И јас се сложив. Тоа е така, но јас не се трудам никого да заштитам и ништо да релативизирам. Не сакам да добие ова политичка конотација. Ова е правно прашање за коешто мора и струката и науката да го кажат своето. Ако нешто за прв пат се случува тогаш треба да се седне и да се види дали ни е потребна законска промена, што значи оваа одлука итн. Затоа јас во овој момент не сакам да коментирам. Ова се разрешува само со ладна глава и не со триумфализам и зафаќање страна. Сакам да верувам дека од оваа ситуација сите ќе излеземе победници на начин што ќе изградиме правен систем во кој нема да има правни празнини и простор за некој да мисли поинаку или да се чувствува дека е оштетен. Тука мора да истакнам и дека судовите мора да имаат сенс кои предмети мора итно да се решаваат. Не велам дека некој што чека здравствена заштита не треба итно да се реши, но овие предмети коишто може да предизвикаат вакви ситуации и последици мора да имаат приоритет“, вели Димовска.

Фото: Трилинг / Антоанета Димовска

За тоа дали сега доколку има нов избор за член на Уставен суд би конкурирала за избор Димовска вели дека после две години не.

„Доколку се случеше ова порано, а јас бев многу краток период во Судскиот совет, можеби и ќе размислев. Но сега после две години јас ги кажав моите мотиви кои беа, за да ја поднесам тужбата, ќе излезам дволична. Затоа велам дека Управниот суд де факто реши во моја полза но ми ускрати можеби и право“, вели Димовска.

Говорејќи околу негативната перцепција за работата на Судскиот совет, судијката вели дека тука се клучни неколку моменти.

„Пред сѐ јас воопшто не знам од каде произлезе дека судството има 2% доверба. Се сомневам во тоа. Таа анкета не е точна. Ние имавме неколку анкети. Анкетата на Светската банка која презентираше во Брисел и беше официјално направена излезе дека 28% од странките веруваат во судството и 32% од адвокатите. Потоа независна анкета направи Здружението на судии каде овие проценти беа многу повисоки, но никако не беа 2%. Јас не знам кој има бенефит од пласирање на нешто што навистина не е така. Може 2% имаат апсолутна доверба. Имате апсолутна доверба, доверба, делумна доверба, но тоа е се доверба и кога вие се тоа го пласирате на тој начин и кај граѓаните се создава револт. ние имаме анкети кои се направени и со луѓе кои воопшто не знаат каде се наоѓа судот. Немале ни судски спор.

-Јас не велам дека е идеално во судството, но мора да бидеме свесни и за државата во која живееме. Ништо не е идеално. Сите се стремиме да бидеме подобри. Еве проблемот на судството – предвидениот максимален буџет е 0,8% од БДП. Ние добиваме 0,3%. Не знам дали сте биле во суд, во судница да видите дека судовите не ни се бојосани. Немаме човечки ресурси. Човечките ресурси се сведени на пополнетост од 30-40% во судовите. Имаме судови во кои немаме записничари. Судот не е само судијата, тука има многу чинители. Судската администрација се златните раце во судството кои многу допринесуваат а ние имаме нивен недостаток. Не е одобрено ниту едно вработување. Министерството за финансии нема слух. Како ќе го подобриме судството? Како ќе добиеме побрза правда? Тоа се прашања кои се за сериозна дискусија“, вели Димовска.

Целиот разговор погледнете го во видеото.