„Македонија стана приватна држава на политичките субјекти која се управува исклучиво на локациите кај што се лоцирани политичките субјекти. Не таму каде што е местото, во владата, во локалните самоуправи, во канцелариите на оние коишто граѓаните ги бираат. Ние ќе формираме политичка партија со луѓе кои до сега немаат опашки, ниту хипотеки или пак обврска кон никој за да служат на граѓаните. Ќе понудиме многу поразличен концепт и ќе понудиме нешто ново, нови луѓе кои се докажани во своите средини од различни области, луѓе кои не биле во светот на политиката во минатото”, вели градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски во вечерашното гостување во Дневник на Сител телевизија.
Димитриевски не очекува до крајот на годинава да се случат предвремени избори, но како што вели, тие ќе бидат подготвени за кога и да се случат тие.
„Можеме уште утре да се организираме. Тоа се случи во Куманово, ги повикавме граѓаните кои ни дадоа поддршка, излеговме на избори и ја добивме поддршката на граѓаните. Зошто најдобро знаат граѓаните. Вчера имавме состанок со девет невладини организации коишто успеавме да ги формираме на територија на целата држава и секако тие организации ќе бидат дел од иницијативата за формирање на партијата која што би требало да се случи кон крајот на септември, почеток на октомври. Измешан е составот, има луѓе кои биле некогаш во СДСМ и во ВМРО, но најголем дел од луѓето се тие коишто прв пат ќе влезат во политиката бидејќи чувствуваат дека состојбата е претежно многу тешка во државата, дека живееме во многу комплицирана држава која што е зависна од политичарите и едноставно, мора да ја ослободиме за да им ја дадеме на граѓаните назад”, вели тој додавајќи дека идната партија на Димитриевски нема намера да биде во опозиција.
„Имаме намера да ја преземеме одговорноста и да ја водиме државата и да ја реорганизираме, да ја направиме да биде самоодржлива и да поднесеме одговорност пред граѓаните. Во моментот ние дејствуваме како опозиција со сите тие граѓански здруженија, но на следните избори ќе се бориме за да освоиме власт. Доколку постои граѓанска поддршка, а постои, сметам дека ќе освоиме голем број мандати во идниот парламент. Ние ќе учествуваме на сите избори кои ќе се одржат во идниот период”, истакнува Димитриевски, нагласувајќи дека би имале и свој кандидат за претседателските избори.