Како да се врати довербата во македонското правосудство? Оваа влада пикира кон комплетно распуштање на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Но експертската екипа од ЕУ не препорачува распуштање на Судскиот совет.
Професорката по кривично право од Правниот факултет во Скопје – Александра Деановска Трендафилова во најновото издание на Трилинг за тоа што ќе донесат новите измени на Кривичниот законик рече дека „Кривичниот законик беше предмет на измени повеќе од 30 пати, а беше востановено и дека повеќе кривични дела се наоѓаат во посебни закони. Заради фактот што ние како држава потпишавме многу меѓународни конвенции се појави потреба да не се работи за парцијални измени туку да напишеме нов Кривичен законик“.
Деановска Трендафилова смета дека „Бришењето на еден од облиците на злоупотреба на службена положба и овластување, односно искористувањето, претставува кардинална грешка. Ако го земете зборот искористување тоа знаи извршување на службената положба за цели кои се нелегитимни или забранети. Тоа е нешто што ниеден кривичар не би го поддржал. Намалувањето на казните исто така. Како резултат на намалувањето на казните, бришењето на одредени облици, па дури и додавањето на еден елемент, тоа е посебата намера кај извршителот предизвика последици кои се сериозни и кои одат во сосема спротивен правец од она што беше декларативна заложба на државата и предлагачите застарување на голем број коруптивни кривични дела. Тука сега за да ги намалите штетните ефекти треба да ја примениме конфискацијата“.
Таа смета дека тука сега „обвинителите и судиите можат многу да направат бидејќи се предвидени посебни постапки за застарени предмети, да се утврди дали некое дејствие генерирало некоја незаконска корист и сето тоа во рамки на законот да се конфискува“.
За најавите за целосно укинување на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и дали тоа ќе ја врати довербата во правосудството и дали сите се криви за состојбата, професорката вели „Загриженоста е оправдана, треба сериозно да се разгледаат сите фактори. Проблемот е комплексен. Со децении зборуваме за реформи. Реформи на системот би значело сериозно враќање назад. Дали би било фер барање колективна наспроти индивидуална одговорност. Треба да се задржиме на индивидуалната одговорност, за состојбите во судството, мнозината судии и јавни обвинители се стручни и професионални, но мал број ако има во системот луѓе кои неетички ќе постапуваат, ама се на позиции од кои имаат влијание, доаѓаме до ваква ситуација“.
„Нема формула како да се смени матрицата кај делителите на правдата, човек или има или нема интегритет, треба да одиме со одредени законски измени кои нема да дозволат одредени тела во државата да не постапуваат или да не одговараат за несторувањето“ смета професор Деановска Трендафилова која тврди дека „строгите казни не значат дека нема да го намалат криминалот“.
Смета дека „ние имаме едно од најстрогите кривични законодавства во Европа, но казнената политика е генерално блага, па кај кривичните дела против службената должност, истражувањата покажуваат дека 70% од изречените санкции се алтернативни мерки, а 99% од изречените алтернативни мерки се условни осуди“.